Моќта на црната боја

Ова е гостински текст од агенцијата за маркетинг и адвертајзинг squareONE, кој е дел од IT.mk серијалот тeкстови на тема маркетинг, дизајн и дигитални медиуми.


Во нашите претходни блогови го споделивме основното знаење за улогата на изборот на боите во вашите маркетинг кампањи и нивното влијание врз перцепцијата на вашиот бренд. Носењето на овие одлуки е тешко, бидејќи секој поединец ги филтрира боите на сопствен начин. Оттука, разбирањето на перцепцијата на потрошувачите е од суштинско значење за да се донесе вистинска одлука за избор на боја која би била претставник на вашата компанија.

Овој пат би започнале со изјавата дека: “Црната боја всушност не е боја, туку апсорпција на сите бои”.

Црната боја е многу позната по моќта да рефлектира множество на емоции. Таа ја симболизира смелоста, софистицираноста, авторитетот и елеганцијата. Гледано од призмата на визуелната естетика, црната боја е “тешка” боја. Затоа, истата пренесува силни пораки. Најчестите асоцијации на црно се моќ и авторитет. Тоа е главната причина зошто голем број брендови кои сакаат да имаат пософистициран имиџ, користат црно сè со цел да ја истакнат својата доминантност на пазарот.

Дали некогаш сте забележале дека судиите, адвокатите и членовите на свештенството носат црни облеки? Постои причина зад ова. Познато е дека сите тие имаат власт и авторитет. Тоа се рефлектира на нивната црна облека која овие моќни луѓе ја носат при вршењето на својата должност.

Користејќи ја истата практика, брендовите кои сакаат да се претстават на силен и препознатлив начин користат црно во своите маркетинг визуелни елементи. Поголемиот дел од модните компании од високата мода ја користат црната боја и во основите на нивниот логотип. Целта зад ваквата одлука лежи во фокусот да се презентираат како софистицирани и храбри, искористувајќи ја моќта на црната боја која ги елиминира големиот број индивидуални емоции, овозможувајќи им супериорна улога на нивните целни пазари.

Друг заеднички симбол и значење на црната боја е елеганцијата. Графичките дизајнери користат црно со цел да отсликаат елегантен допир и стил во нивните дизајни. Доколку вашата компанија сака да ја проектира елеганцијата како нејзина основна вредност, користете црна боја. Со елеганцијата секогаш ќе дојде и софистицираноста!

Во дизајнот на амбалажите на производите пак, повеќето брендови користат црно за да ги пренесат своите врвни карактеристики. Многу веб-дизајни се целосно црни за веднаш да дадат јасна слика дека брендот е со високи цени и се разликува од другите. Многу од дизајнерите сметаат дека е најдобро да се користи црно секогаш кога брендот сака да пренесе порака на авторитет. Листата на познати брендови кои користат црна боја во своите маркетинг кампањи се: Blackberry, Tiffany & Co., Apple, Disney, Nike, Gillette, Adidas, Sony, Ralph Lauren и MTV. И покрај симболиката на елеганција, причината поради која голем број брендови се наоѓаат на листата лежи и во природата на самата боја, која пред се е разновидна и лесна за комбинација со било која друга боја.

Графичкиот дизајн треба да биде едноставен за луѓето да можат јасно и веднаш да ја интерпретираат пораката. Така ако видите едноставен дизајн на бизнис картичка, тој секогаш остава добра импресија и јасна препознатливост. Ова покажува дека црната е едноставна боја и кога се користи во дизајнот ја елиминира потребата од други бои, што го прави и самиот дизајн многу поедноставен.

Црната боја носи традиција и модерност со еднаков благодет. Денес, модерните дизајни се карактеризираат со елегантен и стилски изглед, збогатен со помош на комбинација од чисти линии и минимален дизајн.

Црната со сигурност е моќна боја, но треба внимателно да се користи во дизајните. Една од главните причини за ова е тоа што црната е надмоќна боја. Ова значи дека доминира врз останатите елементи во графичкиот дизајн. Затоа, кога ја користите оваа боја, многу е важна разумната композиција на останатите елементи  кои се составен дел од дизајнот.

Додека многу луѓе мислат дека црната боја е досадна и депресивна, ние не би можеле да се согласиме: црната е вечна боја! Од наша гледна точка црната е многу резервирана боја. Таа сака да остане скриена и одделена од другите. Поради оваа причина црната е задолжителен избор во колор мапите на сите дизајнери, но примената и распределбата на истата бара голема претпазливост.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии