Моќта на белиот простор

Ова е гостински текст од агенцијата за маркетинг и адвертајзинг squareONE, кој е дел од IT.mk серијалот тeкстови на тема маркетинг, дизајн и дигитални медиуми.


Во дигиталната ера, каде потребата од креирање содржина е наш главен приоритет, честопати сме во искушение на искористување на сите информации кои ни се достапни во имплементација на нашите креативни решенија. Со сигурност она кое многумина го изоставуваат лежи токму во прашањето дали знаеме колкав дел од таа содржина е когнитивно оптоварување на крајните потрошувачи и колкав дел од истата е всушност реално конзумирана?

Ова прашање нѐ доведува да ја истражиме палетата на секој дизајнер и да зборуваме за важноста на белиот простор и колку често истиот е задолжителен елемент во нашите графички композиции.

Но, што реално претставува белиот простор? Кај многумина познат како негативен простор, белиот простор е празниот дел од нашите креативни решенија кој останува недопрен.

Употребата на овој простор наоѓа голем број на оправдани причини почнувајќи од визуелната естетика, па се до динамиката на корисничкото искуство. Така, белиот простор имплицира точка на еквилибриум во дизајнот која го прави истиот лесно прегледен, читлив и разбирлив. Тој ги балансира елементите на дизајнот, а за корисниците е ефикасно визуелно комуникациско средство.

Замислете дека сте технички уредник задолжен за составување стотици прирачници за компанија за електрични уреди. Сигурно би сакале да најдете врвен баланс на зборови и фотографии, тргнувајќи од тоа дека малкумина читат прирачници со задоволство. Оттука, клучно е да се задржи вниманието на потрошувачите. Белиот простор во овој случај е ѕвезда на шоуто која овозможува епилог помеѓу зборовите и фотографиите. Наместо потрошувачите во случајов да ги користат телефоните за техничка поддршка, истите сами ќе ги разберат советите за употреба на производите.

Застапеноста на малите бели простори во дизајнот на нашите содржини со сигурност е бенефит за прегледноста и начинот како тие влијаат врз конзумирањето на содржините од крајните потрошувачи.

Главната задача е колку далеку може да одиме со употребата и како да манипулираме со истата на макро површини. Истражувањата покажуваат дека макро белите простори резултираат во ефективно насочување на вниманието на корисниците кон приоритетните информации и пораката која треба да ја интерпретира дизајнот.

Зарем мислите дека случајно еден од најголемите технички производители Apple, уредите на својата веб страна ги презентираме на чиста бела позадина без употреба на визуелни елементи? Напротив, Apple на овој начин укажува на фокусот на производот предмет на интерес на потрошувачот и задржување на вниманието на неговите карактеристики. Доколку се погледне и почетната страна на пребарувачкиот гигант Google користењето на белиот простор е повеќе од очигледно и јасно ја комуницира целта на страната; копчето Search.

Во време на визуелен хаос, белиот простор секогаш ќе го стимулира нашиот поглед кон ефикасно организирање на визуелните информации кои се потребни за интерпретирање.
Луѓето се фрустрирани кога се бомбардирани со информации. На крајот на денот, ние сме луѓе, а не машини!

Најголемиот предизвик во употребата на белиот простор е сепак бизнис инвестицијата на нашите клиенти и како тие го интерпретираат тоа. Имено, честопати микро и макро белите површини се перцепирани како залудно неискористен простор на кој има потенцијал за прикажување на дополнителни содржини. Поголема употреба на бели простори значи помала употреба на содржини по дизајн, што во случајот на проекти за печатење го зголемува трошокот.

Огромен предизвик за секој дизајнер е да ги сензибилизира своите клиенти за вредноста на употребата на белиот простор во смисла на неговата практична употреба и ефикасност на воспоставување на баланс на содржините.

Белиот простор не треба да се перцепира како празен неискористен простор. Напротив, тој е моќна алатка за дизајн и составен дел од секоја уметност. Одржувањето на оптимално ниво на дизајнерските палети на бои е наука за создавањето на рамнотежа во развојот на креативните концепти. Тој е доволно моќен да ги насочи потрошувачите кон вашата порака и да обезбеди опстанок.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии