МојВоздух продолжува со поттикување на политичка одговорност околу загадувањето

За жал, повторно доаѓа оној период на годината во кој се потсетуваме на апликацијата МојВоздух. Викендот кој измина, загадувањето во Скопје и во неколку други градови повторно ги надминува дозволените граници. Горјан Јовановски скромно најавува дека во моментов нема големи новитети околу неговата апликација, но сепак наскоро, за неколку месеци, очекува да има поголема надградба.

„За некој месец ќе имаме пристап до сателитските податоци, па сакаме да ги имплементираме во апликацијата да може да се гледаат“, вели г. Јовановски.

Интересни вести за апликацијата доаѓаат и од регионот. Загадувањето е големо во сите држави во регионот, па нема да биде никакво изненадување доколку интересот за апликацијата биде поголем. МојВоздух наскоро би можел да биде достапен како регионална апликација; за почеток преку освојување на пазарите во поранешна Југославија и Бугарија.

„Планираме 2 поголеми чекори: Анализа и додавање на сателитските податоци за загадувањето од Sentinel-5P сателитот, и ширење на МојВоздух низ Балканот, со посебен фокус на земјите од поранешна Југославија и Бугарија, како региони кои страдаат многу од загадување на воздухот“.

За време на кампањата за локалните избори, МојВоздух започна со Политичкиот бројач. Функционалност која ги брои ветувањата на политичарите, речиси вирално се прошири преку друштвените мрежи. Ова беше интересна можност да се изврши притисок врз политичарите, и граѓаните да влијаат на политичката кампања.

„Политичкиот бројач супер беше прифатен од граѓаните, и доста се прошири на социјалните мрежи. Град Скопје не беа презадоволни (игнорираа мејлови што им праќав да ги прашам за статус на ветувањата пред да го објавам проектот), но тоа е и целта на самиот проект, поттикување на политичка одговорност“.

Сепак, ако по нешто може да го оцениме успехот на МојВоздух, тоа е влијанието во подигнувањето на свеста за загадувањето. МојВоздух е една од најкористените македонски апликации. Ниту во последно време апликацијата нема пад во бројот на корисници, иако за тоа можеби треба да му се „заблагодариме“ на загадувањето.

„Имаме 60.000 Android корисници, 4.000 iOS корисници и 5.000 веб корисници во регионот“, вели Горјан Јовановски.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии