Медиумите ќе замолчат, но бомбите ќе останат на Интернет засекогаш

Контроверзните бомби што открија наводни афери и нелегално прислушување не беа објавени првин во весниците и веб порталите. Тие беа само пренесени од македонските медиуми, како што им е работа да пренесат било која друга вест за која треба да се отвори јавна дебата. Видеата беа објавени во живо, на YouTube. И беа споделени од корисниците на сите друштвени мрежи.

Изненадувачки, власта сега сака да ги цензурира медумите и да спречи идни вакви објавувања. Сака со закон, преседан во демократска држава, да забрани објавување на сите идни информации поврзани со бомбите или други објави на информации преземени од нелегално прислушување или објава на доверливи документи. Сака и да наложи да се избришат сите веќе напишани содржини. Без врска дали сте гневни и верувате дека власта сака да се скрие од наводните криминали, или сте убедени дека македонските whistleblowers ја предадoa „вистината за Македонија“ за наводна себична спогодба; и двете страни, заедно со албанските партнери, се обидуваат да ја погазат демократијата во Македонија. Цензурата ќе стави крај на расправите, наводните афери ќе ги снема, идните афери нема да бидат објавени, политичарите ќе се договорат за конечниот исход, народот ќе продолжи да им верува слепо. Центрите на моќ ќе останат недопрени.

Барем тие така се надеваат, со некоја налудничава визија за контрола. За среќа, бомбите се надвор од нивната „долга рака“. За жал, ако помине законот сите вакви идни објави ќе бидат спречени.

Интернетот е технологија која има две екстреми, добра и лоша страна. Од приватноста веќе се откажавме, нема враќање назад. Тоа што сте објавиле онлајн, го знае целиот свет. Но, на страна од мачките и селфињата, интернетот е едно од најголемото достигнување на човештвото. Интернетот со себе носи демократија бидејќи ги урна границите на национализмот и му даде глас на народот. Технологија дозволи секој да комуницира меѓу себе, дури и роботите сега зборуваат меѓу себе, да се креираат платформи кои се наменети за дебата, за споделување информаци и знаење во потрага по поголеми вредности. Цензурата не само што е забранета со Устав, таа на Интернетот е невозможна.

Ова не го пишувам како за инает кон власта. Не знам што размислуваат, но знам дека не постои техничка можност да ги сокријат содржините од бомбите. На Twitter постојат стотици илјади твитови поврзани со #бомбите. Нa Facebook постојат стотина илјади дискусии поврзани со транскриптите. На YouTube постојат куп пародии за бомбите. На Google постојат илјадници линкови кои водат до бомбите. Куп линкови кои водат до странски медиуми што пишуваат за прислушувањето и масовните протести. И да го избришете текстот, Google чува кеширана стара верзија. Постои интернет архива која чува стари верзии на сајтови. Засекогаш архивирани. И секогаш достапни.

(Oва е кеширана верзија од 6-ти март 2015-та година, на Time.mk, во Internet Archive)

Како ќе го цензурирате тоа? Дури и ако Македонија воведе закон-преседан за цензура на документи и снимки кои, иако нелегални според македонскиот суд, сепак се материјал за наводни криминали кои треба да се истражат; како ќе ги цензурира светските медиуми? Како ќе му кажат на Google, Twitter, Facebook, Internet Archive дека треба да ги избришат линковите? Замислете си како Македонија, земја надвор од Европа, со 2 милиони луѓе, меѓу најсиромашните во европа со ГДП од 10 милијарди долари, му наложува на Google со годишни приходи од над 18 милијарди долари да ги избрише линковите. Ако не ќе направи… што?

Постои техничка можност да се цензурираат сајтовите внатре во Македонија. Властите ќе побараат од интернет провајдерите физички да го блокираат пристапот до сајтови што содржат содржини за бомбите. Ќе треба да го забранат пристапот до Twitter, Facebook и Google. И како Турција кога го блокираше YouTube и Twitter ќе привлечат куп критики од целиот свет, пред се од Европската Унија. Дури и да им успее, бомбите ќе бидат блокирани само во Македонија. Но постојат VPN и прокси сервери кои ќе ве одведат на соодветните страни и покрај гео-локациското блокирање.

(Пародија за снимките на Soundcloud. Пародијата е ослободена од авторско право.)

Искрено, не ме плаши законот за цензура на бомбите бидејќи нема да можат да ги сокријат. Тоа што ме плаши е основното неразбирање на власта и опозицијата како функционира модерниот свет. И двете страни делуваат како неспособни да разберат дека технологијата може да и помогне на Македонија да биде вистинска демократска држава, дека може да им послужи на институците да го чујат фидбекот на граѓаните, дека со транспарентност и отворени податоци ќе можат да се унапреди општеството, ќе се насочи Македонија кон Европа. Но, наместо да размислуваат, тие импулсивно му се спротиставуват на Интернетот.

1 коментар на “Медиумите ќе замолчат, но бомбите ќе останат на Интернет засекогаш

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии