Истражување на Startup Macedonia: Како да се поврзе македонскиот стартап екосистем?

„Во Македонија може да се изгради структуриран стартап екосистем. Постои желба за тоа, иако нашите активности треба да бидат релевантни според потребите на стартапите“, вели Дејан Алексов од Startup Macedonia, асоцијација која беше основана пред две години од стартап заедницата со цел да поттикне продуктивна дебата за развој на овој иновативен сектор.

Таа дебата започнува со Connecting the Macedonian Ecosystem, 2018, истражување направено од Startup Macedonia со поддршка од USAID BEP. Истражувањето се базира на методологија од Startup Commons, интернационална организација која гради стартап екосистеми во Естонија, Канада, Малезија и други земји.

„Тоа што не изненади е дека Македонија е на исто развојно ниво со повеќето земји во светот кога се работи за стартапи. Но, мора да дејствуваме сега и да дејствуваме правилно, базирајќи се на факти што се во контекст со нашите ресурси и можности, ако воопшто сакаме да изградиме екосистем кој ќе поддржи стартапи што ќе се натпреваруваат прво на регионално, а потоа и на европско ниво“, вели Дејан.

Што открива истражувањето?

“Connecting the Macedonian Ecosystem, 2018“ ги открива предизвиците со кои се соочува македонскиот стартап екосистем, но и бара можностите како да се подобри успешноста на македонските стартапи. Ок, можеби немаме голем број на стартапи за да издвоиме голем број на успешни примери – и тоа истражувањето го покажува како клучен фактор – но постои волја од организациите да се приспособат на потребите на стартапите, и тоа е важно.

Startup Macedonia разговараше со 20 организации и 65 стартапи кои го споделија своето искуство и статистики за раст. Од тоа што може да се забележи, најголемиот предизвик е што стартапите и организациите не комуницираат меѓу себе.

Дури 78% од стартапите имаат потреба од луѓе што ќе им помогнат со продажба, но само 36% од организациите нудат таква поддршка. Во исто време, организациите и инвестоторите немаат кој знае каква самодоверба во стартапите оценувајќи ги дека не се спремни за инвестиција.

„Истражувањето ни покажа јасно кои сегменти треба да ги подобриме во екосистемот – подобра комуникација, поспецифична поддршка базирана на релевантни податоци, појасни цели кои ќе водат кон креирање на иновативни компании“, вели Дејан. „Но, не ги гледаме овие недостатоци како нешто што не може да се реши, напротив – ако успееме заедно да одговориме на предизвиците и да ги решиме тие првични проблеми, ќе видиме и подобрување на целиот екосистем“.

Истражувањето “Connecting the Macedonian Ecosystem, 2018” е достапно на сајтот на Startup Macedonia.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии