Искуството вреди! SocialSpot се претстави за прв пат на Spark.me

Иако SocialSpot не успеа да влезе во потесното финале на Spark.me, регионална конференција на која победи српскиот TruckTrack, сепак македонскиот стартап доби непроценливо искуство и шанса да се претстави за прв пат пред можни инвеститори. Основачот на сервисот за бизнис колаборација, Марјан Николовски, вели дека настапот беше одлична шанса за да ги прошират контактите и да се споредат со конкуренцијата.

„Според тоа што успеавме да го видиме, во регионот се доста понапред од нас. Во повеќето земји од поранешна Југославија и Бугарија веќе постои одлична стартап сцена, која зад себе брои успешни стартапи, куп акцелератори и инвестиции. Во поглед на успех надвор од земјата, секако дека е тешко бидејќи играш на гостински терен. Сепак, со доволно труд, учество на конференции и ширење на контакти може да се отиде чекор напред и да се биде успешен“.

SocialSpot e алатка за бизнис колаборација која го централизира знаењето и експертизата на вработените. Целта на сервисот е да ги мотивира вработените да споделуваат содржина и да комуницираат на поедноставен начин. Целата комуникација се одвива во рамките на одреден проект, а секој вработен може да додаде документи од било кој сервис од облакот, како Dropbox, SkyDrive, Google Drive или да сподели линк, веб сајт или YouTube видео. Сите податоци се контролирани од компаниите.

Најважни за Марјан и Сашо Михајлов, ко-основачот на SocialSpot, се, секако, критиките и советите од искусните ментори кои ги запознаа на Spark.mе, за како да продолжат со развојот на сервисот. Добрите вести се дека некои инвеститори од конференцијата веќе се пријавија да ја тестираат бета верзијата, а имале и покана од уредник на влијателниот блог TechCrunch. Оваа интеракција со искусни бизнисмени е корисна за младиот македонски стартап бидејќи тие знаат да креираат, но го немаат соодветното искуство да го продадат својот продукт. Комуникацијата помеѓу помладите инженери и поискусните бизнисмени, вели Марјан, е тоа што и фали на македонската стартап сцена.

„Како и секаде, започнување бизнис од ваков тип бара трпение и време. Тоа што недостасува на нашата сцена е заедница која ќе даде поддршка за продуктите и компании кои се спремни да го споделат своето бизнис искуство со инженерите. Едноставно, на нашата сцена ù фали соработката меѓу искусните бизнисмени и мотивираните инженери“.

Кога вели дека за стартап е потребно „трпение и труд“, Марјан не зборува во празно. Негов претходен проект EmitKnowledge иако беше (и сè уште е), добра идеја за споделување на знаење, сепак наиде на проблеми. Но, EmitKnowledge ќе остане онлајн „за да не потсети на грешките кои ги направивме и на поуките кои ги извлековме од тој проект“.

„Со EmitKnowledge ја поставивме визијата на нашата компанија чија насока е истражување и развој на продукти.“, вели Марјан. „Но, во наредниот период фокусот го ставаме на бета верзијата на SocialSpot. Иако е сè уште рано да се изјави, постои голема можност да одиме во New York на Tech Disrupt во 2014 година“.

Подолу е видео во кое Марјан зборува за впечатоците од Spark.me додека ги чека резултатите од комисијата. Видеото е снимено од Дарко Булдиоски од New Media MK.

[youtube]Sz7R93LdKNA[/youtube]

1 коментар на “Искуството вреди! SocialSpot се претстави за прв пат на Spark.me

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии