Моќта на отворените податоци

Отворени податоци е идејата дека податоците се јавно и  бесплатно  достапни за користење и обработка без дополнителни рестрикции, а овој концепт, особено популарен во јавниот сектор низ светот им овозможува на граѓаните да имаат поголемо влијание врз одлуките на  власта, а на власта пак да се истакне како транспарентна и поодговорно да се однесува со средствата на луѓето, бидејќи секој податок е јавно достапен. Она што можеби е најважно дека со овие податоци е овозможена еден вид јавна контрола врз давачките и трошоците. Благодарение на технологијата граѓаните можат сами да ги обработуваат и да носат одлуки и заклучоци врз база на овие податоци. Токму заради ова и на отвореноста на податоците се гледа како на едно од средствата за зацврстување на демократијата и демократските процеси.

Минатата недела бевме сведоци на два настани кои ни ги потврдија можностите и моќта на отворените податоци.

Маршот за чист воздух и целото подигање на свеста за загадувањето на воздухот е благодарение на визуелизација на отворените податоци кои се добиваа од мерните станици, чии податоци благодарние на едноставната апликација МојВоздух се популаризираа и отворија многу дебати. Уште во 2015-та пишувавме на оваа тема, која тогаш за прв пат отвори дискусија и во парламентот.

Вториот настан сè уште актуелен е „отворањето на државната каса“. Минатата недела Министерството за финансии ја претстави веб-платформата „Отворени финансии“ – чија цел е да овозможи на јавноста увид во податоците за реализација на сите буџетски корисници на буџетот на државата со кои што располага Трезорот на Министерствотот за финансии. Можеби ја пропуштивте оваа вест, но без сомневање не ги пропуштивте анализите кои следеа по активирањето на платформата. „Трансакциите на СЈО“, „Исплати од Собранието на РМ“ и слични анализи се базираат на податоци од оваа платформа и разгорија голем број дебати.

Објавувањето на податоците на веб-платформата ќе биде и законска обврска на сите државни институции. Во владата се убедени и дека благодарение на платформата  институциите ќе работат поефикасно  и поодговорно, а парите на граѓаните ќе бидат трошени подобро. Секако со оваа платформа ќе се подобри транспарентноста и ако се работи одговорни, би можела да се врати и довербата во институциите.

Овој пример е доста интересен бидејќи е одличен показател за тоа како граѓаните со лесна обработка на овие податоци можат различно да влијаат на различни сфери во општеството, на пример на корупцијата и лудото трошење на државни пари од политичките структури. Со само неколку табели кои ги сподели Игор Трајковски, основач на Time.mk и професор на ФЕИТ, дознавме каде и како се трошеле нашите пари, сортирани и лесно разбирливи.

Во Македонија за жал сè уште нема многу добри примери на споделување и на обработка на овие податоци, но за среќа ова може доста брзо и да се промени. Потребни се неколку проекти кои навистина ке функционираат, можеби дури и хакатон на кои ќе се разработат неколку нови идеи и решенија. Неколку нови решенија можат да отворат нови канали и начини за комуникација помеѓу граѓаните и властите во една држава, што треба да биде главен фокус на проекти како е-влада.

Концептот на отворени податоци

Идејата за „отворени податоци“ е дека  некои податоци треба да бидат бесплатно достапни за сите. Овие податоци ќе може да ги користат, обработуваат и реобјавуваат сите без да се грижат за авторските права, патентите и слични механизми за заштита. Овие податоци може да бидат различни, но најважни се отворените податоци од државните институции. Овие податоци често се собираат од секојдневието на граѓаните и овие податоци се креирани од државни институции.

Најчесто користената дефиниција за отворен податок е:

„Некој податок може да го сметаме за отворен ако секој е слободен да ги користи, да ги употреба и редистрибуира – единствено подлежи на барање за одбележување на изворот и / или споделување резултатите под исти услови“.

Кога станува збор за податоци кои се добиени со финансирање од парите на граѓаните токму ова е главниот аргумент за јавната достапност на овие податоци.

Неколку примери на користење отворени податоци

Европската Унија на European Data Portal има објавени неколку успешни проекти и примери на употреба на јавни податоци.

Со помош на отворените податоци треба да се помогне во решавање на 3 проблеми: како да се спасат животи; како да се заштеди на време и како да имаме придобивки во животната средина. Само во еден сектор – транспорт – се забележани следните податоци: намалени се жртвите на патиштата во Европа за 5,5 отсто, со анализа на податоците намалено е и непотребното времето за чекање при транспорт за 629 милиони часови.

Благодарение на овој концепт на отворени податоци Њујорк отпочна со иницијативата „Poverty in NYC“. Со помош на податоци локалните власти лоцираат различни зони во кои треба да се влијае за намалување на сиромаштијата. Врз база на прибраните податоци изработена е мапа на градот за различни реони. Ова возможува иницијативи кои треба да им помогнат на најсиромашните навистина и да помагаат каде што е потребно.

Мајами-Дејд (Miami-Dade) е област која е погодена од климатските промени. Во соработка со локалните власти повеќе компании како AT&T, Cisco, Intel работат на инсталирање на 305 Wi-Fi киосци. Целта на овој проект е да го подготви Мајами за подобро да ги предвиди инфраструктурните „жешки“ зони.

Понекогаш овие проекти се и многу поедноставни и не решаваат некои големи проблеми, но тоа не ги прави помалку важни. Greenway е еден ваков проект. Станува збор за веб мапа и апликација за насочување на луѓе кои се рекреираат со возење велосипед или пешачење. Благодарение на отворените податоци креирана е рута со должина 3000 милји од Мејн до Флорида. Во текот на пешачењето апликацијата им испраќа насоки за движење на корисниците на секоја раскрсница.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии