Македонија спомената во последното протекување на податоци од Cambridge Analytica

Нови податоци од Cambridge Analytica – британската консултантска фирма која користеше комбинација на дигитални алатки, собирање на податоци, нивна препродажба и неетичко комбинирање на податоците со стратешки комуникации укажуваат дека операциите на компанијата се поголеми отколку првично се веруваше. Новите податоци се дел од документите на Британи Кајзер и овој пат се споделени преку Twitter профилот Hindsight is 2020. Она што е интересно е дека во дел од објавените документи е спомената и Македонија. Македонија не е во фокусот на ниту еден од мејловите и е се споменува само во дел од потенцијалните државите кои би можеле да имаат интерес за услугите на Cambridge Analytica и нивната консултанска куќа во иднина. Според најавата на Democracy Now во следните неколку месеци ќе бидат објавени податоци за манипулациите во 68 држави.

Засега нема потврда дека Cambridge Analytica навистина помагал во политичка и било каква кампања во Македонија, а документот во кој се споменува може да го погледнете на следниов линк: Data analytics (.pdf фајл) . Комуникацијата во која е спомената Македонија е од јуни 2016, година во која во декември се одржаа парламентарни избори и политичката криза во земјата беше топ тема. Најважно е дека досега нема потврда за влијанија врз овие избори. Македонија е една од државите за кои Cambridge Analytica процени дека можеби постои интерес да бидат клиент.

Македонија — наскоро ќе знаеме дали загризаа. Скопје ќе биде прва цел за напорите за влез на Балкан — следни цели се Србија, Бугарија, Хрватска.

За последните протечени податоци го контактиравме Никола Спасов, шеф на регионалната канцеларија на SCL Balkans (На 1 мај 2018 поради скандалот со Cambridge Analytica SCL ги ги прекина своите операции и престана да работи). Тој објасни дека овој дел се однесува на првичните обиди за продажба, но од ова не испаднало ништо.

Во Македонија ниту од комерцијалните, ниту од политичките субјекти немаше интерес за ангажман. Во недостиг на релевантни податоци, без разлика дали не се собираат поради недостаток на интерес, или како во случајот со GDPR законските рамки се порестриктини, микротагетирањето на корисници е понепрецизно кога нема доволен пристап до податоци, објаснува г. Спасов.

Во споделените документи од Британи Кајзер има споменато неколку европски држави, но учество во официјална кампања не е потврдено на ниту едно место.

Главна причина за споделувањето на овие нови мејлови се последните избори во Велика Британија, но поважно следните претседателски избори во САД. „Сосем е јасно дека нашите изборни системи се отворени за злоупотреба, стравувам од она што ќе се случи на изборите во САД оваа година. Сметам дека еден од малкуте начини да се заштитиме е да споделиме што е можно повеќе податоци“.

Дел од податоците се веќе јавни и споделени. но Британи Кајзер има уште илјадници документи кои покажуваат дека злоупотребата е подлабока отколку што може да замислиме. Документите се однесуваат на Бразил, Кенија, Малезија и Иран, а дел од документите доаѓаат со имејл комуникација.

Во новите документи може да прочитаме дека CA работела и на идни кампањи на клиенти иако беа под истрага. Изборите во Украина 2017, но и во Романија 2019, се дел од кампањите во изработка на агенцијата.

Она што веројатно е и пострашно е дека е наивно да се верува дека Cambridge Analytica е единствената агенција/компанија која ќе им помага на заинтересирани страни да влијаат на изборите преку најразлични поделби на граѓаните.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии