Македонско-хрватски стартап работи на паметно капаче што штеди гориво

Fueloyal е македонско-хрватски стартап кој ќе се обиде да им помогне на компаниите превозници да се справат со кражбата на гориво. Започнат е од Игор Христов, основач на 4Virtus, и од Јурица Магочи, основач на Roadmiral, кој има бизнис во САД. Затоа дел од Fueloyal е базиран во САД, каде ќе може да конкурира на далеку попрофитабилен и поголем пазар, додека во Македонија останува развојниот тим со поддршка од 4Virtus.

Продукт на Fueloyal, со кој, заедно со уште еден македонски стартап Showshake, се натпреваруваат за 200.000 евра од бугарскиот акцелератор LAUNCHub, е паметното капаче iCap 1000. Капачето се додава на резервоарот за гориво за да водиевиденција колку е наполнет резервоарот, колку гориво е потрошено и колку гориво останува во резервоарот. Резултатите за сите камиони пристигаат со помош на облакот до седиштето на компанијата од каде може да се надгледува состојбата со гориво во секој момент.

„Во моментов имаме функционален прототип на кој ги довршуваме последните корекции за да може да се стави во производство. Бидејќи станува збор за хардвер стартап тука се јавува проблемот со координација на производство од повеќе локации и негово асемблирање во финален производ, потоа проблемот со правилно менаџирање со финансии и затоа и се одлучивме на потегот за помош од инвеститори“, вели Игор.

Покрај целта iCap да помогне кон попаметно менаџирање на горивото, тимот зад Fueloyal се надева дека капачето ќе ја елиминираат кражбата на гориво. Капачето оневозможува било кој неавторизирано да го отклучи резервоарот, а монтирањето на капачето може да се направи со едноставно додавање на постоечкиот резервоар, без потреба за посериозна модификација. Ова, велат од стартапот, на компаниите би им заштедило по 20.000 долари/годишно за секој камион во флотата. Во САД и Канада месечно секој превозник во просек троши гориво во вредност од 10.240 долари, а според проценката на Fueloyal, 1.740 долари од оваа сума е украдена. Штетата која секоја година се прави е 83 милијарди долари. Целта на Fueloyal е да работи со големите превозници, затоа и бизнисот е лоциран во САД; но откако стартапот се претстави на Websummit во Даблин, Ирска, се покажа потенцијал дека може да се освои и Европа, Азија дури и Латинска Америка.

„На Websummit се претставивме со овој продукт за којшто се покажа дека е вистински хит посебно за луѓето од соодветната индустрија, којшто веднаш го препознаа потенцијалот, но интересно добивме предлози за надградба на продуктот и аплицирање на решението во други индустрии и пазари за коишто и немавме претстава дека го имаат истиот проблем“.

Пред Fueloyal е вистински предизвик бидејќи стартуваат од Македонија, односно од Хрватска. Стартапот е предводен од искусни основачи кои имаат успешни компании зад себе, и поддршка од САД, но сепак iCap е хардверски продукт кој треба да се поддржи со пари, да се развие, и да се пласира на пазар кој е далеку, далеку од Балканот.

„Лансирање на македонски продукт и воопшто балкански на странски пазар не е лесна задача. Постојат повеќе причини (големина на иницијалниот пазар, пристап до финансии, финансиска моќ на пазарот и негова развиеност). Во нашиот случај истото се зголемува и поради фактот што ние сме хардверски стартап“, вели Игор. „Веруваме во нашиот тим и производ и мислиме дека од ова ќе излезе успешна приказна“.

[youtube]CKvfxY8CPs4[/youtube]

1 коментар на “Македонско-хрватски стартап работи на паметно капаче што штеди гориво

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии