Македонската компанија Keitaro со микро-сервис за полесно поставување на основата рамка за микро-сервиси

Keitaro е интернационална компанија со 42 вработени и канцеларии во Македонија, Шведска, Германија и Америка. Главно се фокусирани на работа на Linux и open source решенија и нудат консултантски услуги.  Постојат од 2012 година, а имаат канцеларии во Битола, Скопје, Малмо и Берлин. Неодамна го претставија своето микро-сервис решение, Microkubes.

Објаснете на пошироката публика на кратко што точно се микросервиси и на што се должи растот на нивната популарност? За што најчесто се користат и кои се нивните предности?

Микро-сервисите претставуваат одделни компоненти кои комуницираат преку API-ја и заедно сочинуваат еден софтверски систем. За разлика од традиционалните монолитни апликации кои сочинуваат комплексен систем на меѓусебно зависни делови, секој микро-сервис може да функционира засебно и брзо и лесно да се надградува без да се влијае на целиот систем. Микро-сервисите нудат низа предности како што се: континуирана испорака и деплоирање на големи, сложени апликации преку подобра флексибилност и можност за тестирање, како и подобро деплоирање и скалирање на одделните сервиси. Секој микросервис е релативно мал, што овозможува полесно и побрзо деплоирање и поголема продуктивност на девелоперите. Нудат подобра изолација на проблеми. На пример, ако има истекување на меморија во една услуга, тогаш само таа услуга ќе биде засегната, другите услуги ќе продолжат да ги спроведуваат барањата. Се елиминира секоја долгорочна посветеност на технологијата. При развивање на нов сервис или имплементирање промени на веќе постоечки, може да се користи сосема различна технологија од онаа што првично сте ја користеле. Во последно време системите во индустријата стануваат се покомплексни, барањата се насочени кон системи што мора да бидат многу скалабилни и да се има целосна контрола врз она што може да се надградува. Токму затоа се почесто компаниите и девелоперите го користат овој начин на креирање различни типови на софтвер. Решенијата изградени со микро-сервиси овозможуваат системот да е постојано онлајн, непрекинато да функционира дури и кога некое делче, односно микро-сервис е паднат, и овозможуваат лесно имплементирање на промени поради изолираноста на секој микро-сервис.

Кажи нѝ повеќе за Microkubes. Како функционира? За што и за кого е наменет?

Станува збор за работна рамка која е наменета за развивање на системи со микро-сервисна архитектура. Овозможува брзо поставување на основна инфраструктура за микро-сервиси, што може да се деплоира на било кој клауд (AWS, GCP etc). Како креатори на работната рамка, ние донесовме одлуки и одбравме технологии за да имплементираме основна инфраструктура која секој микросервисен систем мора да ја има: API Gateway, Service Registry и Discovery, Monitoring/alerting, latency control, persistence. Ги одбравме технологиите за да овозможиме висока скалабилност и достапност, што значи дека секој сервис од Microkubes може да скалира или да се сетапира како кластер. Исто така, одбравме технологии кои добро работат врз Docker, Kubernetes, Helm, Swarm. Microkubes е наменет за широката јавност, вклучувајќи девелопери или компании кои развиваат свои продукти и софтверски решенија користејќи микро-сервиси.

Која технологија ја користевте за развој?

Платформата работи врз Docker, имаме Kubernetes деплоирање, Helm charts, Docker compose за Swarm. Освен ова одбравме технологии кои се докажани во светот на дистрибуираните системи, како што се Kong за API Gateway, consul.io како сервисна мрежа, MongoDB/DynamoDB преку сопствена библиотека со отворен код, hystrix-like latency control и cuircuit breaker, Prometheus за мониторинг и известување. Микро-сервисите се имплементирани во Go со design-first пристап, односно Goadesign работна рамка. Освен ова, имаме библиотеки за поврзување и алатки за самата платформа во Go и Python. Во иднина ќе овозможиме библиотеки за поврзување и алатки и за други програмски јазици како Node.js, Java, Ruby и сл.

Какви предзнаења се потребни за користење на вашиот сервис?

Секој може да пишува сервиси во технологијата што ја познава бидејќи Microkubes е „agnostic“, тоа значи дека не го ограничува корисникот во поглед на технологијата која ќе ја користи. Целата комуникација оди преку HTTP и AMQP. Покрај тоа, познавања од Docker, Kubernetes и Go се предност.

Дали сервисот се плаќа и на кој начин ќе опстојува?

Microkubes е со 100% отворен код лиценциран под OSI соодветната Apache License 2.0, не се плаќа. Секој кој сака да го користи сервисот може да почне со развој на своето решение веднаш, без никакви трошоци. Сѐ што е потребно е достапно е на GitHub и докер хаб. Сервисот ќе опстојува од наша директна инвестиција како и од заедницата што планираме да ја створиме околу Microkubes. Нашиот бизнис модел е базиран на бизнис моделот за решенија од отворен код, што подразбира дека ќе монетаризираме од нудење поддршка и професионални услуги за Microkubes.

Кажете ни збор-два за компанијата која стои зад Microkubes – од кога постои, што е приоритетната дејност?

Кеитаро е софтверско – консултантска компанија. Работиме од 2012 и фокусирани сме на изработка на решенија и консултации за менаџирани клауд сервиси, отворени податоци и Линукс базирани технологии. Имаме долгогодишно искуство со креирање на CKAN инстанци на локална и клиентска инфраструктура, ова искуство подразбира дека нашите водечки CKAN core програмери можат да креираат апликации брзо, лесно и сигурно. Работиме со клиенти од целиот свет и постојано се трудиме да бидеме во тек со најновите трендови и технологии. Во изминатава година покрај интензивната работа за надворешни клиенти, се фокусиравме и на креирање нови продукти и софтверски решенија, едно од нив е токму Microkubes, а за останатите ќе дознаете наскоро.

Кои се плановите за во иднина? Планирате ли да продолжите со развојот на Microkubes?

Развојот на Microkubes не застанува тука. Во наредниот период ќе продолжиме со надградба на системот за да овозможиме уште подобра и полесна имплементација на микросервиси за секој корисник на Microkubes. Функционалноста е веќе докажана, ние самите го користиме за креирање на наши софтверски решенија и преку самата работа доаѓаме до нови идеи за понатамошен развој и подобрување. Се разбира бидејќи е решение од отворен код, сакаме сите заинтересирани да се приклучат кон проектот со било какви контрибуции, дали се тоа идеи, код, исправки или нови функционалности.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии