Македонија е заглавена, но ИТ општеството се развива, се вели во европскиот извештај

Прогресот на Македонија кон членство во ЕУ се наоѓа во „безизлезна положба“. Вака Европската Комисија го отвори својот нов извештај за Македонија, обвинувајќи ги властите дека не сакаат да ги прифатат препораките и реформите. Но, ако судството, граѓанските слободи и другите сфери се вистински проблем, тоа што е добро е што во делот за  „Информатичкото општество и медиуми“, има пофалби дека земјата напредува во вистинска насока. Иако и тука има сериозни критики.

Ако Европската Комисија повторно, како и во претходните извештаи, го пофали ИТ прогресот, сега повторно, како и во претходните извештаи, имаше критики за независноста на медиумите. Ова е ехо од извештајот за слободата на медиуми од Репортери без граници кој ја става Македонија на 123-тото место, најниската позиција што ја имала земјата до сега.

Од извештајот може да се заклучи дека Европа го гледа прогресот преку призмата на воведените закони. Така зборува дека е воведен нов Закон за електронски комуникации кој треба да ја „израмни“ националната легислатива со европските легислативи од 2009. Тоа што Комисијата не мери, или барем не е наведено во општиот извештај, е како се спроведуваат овие стратегии и закони.

За почеток има критики кон Агенцијата за електронски комуникации (АЕК). Агенцијата е пофалена дека воведе минимум квалитет на мрежа, има нова опрема за мерење на квалитетот на услугите и 4G мрежата е достапна. Со фиксен широкопојасен интернет се поврзани 16 отсто од граѓаните во 2013-та година, што е зад европскиот просек од 29 отсто. Но, АЕК е исто така искритикуван дека ги користи вишокот пари за инвестирање на други цели освен за развој на електронските комуникации. „Ова го нарушува кредибилитетот на агенцијата“, се вели во извештајот. Дополнително се додава дека „координацијата помеѓу регулаторот и властите за конкурентност за воведување на санкции е лоша“.

Има забелешки дека на Министерството за информатичко општество им фали кадар, и дека единствениот број за незгоди и итни случаи, 112, кој е воведен во Европа, за жал не е се уште претставен во Македонија. Пофалена е либерализацијата на доменот, со која МАРНет го префрли продавањето и менаџирањето на домени на други регистрари. Но, додадено е и дека недостасува национален компјутерски тим за итни случаеви (CERT).

Во делот за медиуми има загриженост околу објективноста и транспарентноста на Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во мониторинг на програмата на националните и регионалните телевизии. Агенцијата треба да биде независна, се вели во извештајот.

На кратко, Европската Комисија во својот заклучок наведува дека има „добар прогрес“ во израмнување на законодавството за интернет општество и медиуми, но исто така напоменува дека фалат „гаранции за независност на јавните медиуми и регулаторите на медиуми“. За жал, прогресот во ИТ сферата иако е добар, сепак не ја доближува Македонија кон членство во ЕУ бидејќи другите сфери од општеството се загрозени.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии