Meet the Future: 2020 – Конференција која ги сумираше ИТ трендовите за 2020

Image Courtesy of Meet the Future: 2020

Meet the Future: 2020 e ИТ конференција која се одржа на 12-ти декември, 2019 година со која се сумираа ИТ трендовите кои не очекуваат во 2020 година. Конференцијата имаше концепт на онлајн и офлајн присуство, а настанот беше во организација на платформата за вработување и кариера во ИТ, We Are Laika, реализирана со поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка, преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ 2).

Организирана во просториите на Brainster, конференцијата имаше одлично присуство на публика составена претежно од млади ИТ студенти, ентузијасти и професионалци кои не се срамеа да поставуваат прашања и да покажат интерактивност.

Конференцијата располагаше со одличен сет на говорници, и покрај фактот што настанот имаше и регрутерски промотивен карактер. Дополнително и неколку локални компании земаа учество на настанот преку свои штандови и мини презентации и понудија 18 позиции за вработување за кои присутните програмери, дизајнери и други профили од ИТ индустријата беа во можност директно да аплицираат со своите портфолија.

За време на настанот беше отворено и прашањето на родова (не)еднаквост во ИТ индустријата. Стефан Томагиан, заменик амбасадор на Швајцарија, кој официјално ја отвори и конференцијата во своето обраќање ја истакна швајцарската поддршка за креирање подобри работни места особено за жени и млади лица.

 ,,Во последните години гледаме позитивен тренд со тоа што поголем број жени се приклучуваат во секторот. Но, би било уште подобро доколку видиме што повеќе од тие жени напредуваат кон повисоки и водечки позиции. Се надевам дека во иднина ќе видиме позитивен тренд во оваа насока бидејќи тоа ќе придонесе за искористување на максималниот потенцијал во секторот” – истакна г-дин Томагиан.

На сцената со свои презентации настапија:

  • Андреј Ранковски (Lead Developer во Pathfinder) – „Креирање на маркетинг еквивалент на автономно возило“
  • Срѓан Ракиќ (Lead Frontend Engineer во InPlayer) – „The best way to REST (is GraphQL)“
  • Алек Петрески (Augmented Reality Software Engineer во Netcetera) – „Иднина на визуелизацијата со проширена реалност“
  • Александар Чамински (Ко-основач и директор на Colony) – „Отклучување на најголемиот ресурс на Земјата – Човечкиот потенцијал“
  • Олгица Стрезоска (Product Owner at Allocate Software) – „Како да направите софтверски производи кои корисниците ги сакаат?“
  • Др. Игор Трајковски (Основач на Time.mk) – „Nuts and Bolts of Machine/Deep Learning“

Говорниците ја презентираа својата работа и искуство во нивното поле и говореа за теми кои не само што се актуелни во 2019, туку се дефинирани и како трендови во периодот кој следува. Веројатно организаторите не можеа да пронајдат подобро време за „заокружување“ на годината од овој празничен период. Листата на говорници беше составна од докажани локални експерти, а без сомневање најзвучно име е Игор Трајковски со чиј говор се комплетираше и конференција. Додека пак презентацијата на  Алек Петрески од Netcetera на тема AR беше интересна и привлече големо внимание кај публиката.

Андреј Ранковски  „Креирање на маркетинг еквивалент на автономно возило“

Може ли врвниот маркетинг да биде демократизиран и сите да имаат еднаков пристап до него? Ова е прашањето на кое потврден одговор се обидува да даде тимот на Pathfinder.

Во период кога онлајн маркетингот постојано се менува и станува се посложен и пософистициран, за вистинско користење на маркетинг ресурсите се потребни големи и експертски тимови. Ова е поголем проблем за помалите компании кои имаат и помали ресурси, како човечки така и финансиски. Корисниците имаат куп платформи на располагање од Shopify, Magento и WooCommerce, па се до помалку застапените платформи како Wix, Big Commerce и Open Cart. За да им помогне на своите корисници тимот на Pathfinder работи на софтвер кој на секој корисник ќе му понуди своевиден персонализиран систем за рекламирање. Системот ќе има интеграција со сите поголеми системи за е-трговија. Ова на корисниците на системот ќе им помогне да дојдат до најефикасно користење на своите средства, без разлика дали организираат кампањи или продаваат некакви производи.

Што се однесува до структурата, системот е составен од API и Middleware. Апито комуницира со платформите како Shopify или WooCommerce преку Middleware. И преку нив се праќаат релевантни пораки до корисниците.

Срѓан Ракиќ „The best way to REST (is GraphQL)“

Кои се проблемите кои доаѓаат со користење на REST API и како да ги надминеме овие проблеми? Едно од решенијата кои се испробани е испраќање на различно API за различен уред, различни податоци за телефон, различни за телевизор, десктоп и слично.

GraphQL изработен од Facebook е едно од најпопуларните решенија денес. GraphQL е сега опен сорс, но ни овозможува да одбереме што ни треба како податок назад. За разлика од REST каде податоците сe однапред дефинирани. Ова е една од најбрзо растечките технологии.

Главна предност на GraphQL e што во повикот дефинираме кои податоци ни се потребни  и само овие податоци ги добиваме во одговорот. Дополнително постои широк избор на технологии кои може да се користат со GraphQL, а екосистемот кој ја поддржува технологијата е голем, па постојано се надградува во зависност од промените.

Алек Петрески „Иднина на визуелизацијата со проширена реалност“

Проширената реалност значително го менува начинот на кој може да презентираме сè од забавни содржини па  до важни податоци. Преку проширената реалност било кој виртуелен објект може да го сместиме во просторот кој не опкружува. Најголем двигател на проширената реалност се паметните телефони кои сега ги заменија паметните очила како главен уред за проширена реалност. Благодарение на ова проширената реалност наеднаш стана отворена за навистина многу повеќе корисници.

Една од најголемите предности би биле во развојот на производи кои имаат повеќе прототипи до финалниот производ. Наместо креирање на секој прототип посебно се креира виртуелен модел кој може да се доработи или да се одбере најдоброто решение. Гранките кои најмногу ќе имаат придобивка од проширената реалност се медицината и образованиот систем. Во медицината не само што може да се креира виртуелен модел базиран на скенот кој е скалабилен и може да се претстави во простор, туку и  со помош на проширена реалност може да се креираат асистирани медицински зафати на кој ќе учествуваат и ќе го надгледуваат експерти во овие сложени процедури. Во образованието може да се изработат потполни нови анимирани во проширена реалност учебници кои ќе бидат поинтересни за учениците.

Иднината на виртуелната реалност е сепак во минијатуризација и можност за носење и користење на уредите насекаде. Во моментов е потребно напредок на хардверот за уште побрз развој и подетални модели кои ќе бидат поблиски до реалноста.

„Проширената реалност носи големи придобивки, но и последици. Проширената реалност е субјективна секој корисник може да ја прилагоди како што сака. Ако технологијата во иднина се сведе до ниво  на леќа, секој корисник ќе има различна перцепција за реалниот свет. Со развој на оваа технологија ќе настане Information Overflow, но овојпат со 3д визуелизации и 3д модели. За жал не секоја од информациите кои ќе бидат споделувани со корисниците ќе бидат и потребни и корисни. Човековот око прави разлика помеѓу виртуелните и реални објекти, но со напредок на технологијата и со развојот на уредите ќе може да се презентираат комплексни и пореалистични 3Д модели. Во овој нов свет ќе бидеме опкружени со 3Д-визуелизации толку реални, што ќе биде навистина тешко да разликуваме што е реално, а што  не“.

Александар Чамински „Отклучување на најголемиот ресурс на Земјата – Човечкиот потенцијал“

Новите производи и технологии кои секој ден ги гледаме ја зацртуваат иднината на човештвото. Дали роботите и речиси реалната виртуелна реалност навистина ќе не однесат во „светла иднина“ или е потребно нешто повеќе?

Сепак ова е свет кој се менува и на компаниите им се потребни нови вештини и знаење. За ова е клучно компаниите и вработените заедно мора да растат и да ги остварат своите потенцијални. Главна причина за ова е што благодарение на технолошката револуција голем дел од сегашните работи ќе престанат да постојат. На место на овие ќе се отворат нови, иако не постои никаква гаранција дека и за овие новоотворени работни позиции робот или некој вид на вештачка интелигенција нема да биде поефикасна. Веројатно најважно за тимовите во моментов е да споделуваат исти или слични интереси и да можат заедно да функционираат без да генерираат конфликти. Тимот, флексибилноста и постојаниот развој се дел од најважните побарувања кои ги имаат луѓето кога бараат работа.

Олгица Стрезоска „Како да направите софтверски производи кои корисниците ги сакаат?“

Што треба да направите за корисниците да уживаат во користењето на вашиот производ. Добрите компании го менаџираат инженеринг тимот но одличните компании го менаџираат продуктот, вели Олгица Стрезовска во својата презентација.

За решавање и креирање на неверојатно производи за корисниците потребно е да се опседнете со својот продукт. Истражете го од најситни до најкрупна детали, не се плашете својата идеја да ја дискутирате со сите почнувајќи од луѓето кои ќе работат на проектот, ова треба да помогне да се согледаат грешки во дизајнот. Дефинирање на техничка архитектура на самиот почеток која треба да биде соодветна на производот до самиот крај е клучно за развојот на целиот производ. Конечно е потребно е дефинирање на јасен и детален план на продуктот по етапи, од почеток до крај. Исклучително важно за креирање на најдобриот производ за секој корисник е избор на идеален корисник, кој е  во центарот на кој овој производ му е најпотребен и најкорисен.

Конечно за вистинско да ги засакаат вашите производи мора да креирате производ со кој корисниците и клиентите можат емотивно да се поврзат. Ова најчесто и наједноставно е да се направи со дизајнот, но повторно во фокус мора да биде идеалниот корисник и прилагодување на дизајнот за овој идеален корисник. Овој дизајн мора да помогне овие корисници да интуитивно да управуваат со софтверот. Конечно можеби малите моменти и пораки кои ќе успеат да допрат до корисниците е најважно, иако веројатно и најтешко.

Секако по изработка на рана фаза од производот и креирањето на MVP мора да ги следите и да ги слушате реакциите на корисниците, вели г-ѓа Стрезоска.

„Фокусирајте се на вашите корисници не, на конкурентите“.

Конечно иако е важно да се зацрта „цврст“ план на почетокот клучно е да бидете подготвени и доволно флексибилни да може да го промените овој план.

Др. Игор Трајковски „Nuts and Bolts of Machine/Deep Learning“

Кои проблеми се јавуваат кога користите машинско учење за некоја апликација. Ова е темата која ја отвори и за која  говори г. Игор Трајковски. Во овој говор тој беше исклучително детален, секако колку дозволува времето.

Она што е најважно е дека машинското учење значително ќе го промени светот во кој живееме. Главен двигател на развојот на машинското учење е собирањето на големи сетови податоци, а дополнително и развојот на хардверот, главно графичките картички кои првенствено беа наменети за гејминг. Сепак клучно за Deep Neural Network се податоците, што придонесува и за важноста и „цената“ на податоците денес.

Втор тренд кој придонесе развој на машинско учење е End-to-End учење. Ова овозможува наместо еден излез на невронска мрежа да има повеќе излези. Што е на пример главен двигател за можноста мрежите да генерираат описи на слики (не да пронајде еден објект, туку да генерира опис на слики). Или на пример креирање на мрежи за препознавање на говор или превод на текст. Единствена пречка за оваа технологија е работа на помал сет на податоци. Во недостигот на доволно податоци, разделувањето на еден проблем на повеќе различни проблеми значително го намалува бројот на потребни податоци. На пример на овој начин работат моменталните автономни возила. Лоша вест е дека податоците се скапи и не секогаш доволно достапни. За среќа за некои типови на податоци може и сами да си креираме сетови податоци. На пример текст врз слика или додавање на шум на постоечки звук е сосем сет.

Најголема пречка или потреба во развојот е потребното време за тренинг на податоците и цената која е потребна за тестирање на сложена мрежа. Секако од исклучителна важност се податоците и нивната точност. Дополнително за податоците мора се разделат податоците кои се користат за тренирање на мрежата и податоците со кои  се тестира време. Еден од проблемите кои се јавуваат е променет датасет за тестирање со податоците со кој е трениран. Поради ова што податоците се од различна дистрибуција грешката може да се значително да се зголеми. Секако за надминување на овие проблеми веќе постојат и се развиени повеќе различни техники. Два параметри кои се важни се точноста и „recall“. На пример во случај на алгоритам кој препознава слики на мачки. Прецизност е колку пати е пронајдена и „утната“ мачка, ама вториот параметар покажува колку пати некоја мачка била на сликата, но не била пронајдена.

Што се однесува за иднината засега вештачката интелигенција ги препознава работите или во преводот препознава збор за споредливо исто време до резултатите.

Сепак ако е најважно оваа технологија да им помогне подеднакво на сите без разлика на финансиите и моќта потребно ќе биде да се пронајде некакво решение кое ќе го овозможи ова.

Видео од конференцијата

Целата конференција може да ја погледнете преку следново видео:

Meet the Future: 2020 е првиот од серија настани кои програмата ИМЕ ќе ги поддржи преку соработка со македонски бизнис организации во наредните четири години, а со цел да се адресира јазот меѓу понудата и побарувачката на пазарот за труд во ИКТ.


Напомена: IT.mk е медиумски спонзор на Meet the Future настаните.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии