Microsoft планира серија поевтини Surface таблети

Следниот хардвер од Microsoft би можел да биде серија поевтини таблет компјутери. Компанијата планира ова да го направи веќе во втората половина на 2018, велат извори за Bloomberg. Високтата цена на Surface Pro е сериозна пречка за сите кои можеби и размислуваат за уред од Microsoft, па новите уреди може да ја заживеат хардвер дивизијата на Microsoft.

Ова не е нов чекор на Microsoft туку своевиден обид да го врати поевтиниот модел. Претходно тоа беше Surface RT, но поради лимитираните можности на софтверот таблетот никогаш не дочека преголема популарност. Surface RT не се поклопуваше ни со концептот на компанијата за еден оперативен систем за сите платформи па Microsoft брзо крена раце од уредот.

Новиот поевтин таблет ќе доаѓа со слична големина како и iPad, 10-инчи. Иако досега не е потврдено ниту самото постоење на уредот, цента на основниот модел ќе биде 400 долари. Секако поевтинат верзија ќе биде и послаба од Pro. Поевтиниот модел доаѓа со помала батерија, што секако е лоша вест, но барем и целиот уред ќе биде полесен. Што се однесува до хардверот процесорот и графичкиот процесор доаѓаат од Intel. Ќе има повеќе модели со капацитет од 64 и 128 GB; LTE и без LTE.

Уредот доаѓа без тастатурата, која ќе се продава одделно. Microsoft најави и поевтина верзија на тастатурата која во моментов чини 160 долари.

Најверојатно со новиот таблет Microsoft ќе се обиде да се наметне како конкурент како образовна платформа. Microsoft има интересна можност со Minecraft како едукативна платформа, и ова треба да ги искористи. На пазарот на компјутери за образование доминира Google со Chromebook, компјутерите се доволно моќни, и евтини па се избор на најголем дел од училиштата. Apple се обидува да ги предизвика со новата малку поевтина верзија на iPad, а истото се обидува да го направи и Microsoft.