Македонија сака поевтини роаминг цени како во Европа, но тоа засега е само желба

И покрај поголемиот стандард на живеење, европејците плаќаат помали роаминг цени кога патуваат во странство. За роаминг повик во Европа ќе платите околу 20 денари, додека роаминг повик од Македонија кон Србија ќе ве чини околу 100 денари за 60 секунди. Знам, не е фер. Европската Унија уште пред една година, од 1 јули 2012-та, одлучи дека европејците ќе плаќаат пониски роаминг цени за повици и интернет. Целта на регулативата е да може да се потикне економската соработка меѓу државите без корисниците да стравуваат од скапи сметки.

Сега, и Македонија сака да ги намали роаминг цените кои, споредено со европските, се екстремно високи и ги ограничуваат локалните бизниси. Затоа ИТ министерот Иво Ивановски и директорот на Агенцијата за електронски комуникации, Роберт Ордановски, ја посетија Европската Унија за да преговараат околу намалување на цените на повиците кон 27-те европски земји.

„Имавме одлична средба со конкретни дискусии кои ќе донесат и следни чекори се со цел да стигнеме до таа можност како земја-кандидат за членство во ЕУ, нашите граѓани кога патуваат во границите на 27-те земји-членки на Унијата да не плаќаат четири до девет пати повисоки цени од она што го плаќаат граѓаните на ЕУ.“, вели министерот Ивановски.

Но, имајќи ги во предвид преговорите за PayPal, можеби треба да имаме резерва и за овие прелиминарини дискусии на кои преставници на Европската Комисја изјавиле дека „се надеваат дека за брзо време тие ќе можат да излезат со конкретни предлози“. Токму затоа во соопштението испратено до другите .мк медиуми нема да прочитате никакви конкретни детали за договорите освен ветувања, иако иницијативата е за поздравување, секако. Проблемот нема да биде само тоа што Македонија не е во Европската Унија каде што постојат посериозни регулативи и легални механизми да се форсира намалување на цените и да се заштитат корисниците, туку и македонските оператори, како и нивните европски колеги, ќе имаат што да кажат за вакви проекти кои ќе им ги намалат приходите. Главните критики за намалените цени е што ќе го зголемат сообраќајот без да донесат доволно пари за одржување на инфраструктурите.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии