Minority Report во Кина, вештачка интелигенција предвидува криминал

Платформите во Кина имаат доволно податоци за своите граѓани, да можат да предвидат кога некој е блиску до извршување криминал. Компанијата Cloud Walk најaви дека тестира технологија која ќе определи кога некој граѓанин е поризичен од другите.

Самото најавување на технологијата како „Технологија која предвидува криминал пред да се случи“ е проблематично. Намерата за криминал не е прекршок се додека не биде извршено делото, па оваа технологија секако е проблематична. Следењето на сите граѓани од друга страна е сериозен проблем и им овозможува премногу моќ на владите. Секако, можноста за внесување на неколку параметри кои ќе овозможат следење на дисидентите ќе биде исклучително „погодна“.

Алгоритмите на кои е базирана технологијата не се едноставни и за нив се потребни низа влезни параметри. Така, луѓето кои секој ден се возат со метро се поризични, честото влегување во продавници за ножеви или оружје го зголемува ризикот. Ако ризикот стане превисок, дури и недолжните граѓани ќе бидат посетени од полицијата, вели Financial Times.

Image courtesy of Zisis1992 / Flickr / CC BY 2.0

Дел од забелешките на Cloud Walk се сосем логични. На пример, ако некој носи маска и се вртка постојано околу некоја локација, тогаш е одбележен како сомнителен. Но, според портпаролот на компанијата некој може да стане сомнителен и ако купи кујнски нож, и потоа се врати по чекан и вреќа.

Метрото и јавниот транспорт е друго место каде може да се користи оваа технологија. Според најавата, технологијата ќе се користи за следење на патниците во јавниот превоз и препознавање на џепчиите.

Технологијата re-ID ќе овозможи и следење на граѓаните и гледање на нивните чекори во поголема област.

Со оглед на тоа дека за алгоритмите ќе биде користен „big data“, за поголемиот ризик најверојатно ќе се користи вештачката интелигенција.

„Полицијата користи big-data рејтинг за да одбележи кога некоја група луѓе е сомнителна, во зависност од тоа каде одат и што прават“.

Image courtesy of Atsushi Tadokoro / Flickr / CC BY 2.0

Кина често е обвинета дека има преголема контрола и надзор врз граѓаните. Потребните податоци за оваа технологија се на сосем различно ниво. Треба да биде следено постојаното движење на граѓаните, како онлајн така и во вистинскиот свет. Секако телефоните го овозможуваат ова. Но, вештачката интелигенција и компјутерите потребни за анализа на податоци од стотици милиони граѓани е проблем.

Дополнително, Cloud Walk е компанија која работи на технологија за препознавање на ликови, па за функционирање на технологијата најверојатно ќе бидат користени камери. Како системот ќе биде поврзан со овие камери, колку камери ќе има и кои камери ќе бидат вклучени, сè ова засега е непознато.

Проблемите за следење на граѓаните во реално време и нарушување на приватноста не се новост. Во последно време почесто ги гледаме кога рекламите се во прашање.

Можеби токму ова е причината за најавите за сериозни инвестиции во вештачката интелигенција. Кина најавува дека до 2030 година сака да биде лидер во развојот на вештачката интелигенција. Владата на Кина најавува развој на вештачка интелигенција вредна 150 милијарди долари.

Веќе постојат апликации за следење на граѓани

Следењето на граѓаните нема да биде новост во Кина. Во провинцијата Ксињианг сите граѓани мораат да инсталираат „spyware“ на својот уред. Во оваа провинција во Кина, живее најголем дел од населнието со муслиманска вероисповест. Уредот следи што посетува корисникот, а апликацијата автоматски препознава терористички и илегални религиозни видеа, вели Mashable.

Властите спроведуват и контрола на телефоните, а корисниците кои го немаат софтверот  можат да бидат приведени 10 дена. Наредбата за инсталирање на софтверот им е испратена на корисниците преку WhatsApp. Заедно со пораката доаѓа и QR-код со инструкции и локација на софтверот.

Кој сѐ применува вештачка интелигенција?

Кина не е првата држава која користи вештачка интелигенција да им ја олесни работата на полицајците. Алгоритми за препознавање на ризици користат повеќе градови. Полицијата со помош на анализа на „big data“ открива во кои локации се потребни повеќе полицајци или во кое време е потребно повеќе полиција.

Полицијата во британскиот град Дурнам користи вештачка интелигенција да оцени дали некој осомничен е со повисок ризик. Тука полицијата не ги користи овие податоци за да предвиди опасност од криминал, туку опасност од граѓаните кога се одлучува за приведувањето на осомничените. Технологијата се користи за определување на ризикот од ослободување на осомничените со кауција. Најголемата контроверзија поврзана со „Harm Assessment Risk Tool – Hart“ технологијата е што резултатите покажуваат дека различно рангира луѓе од различни раси.

Полицијата од Дубаи користи технологија која може да го предвиди криминалот веќе од крајот на 2016 година. За разлика од кинеската технологија, во Дубаи се проценува ризикот од криминал. Потоа сите овие шаблони се користат да се процени каде е следната опасност од овие напади. Технологијата може да процени кога некои наизглед неповрзани настани ќе доведат до поголем криминал. Според првичните процени, технологијата е навистина прецизна кога предвидувањето на криминал е во прашање, пишува Daily Mail.

Истражувачите Ксаолин Ву и Кси Жанг од  Универзитетот Џиао Тонг од Шангај креираа вештачка интелигенција која може да препознае криминалци по ликот. Параметрите кои се показател дека некој е криминалец се различни. Поголема горна усна, кај криминалците во просек е 23% поголема. Растојанието помеѓу внатрешните агли на очите, кај криминалците е 6% помало. Аголот помеѓу линиите од врвот на носот до аглите на устата, кој кај криминалците е 20% поостар. Контроверзниот дел од ова тврдење е што технологијата ги препознава криминалците по анализа на ликот. Вештачката интелигенција може да препознае лик на криминалец и да го разликува од лик на чесен граѓанин во 89,5% од случаите.

Прекумерното следење и сега е проблем во Кина

Кина користи огромен дел од средствата за следење кои и се на располагање, дури и за навидум безопасни практики. Пример, граѓаните кои не ги следат сообраќајните прописи и минуваат надвор од пешачки премини, јавно се засрамени. Телевизиите ги презентираат овие прекршоци со видеа од сообраќајните камери.

Носење на закон за користење на ваква технологија би бил проблематичен и во подемократски држави од Кина. Но, во Кина каде пресудите тешко се менуваат, ваквиот закон ќе биде посебно проблематичен.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии