Македонија против Грција постави нов рекорд на Европското првенство во Counter Strike

Македонија и Грција поставија нов рекорд на Европското првенство 2014 во Counter Strike: Global Offensive. Натпреварот меѓу двата лути ривали, кој Македонија го доби со 2:1, привлече рекордни 22.000 гледачи на сервисот за стримање Hitbox. Македонија сега го очекува следниот противник во втората квалификациска рунда која се игра онлајн, и ако ги послужи среќата и вештините, можеби ќе стигнат до финалето во Белград кое се игра во живо, пред публика.

На ова првенство Македонија е претставувана од професионалниот гејминг тим, ENTiTY, кои се со огромно искуство во натпреварувањата во Counter Strike. Веќе со години се натпреваруваат на разни турнири за популарната шутер игра, чие второ продолжениe Global Offensive стана втора најиграна игра на Steam, а разните турнири привлекуваат до половина милион гледачи и наградни фондови од 250.000 долари.

Но, иако Counter-Strike, и општо e-спортот, станува се популарен, ENTiTY сè уште не можат да најдат локални спонзори кои ќе им помогнат да стигнат подалеку. Ниту кога ја претставуваат Македонија на ваквите натпреваруња не можат да најдат поддршка, вели Александар Киселинов, кој е попознат како helius од ENTiTY.

„Во Македонија и регонов нема ниту натпревари, ниту турнири. Без финансии не може да играме надвор од регионот, а помош стандардно нема од никаде. Имаше помош од Општина Охрид, но оваа година ја немаме. Од другите институции добиваме негативен одговор, а за да учествуваме на турнири тргаме пари на страна од тоа што ќе освоиме и гледаме да победиме на некој регионален турнир“, вели Александар. „Не е само да ја претставуваме Македонија, секогаш сме ја претставувале бидејќи нема никој друг сериозен гејминг тим кој ќе го види потенцијалот на играта“.

Покрај Counter Strike кој веќе со деценија е забавен е-спорт за гледање, во последните години на популарност добија и MOBA игрите, како DoTA 2 и League of Legends, кои се бесплатни и привлекуваат далеку поголеми наградни фондови и милиони фанови. Но, засега ENTiTY ќе се држи до Counter Strike, вели Александар, бидејќи таа игра им го оддржува тимот и им дава шанса да ја претставуваат Македонија. Иако тоа не изгледа како лесна задача.

„Проблемот за македонските тимови е континуитетот. Играме цела година за еден интернационален турнир додека другите играат десет. Ние ќе направиме една грешка, ќе загубиме тесно и ќе си кажеме себе си другиот пат ќе победиме. Но проблем е што нема друг пат, следниот турнир е за една година. Дотогаш ќе се сменат сите работи и си го изгубил прогресот“.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии