(Колумната на Новица Наков првично беше објавена на неговиот блог. Реобјавено е со негова дозвола.)

Од февруари 2015 година опозицијата предводена од Зоран Заев објавува т.н. бомби коишто ја откриваат „вистината за Македонија“. Тие тврдат дека снимките содржат наводни скандали, корупција, злоупотреби од страна на водечките луѓе во Владата и владеjачките прартии. Но, исто така тврдат дека овие снимки не се само некои или неколку снимки кои што случајно се направени, туку дека се дел од милиони записи од следење на комуникации на повеќе од 20.000 граѓани. И додека оваа приказна главно останува непроменета, еден нејзин дел се менува: тоа делот за улогата на телекомуникациските оператори во оваа афера. Првичните изјави (12.02.2015) на Зоран Заев се дека прислушувањето не било возможно без знаење на операторите, но веќе по две недели (27.02.2015) Заев на прес-конференцијата за бомба #5 изјави дека одговорност нема кај операторите.

Бидејќи ваквите изјави покренуваа сомнеж за тоа што навистина се случило во врска со наводното масовно прислушување на 20.000 граѓани, уште во февруари започнав со истражување на законите. Тогашната анализа ме доведе до следните сознанија:

  1. Член 115 став 2 од Законот за електронски комуникации овозможил користење на технологија за масовно прислушување во јуни 2010;
  2. Оваа законска можност, сепак (за среќа?) траела само 6 месеци затоа што Уставниот суд на Република Македонија ги поништил одредбите со одлука во декември 2010;
  3. Истиот тип на прислушување повторно е законски овозможен во февруари 2014 со новиот Закон за електронски комуникации.

Според повеќе извори (опозицијата, новинарите, аналитичарите) голем дел од снимките потекнуваат од период 2011-2014 година, па логичното прашање, ако тврдењето за 20.000 луѓе и милиони разговори е неоспорено, е што се случило со технологијата (кратко) дозволена во 2010 во периодот 2011-2014?

Логично, барем за мене, беше ова прашање да го поставам до операторите (T-Mobile, Македонски телеком, Vip и One) и до регулаторот (АЕК) во форма:

  1. Кои дејства ги презеде операторот со цел спроведување на одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У. Број: 139/2010-0-1 од 15.12.2010 г.?
  2. Кои дејства ги презеде Агенцијата за електронски комуникации со цел утврдување на спроведувањето на одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У. Број: 139/2010-0-1 од 15.12.2010 г. од страна на телекомуникациските оператори?

Понатаму, бидејќи бројот на случаи за кои судовите дозволиле посебни истражни мерки, што меѓу другото вклучува и следење на комуникации, е јавно достапна информација, логично е и да ги прашам операторите колку барања стигнуваат кај нив поедниечно, посебно во однос на задржаните податоци од нивните корисници. Ова е комплетно статистичка информација: ако знаеме дека во 2013 година имало 226 одобрени следења на комуникации, тогаш информацијата по оператор ќе ни каже кој оператор со колку барања придонесол во истрагата.

Сите овие барања беа одбиени, најчесто по основ „класифицирана информација“, освен АЕК, која воопшто не одговори. За сите е поведена постапка пред Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер и сега го чекам нивниот одговор. Се надевам дека Комисијата ќе најде дека одговори на прашања за спроведување на судска одлука и прашање поврзано со анонимна статистика не може да останат непознати за јавноста.

До нивинот одговор, во оваа галерија се одговорите на операторите.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии