Македонската компанија Archona Games со нов проект на KickStarter

Ако не сте ги поминале последните неколку години без да читате вести, тогаш најверојатно знаете дека македонските дизајнерите на друштвени игри се супер успешни.

Сè започна со Small Star Empire пред неколку години. Потоа следеа останатите kickstarter-кампањи за друштвени игри кои веќе се излезени или со нетрпение ги очекуваме.

Small Star Empire наскоро ќе добие нова 2.0 верзија. Заедно со играта излегуваат и две експанизии кои додаваат дополнителна механика и длабочина на играта. Играчите ќе можат да одберат една од четирите уникатни раси со сопствени предности, да собираат ресурси и да развиваат технологии.

За креирањето на друштвени игри разговаравме со Милан Тасевски основач на Archona Games и креатор на Small Star Empires.

Наскоро започнува нова кампања за втора верзија и за експанзија за Small Star Empires, што може да очекуваат играчите?

Во новата кампања ќе имаме 2 експанзии кои што ќе нудат дополнителни механики и гејмплеј и ќе ја направат играта уште поинтересна без да ја искомплицираат непотребно. Тоа беше една од главните работи на кои внимававме додека ги развивавме експанзиите и мислам дека успеавме во тоа. Покрај експанзиите, ќе ја понудиме и втората верзија на Small Star Empires, која што ќе вклучува компонентни кои ќе го олеснат броењето на поените и мислам дека многу ќе им се допадне на луѓето што веќе ја играат играта.

Опиши ни го процесот на креирање на игра или експанзија, на што се мора да се внимава?

Интересно е прашањето за процесот на кое што мислам дека нема правилен одговор, барем според моите искуства. Се зависи од идејата, и каква е. На пример, може да ви дојде одлична идеја за тема на игра, па оттаму да потекнува самиот дизајн на механиките и правилата. Или пак, да ви текне некое интересно правило што ќе направи многу интересна игра, па некако да пробате да најдете тематика околу тоа. Јас лично како дизајнер секогаш се водам од темата, па гледам низ таа призма да ги преточам и механиките и мислам дека така може да е многу подобро за самата игра бидејќи темата и правилата ќе бидат логично поврзани, а тоа ја прави играта поинтуитивна и поинтересна за играчите. А, секако тоа е најважното, играта да е забавна!

Несомнено и креирањето на нова игра и креирањето на експанзија си носи свои предизвици. Што е потешко?

Дефинитивно потешко е нова игра. Со експанзија/експанзии имаш основа и систем врз кој што се гради нешто ново. Тоа е баш како да доградуваш дел од куќа или уште еден спрат. :) Темелите се таму, нема потреба да градиш нови, туку само да ја надоградиш веќе постоечката содржина. Што не значи дека е помалку возбудливо, бидејќи кога прв пат почнав да размислувам каде се може да оди оваа едноставна игра во смисла на развивање… стигнав во далечна галаксија со мислите. :)

Што те/ве мотивира да правите друштевени игри? Креирање на сопствена игра, креирање на правилата, нешто друго?

За мене, главна мотивација е самиот процес на креирање нешто ново, и тоа ми е главна мотивација со многу работи, бидејќи и се бавам со креирање на музика и арт. Наоѓањето на решенија на сите тие дизајнерски проблеми е едно од најубавите чувства што може да ги има еден дизајнер. На пример, некој пат ќе заглавам 2 месеци на една иста механика во игра и нема да знам како да ја направам да функционира супер и да биде забавна, ама кога ќе дојде моментот на еурека и ќе се поклопат коцките, чувството е незаменливо.

Со таа мотивација почнав да се занимавам со дизајнирање на игри, а секако, сега имамe и други мотивации. На пример, сакаме да станеме една од најпознатите компании за друштвени игри во светот, хахах! Долг е патот, ама млади сме и имаме време. :D

Кога е поголема сатисфакцијата? Со првата идеја; кога ќе се заврши прототипот; или кога ќе заврши сè и кутиите се испраќаат на играчите?

Сè е многу интересно. Незаменливи се чувствата кога имате игра со завршен game design и е готова за понатамошните чекори. Потоа, првото парче арт за кутијата што ќе стигне од артистот што сте го најмиле да ви црта и вие сте како „Wow ок, закон ова иде одма на Facebook и Instagram!“ Во овој случај бидејќи има арт за играта што и јас го цртам, побргу доаѓаме до тој чекор. :)

Но, исто така и моментот кога ќе ви стигне првата кутија од фабричкиот примерок и едвај чекате играта да стигне до рацете на луѓето кои што ве поддржуваат во остварување на вашиот сон. Тоа е буквално незаменливо!

Што е следно? Кои се плановите за иднина?

Нови игри нормално! Спремаме серијал на игри кои што ќе бидат во фазонот Small (нешто) Empires, а секако и уште неколку поголеми и помали дизајни кои што се надевам набрзо ќе бидат во форма за играње. Се надевам звучи возбудливо!

Small Star Empires 2.0 и двете експанзии за играта започнуваат со кампањата на 11 април.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии