Механички тастатури – Како да склопите механичка тастатура?

Иако пазарот изобилува со опции доколку сакате механичка тастатура, сепак една од најубавите работи во хобито е можноста да склопите ваша сопствена тастатура. Со самиот факт што вие одбирате какви компоненти ставате во неа, имате можност да ја направите да изгледа, звучи и функционира токму онака како што сакате.

Секако, не секој сака да се нафати на ваков проект, бидејќи за многу можеби звучи прекомплицирано. Но напротив, склопувањето на механичка тастатура не е толку тешко. Се што ви треба се компонентите, малку познавање, и малку трпение. Самото склопување ќе го оставиме за следниот дел, а сега ќе разгледаме што точно ви треба за да склопите механичка тастатура.

Извор: /u/Fuze911 / Reddit.com

Што сé ви е потребно?

За да склопите механичка тастатура, ќе ви требаат неколку компоненти. За жал, ниедна од овие работи не е достапна кај нас, но има многу продавници кои испорачуваат до Македонија, па компонентите можете да ги набавувате на тој начин.

Една работа која треба да се има на ум е дека не сите тастатури се состојат од истите компоненти. Кои компоненти ќе ви требаат зависи од тастатурата која сакате да ја склопите. На пример, кај некои тастатури свичевите се ставаат дирекно на колото (PCB), додека кај други ќе ви треба уште една плоча која ги држи истите и додава цврстина. Некои поквалитетни тастатури доаѓаат и со тегови кои ја прават целата тастатура потешка и поцврста.

Доколку ги тргнеме настрана оние работи кои ги има само кај некои тастатури, најважните компоненти се прилично едноставни.

  • Печатено коло (PCB)
  • Свичеви
  • Стабилизатори
  • Кутија (case)
  • Капачиња
  • Кабел

Ова се основните работи кои ќе ви требаат доколку сакате да склопите ваша механичка тастатура.  

Печатено коло (PCB)

Печатеното коло, или PCB како што ќе го најдете почесто, е всушност “мозокот” на тастатурата. Истото му кажува на компјутерот кое копче сте го притиснале, и токму тоа ви овозможува да ја направите тастатурата баш ваша.

Секако, пред да се одлучите за тоа кое коло ќе го користите за вашата тастатура, важно е да ја одредите големината која најмногу ви одговара. За скоро секоја големина има прилично голем избор, а ова е најточно за популарните опции како на пример 60% и TKL. Секако, за нестандарден распоред на копчиња, како на пример кај корисници кои сакаат split spacebar, изборот е помал.

Извор: /u/CRWHNTT / Reddit.com

Уште една работа која важи кај скоро сите е можноста да ги програмирате сами. Има неколку опции како QMK или TMK, кои се неверојатно лесни за користење и овозможуваат секое копче на тастатурата да ја врши функцијата која вие ќе ја зададете. Ова може да се направи и софтверски, но со програмирањето на самото коло, распоредот на копчиња ќе остане ист без оглед на тоа на кој уред ја користите тастатурата.

Повеќето опции имаат или вградени светла, или можност за вие сами да ставите RGB осветлување. Некои доаѓаат и со светло под самото коло, што дава многу интересен ефект ако користите прозирна или полупрозирна кутија за тастатурата.

За крај, она што ќе треба да одлучите е дали ќе купите коло на кое треба да се залемат свичеви, или ќе одите на hotswappable опција. Иако теоретски, залемените свичеви би требало да резултираат во малку поцврста тастатура, разликата при користење е едвај приметлива. Доколку одите на hotswappable PCB, свичевите се ставаат на колото релативно лесно, и исто толку лесно и се вадат доколку сакате да ги промените или доколку некој од нив се расипе. Со оглед на тоа дека лемењето за многу е најкомплицираната работа околу склопувањето тастатура, ваквите кола значително ја олеснуваат работата. Секако, крајниот избор е ваш.

Свичеви

Со оглед на тоа дека веќе навлеговме во детали околу свичевите во првиот и вториот дел за нив, овде ќе се задржиме само на најважното. Откако ќе одберете кој тип на свичеви ви одговара најмногу, ви преостанува да нарачате онолку свичеви колку што ќе ви требаат за тастатурата. Ова зависи од големината на тастатурата која ја склопувате, но секогаш е паметно да се нарачаат неколку свичеви плус, во случај некој од нив да не работи, или да престане да работи после кратко.

Извор: /u/digumeister / Reddit.com

Стабилизатори

За жал, ова е една од оние работи кај што многу ентузијасти одлучуваат да заштедат малку кога ја склопуваат првата тастатура. Ова е голема грешка, затоа што стабилизаторите директно влијаат врз поголемите копчиња како Space, Enter или Shift, а сите знаеме колку често се користат истите.

Извор: /u/hammerbrotha / Reddit.com

Целта на стабилизаторите е ваквите поголеми копчиња да имаат исто чувство без оглед на тоа каде точно на копчето ќе притиснете. Доколку би ги немало, кога ќе притиснете на пример на крајот на копчето наместо на средина, каде што е свичот, копчето не само што ќе има многу поинакво чувство и ќе се искриви, туку и има голема можност да се оштети самиот свич од искривувањето.

Кога ќе додадете на ова дека стабилизаторите, дури и оние поквалитетните, се прилично ефтини, не би ви советувале да штедите овде.

Кутија (case)

Кутијата е всушност она во што ќе ги ставите сите останати компоненти за да добиете целосна тастатура. Каква ќе одберете, повторно, зависи од големината на самата тастатура, а истата има многу поголемо влијание врз изгледот и звукот на тастатурата отколку врз функционалноста.

При изборот на кутијата, големо влијание ќе има буџетот кој го имате на располагање. Истите рангираат од прилично ефтини, до модели од стотици долари кои доаѓаат со беспрекорна изработка, висококвалитетни материјали, и неретко се во ограничено издание.

Извор: /u/QueGettingShitDone / Reddit.com

Материјалите се оние кои обично ја диктираат цената. Поефтините модели се обично направени од пластика, и доколку не ви е толку важна тежината и квалитетот на изработка, пластика е солиден избор. Во овој поглед сте ограничени и со бои, бидејќи најчесто пластичните кутии доаѓаат или во црна или во бела боја. Варијација се и моделите од акрилно стакло, кое е до некаде прозирно и овозможува светлата под колото да светат надвор, што е прилично интересно.

Поквалитетните опции како алуминиум се значително поскапи, но доаѓаат со многу придобивки, од кои најважната е цврстината на самата тастатура. Алуминиумот исто така додава тежина што и помага на тастатурата да остане стабилна кога играте или работите. Покрај ова, алуминиумот доаѓа и во повеќе бои и и дава премиум чувство на тастатурата, бар од визуелна гледна точка. Една негативна работа кај алуминиумот е звукот, бидејќи тастатурите во алуминиумска кутија често звучат шупливо и неквалитетно.   

Извор: /u/hhkb4lyfe / Reddit.com

Тука е и дрвото, за кое цената е слична како и алуминиумот, а и разликата во тежина е минимална. Иако дрвена кутија има потенцијал да изгледа прекрасно, трајноста на истата е многу полоша од било која од другите опции.

За крај, треба да се спомнат и поскапите опции, како на пример месинг. Месингот е тежок и доколку е убаво обработен, изгледа одлично. Покрај месинг, кој некогаш се користи и само за да додаде тежина, има и други материјали кои поретко се користат бидејќи често ја креваат цената значително.  

Извор: /u/busgamer7394 / Reddit.com

Додека разговараме за кутијата, тука е и плочата која понекогаш се користи за да додаде малку цврстина помеѓу свичевите и колото, и кај некои тастатури е опционална, додека кај други воопшто не е потребна. Изборот за истата зависи од колото и кутијата кои ќе ги одберете, а важно е и да се совпаѓа со распоредот на копчиња кој го сакате.

Капачиња

И за капачињата има многу да се зборува, затоа им посветивме прв и втор дел, во кои детално се опишани профилите, материјалите и начините на изработка. Она што треба да се додаде е дека капачињата кои ги купувате треба да се соодветни за распоредот на копчиња кој ќе го користите. На пример, кај некои тастатури последниот ред, најдолу, има нестандарден распоред за кој ќе ви требаат специфични копчиња.

Извор: /u/MiToRMK / Reddit.com

Капачињата обично се бираат на крај, кога веќе знаете колкава тастатура склопувате, и кога распоредот на копчиња ви е веќе определен. Истите ја “завршуваат” тастатурата од естетска и функционална гледна точка, и затоа е важно да одберете капачиња во профил кој ви одговара, со квалитетна изработка, и секако, бои кои се совпаѓаат со остатокот од тастатурата.

Кабел

Иако за многу кабелот не е ништо повеќе од начин да ја поврзете тастатурата со вашиот компјутер, кај механичките тастатури има многу можности за кабли. Доколку сакате нешто необично, имате опција за намотани кабли кои изгледаат многу интересно, и обично се изработени по нарачка. За инспирација, погледнете го Instagram профилот на CoolCables, кои прават кабли по нарачка и имаат достава до Македонија.

Извор: /u/Orang333 / Reddit.com

Кај каблите имате огромна варијација на бои и конектори, и истите може да ги искористите за да го комплетирате изгледот на вашата тастатура. За жал, многу ентузијасти кои се ограничени со буџет не купуваат кабли по нарачка, бидејќи цената е прилично висока.

Неколку збора за крај

Додека во овој дел ги покривме сите компоненти кои ви се потребни за да склопите механичка тастатура, во следниот ќе ја разгледаме постапката за склопување. Покрај ова, ќе дискутираме и за подмачкување на свичевите и стабилизаторите, нешто што може да ја направи самата тастатура многу помазна. 

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии