Македонскиот стартап Разговор.мк доби инвестиција од 55000 евра од балтичкиот акселератор Startup Wise Guys

Македонскиот стартап Разговор.мк е единствен стартап од регионот кој стана дел од првата програма за одржливост на водечкиот балтички акселераторот Startup Wise Guys. Потенцијалот за развој и општественото влијание на платформата беа пресудни за добиената инвестиција.

Разговор.мк е платформа која на своите корисници им помага да го негуваат своето ментално здравје преку брз, едноставен и анонимен пристап до психолози и советувачи. Пристапот до психолозите е онлајн, а Разговот.мк соработува со триесетина психолози експерти во различни области. Разговор.мк е достапен за корисниците на Android и iOS оперативните системи.

Целта на Разговор е да надмине еден од најголемите проблеми при грижата за менталното здравје – пронаоѓање на вистинскиот психолог. Платформата треба да го скуси времето кое на луѓето на кои им е потребен психолог ќе го поминат во пронаоѓање соодветен лекар.

За платформата и инвестицијата зборувавме со нејзиниот основач Георги Михаилов.

Кажи ни нешто повеќе за себе?

Израснав во Штип, таму го завршив основното и средно образование. Тренирав фудбал десетина години, но моите вештини не беа доволни за амбицијата која ја имав, па решив да ја напуштам идејата за професионален спортист. Се запишав на економскиот факултет при УКИМ и при крајот на студии почнав да учам програмирање. По неколку месеци, почнав да одам на пракса во IT startup и од блиску видов каков импакт би можел да имам доколку развијам кариера во тој правец. За среќа, бев благословен со незнаењето за тоа што значи претприемништво и решив да основам компанија. Генералната идеја беше дека ќе ги спојам моите технички вешти со ентузијазмот што го имам за подобрување на секојдневието на луѓето во мојата околина. Уживам во спортско качување, sci-fi книги и по некое пиво :)

Од каде идејата за развој на Разговор.мк?

Идејата за развој на алатка која ќе овозможи грижа за своето ментално здравје постоеше подолго време. На почетокот, замислата беше различна и се фокусираше на искористување на веќе изградената доверба помеѓу мали групи на пријатели. Сепак, по некое време и малку тестирање заклучивме дека професионалец за ментално здравје може да даде далеку поголема вредност за корисниците.

Врз основа на ова сознание, почнавме да истражуваме каков е целиот процес доколку некој сака да разговара со психолог или психотерапевт. Откривме неколку проблеми. Првиот проблем беше пристапноста, односно увидовме дека е важно да направиме секој да може лесно да ги најде психолозите, да дознае повеќе за нив, да може да закаже разговор и сето ова треба да биде во приватна околина. Од овде дојде идејата за Разговор.мк како сеопфатна платформа за ментално здравје.

Колку време го развивате? Од кога постои?

Генералната идеја за создавање на алатки како персонализирани системи за поддршка постоеше подолг период, неколку години. Како и да е, специфично Разговор.мк како продукт го развивавме околу 4 месеци. По целиот процес, кој подразбира создавање на софтверско решение, поставување бизнис процеси и пронаоѓање на првите психолози кои ќе се приклучат на платформата, пуштивме Андроид апликација на пазарот. Ова беше на крајот на Август минатата година. Денес имаме и iOS апликација, а за краток период ќе бидеме достапни и преку веб.

Каква улога имаше пандемијата во развојот на Разговор.мк?

Би рекол дека пандемијата имаше значајно влијание во развојот на Разговор.мк како продукт. Од аспект на компанија, нѐ натера јасно да дефинираме што правиме и кои се функционалностите кои треба да ги развиеме за да имаме најголем импакт. Дополнително, пандемијата фрли светло и на тоа колку е важно да се остане ментално присебен во вакви ситуации. Ова влијаеше во прифаќањето на луѓето на еден ваков продукт.

Како дојдовте до Startup Wise Guys и како се одвиваше целиот процес?

Пред SWG, бевме дел од Seavus акцелераторот. Како дел од таа програма имаше ментори од SWG и со нив имавме неколку работилници и разговори. Во тие моменти Startup Wise Guys одржуваше три-дневен bootcamp и не поканија и нас да бидеме дел од истиот. Иако имавме само еден викенд да се подготвиме успеавме добро да се претставиме. Целиот процес траеше некаде околу една недела. Во првиот ден го презентиравме продуктот и ја претставивме нашата генерална идеја. По ова, имавме брзи состаноци со голем број на експерти од различни области и со нив разговаравме за различни аспекти од нашиот продукт и визија. На крај, некаде една недела по завршување на овој процес и интерна дискусија во SWG добивме покана да станеме дел од следната програма.

Колку средства добивте од акселераторот и како ќе ги инвестирате?

Се работи за инвестиција од 55.000 евра. Овие средства се од огромно значење за нас како млада компанија и ќе ни овозможат побрз развој и имплементирање на зацртаните цели. Генерално средствата ќе бидат искористени за цементирање на нашата позиција на домашниот пазар и развој на софтверското решение со нови дополнителни функционалности. Дополнително, веќе сме во процес на интернационализација на продуктот и овие средства ќе ја забрзаат имплементацијата на потребните решенија.

Колку корисници досега ја искористиле можноста да контактираат психолог на овој начин и колку сесии се организирани?

До сега, над 500 корисници закажале барем еден разговор, а моментално имаме над 3000 активни корисници, односно над 3000 луѓе ја имаат апликацијата (android, iOS) на нивните телефони. Организирани се над 1000 сесии. Според она што го гледаме моментално, очекуваме раст од околу 25-30% на месечно ниво во оваа година.

Каков е интересот на психолозите?

Во почетокот, добар дел беа скептични затоа што почнавме само со можност за допишување. Како минуваше времето и како се пренесуваше искуството од психолозите кои ја испробаа платформата така растеше и интересот. Денес имаме над 30 психолози на платформата. Платформата е бесплатна за нив и идејата е да креираме профили на сите лиценцирани психолози во државата. Сепак, ова нема да  биде наеднаш и растот ќе има ограничувачки фактори. Профилите се креираат на принцип прв дојден, прв услужен, така што би ги поканил сите кои што би сакале да го има нивниот профил на нашата платформа да испратат кратка апликација ден поскоро.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии