Механички тастатури – Прекинувачи, втор дел

Во продолжение на текстот во кој разговаравме за најпопуларните свичеви кај механичките тастатури, во овој текст ќе разгледаме неколку опции кои можеби и не се толку познати, а сепак треба да ги знаете.

Zealios и Zilents

Иако сами по себе ниту едните ниту другите не се посебни свичеви, туку варијанти на Gateron, овие свичеви се производ на ZealPC, еден од најпопуларните продавачи на пазарот. Истите користат Gateron куќиште за самиот свич, но стемот и федерот кој се наоѓа во нив е променет. Првата верзија имаа проблем со отстапки во производството на самиот стем, но со V2, проблемот е решен.

Извор: /u/duckne55 / Reddit.com

Zealios доаѓаат во неколку варијанти, а карактеристично за нив е што наведената сила за секоја од варијантите е всушност силата која ви е потребна за да го притиснете свичот до крај, додека кај сите други, силата е онаа која е потребна за активација. Па така, од Zealios може да најдете 0.62 N, 0.65 N, 0.67 N и 0.78 N варијанти, во зависност од тоа што преферирате. Сите свичеви се тактилни, и според многу се помазна и порафинирана варијанта на алтернативите од Gateron и Cherry. Zilents се всушност уште потивки тактилни свичеви, и како и Zealios, доаѓаат во 0.62 N, 0.65 N, 0.67 N и 0.78 N варијанти.

Подоцна, ZealPC излезе и со уште два нови типа на свич – Tealios и Healios. Tealios се всушност линеарни свичеви кои бараат сила од 0.67 N, додека Healios се потивка варијанта од истите, и бараат иста сила.

Aliaz

Според многумина слични на првата верзија на Zealios, Aliaz свичевите се уште една варијанта која можат да ја користат фановите на потешки свичеви. Сите опции се тактилни, а некои ги карактеризираат и како потивка верзија на Cherry MX кафеавите свичеви. Кога станува збор за тежина, имате избор помеѓу 0.60 N, 0.70 N, 0.80 N или 0.100 N – потешките се всушност едни од ретките тешки свичеви на пазарот во моментов, а релативно ефтината цена ги прави уште попримамливи.

Извор: /u/SuperSket11 / Reddit.com

Hako

Производ на HaaTa од Input Club, Hako свичевите се базирани на Kailh Box дизајн, но се драстично помазни и нудат помеко чувство кога ќе ги притиснете до крај. Покрај ова, очекуваниот животен век на истите е околу 25 проценти подолг од нормалните Cherry MX свичеви.

Извор: Reddit.com

Hako свичевите ги има во три варијанти, Clear, True и Violet, а заедничко кај сите е што се тактилни свичеви со идентичен од од 3.6 милиметри и активација на 1.9 милиметри. Разликите се во силата која е потребна за активација, што кај Clear изнесува 0.55 N, кај True 0.60 N, додека Violet се екстремно лесни со 0.28 N.

Свичеви кои ги користат големите производители

И покрај фактот што повеќето од популарните производители обично користат Cherry MX свичеви, не е тајна и дека многу од нив всушност одат со модифицирани варијанти на некои други популарни свичеви, или пак, прават свој свич од нула. Ова е случајот со некои од компаниите кои ги има на локалниот пазар, како на пример тастатурите од Razer или Logitech G.

Свичевите на Razer всушност доаѓаат од два производители – зелените и портокаловите се од Kaihua, додека жолтите се од Greetech. Kaihua се производителите на Kailh, и истите имаат прилично големо искуство во индустријата. Зелените се свичеви со клик, за кои ви е потребна сила од 0.50 N за активација, а истите имаат вкупен од од 4 милиметри, и активација на 1.9 милиметри. Портокаловите се тивките, тактилни свичеви. Иако одот и активацијата се идентични со зелените, ќе ви треба малку помалку сила (0.45 N) за активација на истите. За крај, жолтите се линеарната варијанта, и доаѓаат со многу помал од (3.5 милиметри), и се активираат на 1.2 милиметри. Силата која ви е потребна за активација е 0.45 N. Она што е убаво е што сите свичеви користат стандарден Cherry MX стем, па менување на капачињата на истите е релативно лесно.

За жал, ова не е случајот со Logitech, кои ги користат своите GL свичеви. Првата итерација на истите беа всушност Romer-G свичевите, но денес имаме три варијанти што ни дава малку избор. Сите свичеви се направени за играње и брза активација, што е очигледно кога ќе се погледне вкупниот од од 2.7 милиметри, и активацијата на само 1.5 милиметри. Покрај ова, за сите ќе ви биде потребна сила од 0.60 N за активација. Разликата, како што кажуваат и имињата, е во типот на свич. GL Tactile се тактилни, GL Linear се линеарни, додека GL Clicky се со клик. Logitech ви дава шанса да ги чуете трите типа, па доколку звукот ви е важен фактор, ова е интересна опција ако не можете да ги пробате.

Уште една компанија која треба да се спомне е и SteelSeries, кои покрај стандардните механички свичеви, од неодамна ги користат своите OmniPoint свичеви. Истите се карактеризираат со точка на активација која може да се подеси, а истата рангира од 0.4 до 3.6 милиметри. Покрај ова, додека трајноста на стандарден механички свич е обично 50 до 70 милиони активации, кај OmniPoint свичевите истата е 100 милиони активации, што и не е мала разлика.

Другите производители што ќе ги најдете кај нас, како на пример Cooler Master, користат Cherry MX свичеви за кои веќе зборувавме. Некои од поефтините опции, како на пример Sharkoon тастатурите кои ќе ги најдете во Anhoch, користат Kailh свичеви, додека Natec, кои исто така ги има во Anhoch, користат Outemu свичеви.

Неколку збора за крај

И покрај фактот што покривме прилично голем број на свичеви во овие два текста, сепак вкупниот број на опции кои ги имате е далеку поголем. Но, свичевите за кои разговаравме се оние на кои ќе налетате најчесто, и најкористените опции помеѓу ентузијастите за механички тастатури. Подетална листа која ги опишува и сите останати свичеви ќе најдете на Deskthority Wiki, а во наредниот текст продолжуваме со капачиња и профилите во кои ќе ги најдете.

1 коментар на “Механички тастатури – Прекинувачи, втор дел

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии