Знаeш ли за кого гласаш? „Мојот избор“ со инфографици ќе ти помогне да го избереш вистинскиот кандидат

Дали гласате за омилената боја, или гласате за вистинскиот кандидат кој ќе работи за вашите интереси? За да се биде градоначалник не е потребно само харизма, или пак да се биде од таа или онаа партија. Кандидатот треба да има добар план за работа кој ќе им служи на сите граѓани во следните четири години. Но, кој од нас ги чита досадните политички програми, нели?

Мојот избор е платформа на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Институтот за демократија Социетас цивилис – Скопје (ИДСЦС), која преку анализи и споредби ни го открива текот на локалните избори 2013 – од тоа кој кандидат се појавувал најчесто во медиумите и во какви вести, до споредби на програмите на кандидатите, бројот на митинзите, неправилностите пријавени преку отворената Ushahidi платформа, па дури и резултатите по општини. Сите овие податоци – неопходни за да се направи вистинскито избор – се спакувани како интересни и, пред се, разбирливи графикони и инфографици кои го отсликуваат политичкиот ангажман.

„Инфографикот е добар бидејќи овозможува на мал простор да се каже многу. Речиси е неверојатно дека гласачот ќе седне и ќе ги прочита програмите на сите кандидати за да може да донесе информирана одлука на изборите. Инфографикот чија природна средина е сајбер просторот носи концизни информации. Тој овозможува да ги соочите информациите, а на читателот му остава можност сам да заклучи што му се допаѓа, а што не. Впрочем публиката на Интернет сака да дознае повеќе за пократко време – сметавме дека инфографикот е идеална алатка за да го овозможиме тоа.“, вели Борис Ристовски од МЦМС.

(Кликни на сликата да го видиш целиот инфографик)

Дали друштвените мрежи се покажаа како прав медиум за да се дистрибуира ваква политичка содржина?

Се покажаа како одлично место за пласирање содржина и информации. Тоа ни го покажува и бројот на нашите следбеници, посетители, оние кои коментираат, па и оние кои само меѓу себе коментираат, а не и на мрежите. Луѓето се повеќе ги користат друштвените мрежи, низ нив се турка идејата за активно граѓанство, а изборите се добра причина да го тестираме нашиот активизам, да кажеме што ни се допаѓа, а што не, едноставно да направиме влијание не само со пуштање на ливчето во кутија туку и со нашите дискусии за одредени теми. Затоа сметавме дека друштвените мрежи не само што не смеат да се заобиколат туку на нив треба да се стави фокусот во пласирањето на содржината.

За жал, од истражувањето што го направивме „Интернет-присуство на кандидатите во изборите 2013“, можевме да видиме дека тие не многу сериозно ги третираат друштвените мрежи. Иако повеќе од половината што ги анализиравме (57%) имаа профили на друштвените мреж, тие се многу ’млади’, па може да се заклучи дека се направени наменски за изборите, а не за да се креира заедница во тој простор. Сепак охрабрува податокот дека тие решиле да отворат профили и на тој начин да бидат поблиску до таа заедница. Верувам дека сликата до следните локални избори ќе биде многу подобра.

(Кликни на сликата да ги видиш дневните извештаи)

Колку е потребно да се пренесат ставовите/програмата на кандидатите? Зошто вие го правите тоа место нив?

Неколку часа. И тоа зависи од тоа колкави се програмите на кандидатите, како се напишани, колкумина сакате да споредите итн. Главните поенти на добро структурирана програма можете да ги извадите многу бргу. Зошто го правиме тоа? Затоа што веројатно тие нема да го направат. Затоа што сакаме да им овозможиме на граѓаните да добијат што е можно повеќе информации за понудата на кандидатите и на тој начин да ја донесат нивната одлука. Затоа што дел од принципите на кои се заснова работата на МЦМС се и партиципативноста, односно вклученоста на луѓето во процесите на одлучување и транспарентноста и отчетноста која меѓу другото подразбира и јавна проверка и контрола.

Кои други онлајн алатки ги користевте за потребите на Мојот избор?

Покрај интернет-страната Мојот избор која ја користевме за пласирање на сите информации за изборите, користевме и други две платформи, а тоа се агрегаторот на вести на тема избори – http://daily.mk/izbori и платформата за пријавување на неправилности во изборниот процес – https://mojotizbor.crowdmap.com. Едната алатка се темели целосно на машинска работа, агрегаторот автоматски ги собираше и категоризираше вестите, додека пак другата алатка се потпираше целосно на краудсорсинг, односно информациите доаѓаа од корисниците, во случајов граѓаните на Македонија. Се обидовме што повеќе да ги вклучиме и информираме граѓаните во изборниот процес.

Покрај инфографиците, за прв пат направивме и онлајн интерактивен инфографик со помош на алатката infogr.am каде визуелно ги претставивме финансиските трошоци на партиите во првите 10 дена од изборната кампања. Кај друштвените медиуми, за ширење на содржините, најголема беше употребата на Facebook и Twitter.com каде што е присутен и најголем дел од граѓаните онлајн.

(Кликни на сликата да ги видиш резултатите по оштини)

2 коментари на “Знаeш ли за кого гласаш? „Мојот избор“ со инфографици ќе ти помогне да го избереш вистинскиот кандидат

  1. Ќе ве молам, барем тука избегнувајте да пишувате на теми избори, политика, партии, гласање.

    Има милион други теми со кои можете да си ја дополните страната.

    Во последните 20 дена телевизорот ми фати прашина од тоа што не го користев поради изборите.

    На следно објавување на политички поврзувана тема ве бришам и ве заменувам со techradar.com и t3.com во боокмаркови.

    Поздрав

    1. Изборите се вистински big deal. НО, текстот е за достапните технологии кои можат да помогнат кон подобар избор и подобро демократско општество.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии