Група на македонски портали, вклучувајќи го и IT.com.mk, a предводена од Центарот за развој на Медиуми, стартуваaт иницијатива за подобар професионален однос помеѓу медиумите и сите други креатори на онлајн содржина. Иницијативата е поттикната од постојаното крадење на текстови и фотографии, и нивно објавување како своја содржина, без притоа да им се даде признание на авторот на текстот, или на тој што бил настан да фотографира.
Јасно е дека онлајн медиумите се тркаат за посети, и со тоа за пари од огласувачите, но злоупотребата на авторското право едноставно им штети на сите. Во Македонија постои Закон за авторски права, но истиот е тешко да се примени во онлајн средина каде секој од секого краде по нешто. Но, проблемот може да се реши едноставно со заемна професионална почит кон сите онлајн медиуми, локални и национални, фотографите и камерманите, и секако блоговите.
Идејата зад иницијативата е да ги поттикне сите македонски онлајн медиуми да го почитуваат „фер користењето“, и со тоа да ги прифатат овие принципи за етичка пракса. Принципите ќе помогнат да се добие атмосфера која ќе поттикне креирање на оригинална содржина. Тоа ќе биде од корист и за медиумите и за публиката.
Сите медиуми и блогери се поканети да ги прифатат „Принципите за фер употреба на туѓи авторски дела во известувањето на онлајн медиумите“. Дел од принципите велат дека:
- Новинарството не може да ја врши својата општествена функција на информирање најавноста без повикување на претходно објавени новинарски трудови, вести, извештаи и коментари;
- Цитирањето на туѓи новинарски текстови е прифатливо само со соодветна атрибуција (наведување на изворот и авторот);
- Прифаќаме дека фотографиите и илустрациите не се опфатени со никакви исклучоци од законодавството на полето на авторските права;
- Постои разлика помеѓу вградувањето („ембедирањето“) и копирањето на видео материјали;
- Цитирањето на делови од анализи или коментари за поттикнување јавна расправа е дозволено;
- Универзалност на принципитe.