Македонија e домаќин на третата меѓународна конференција за телекомуникации BalcanCom

Во Скопје започна BalcanCom, третата меѓународна конференција од областа на телекомуникациите. Фокусот на конференцијата е актуелен и интересен; трите дена колку што трае конференцијата ќе се зборува на тема „5G и понатаму“. Конференцијата е иницирана од група еминентни научници, и треба да прерасне во собир на релевантни истражувачи и се стреми да го доближи технолошкиот моментум и да го намали информативниот процеп помеѓу развиените земји и Балканскиот регион.

BalcanCom ќе биде место на кое истражувачи ќе говорат за предизвиците и можните решенија на актуелната 5G технологија. На панел дискусијата ќе присуствуваат и гости врвни експерти од оваа област.

„Сакам да потенцирам дека овогодишната конференција е посветена на иницирање и воспоставување дух на „Балкан без граници“ за да се поддржи и зајакне слободен трансфер на знаење во регионот и пошироко, но и да ги поттикне и да им даде можност на регионалните телентирани млади луѓе и научници на поинтензивна соработка и на меѓународно претставување,“ вели професор Лилјана Гавриловска.

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски смета дека новата мрежа ќе донесе вистинска дигитална еволуција, а овој напредок ќе ги трансформира сите индустрии. Според првичните проценки најавено е дека првиот „5Г-град“ може да го очекуваме до крајот на 2023 година. До крајот на 2027 година сите градови во државата ќе бидат покриени со непрекинат сигнал од 5G, а до крајот на 2029 година секој граѓанин ќе има пристап до 5G интернет со минимум брзина од 100 Mbps, вели г. Манчевски.

„Владата е свесна дека 5G револуцијата нема да се случи преку ноќ, но тоа е важен чекор кон зголемување на учеството на дигиталната економија во нашиот национален БДП. На почетокот на 2019 година, Владата го усвои Националниот оперативен бродбенд план, усогласен со стратешките цели на ЕУ. Планот за развој на 5G е составен дел од овој стратешки документ.

Имплементацијата на 5G во Република Северна Македонија треба да обезбеди изградба на национален еко систем за безжично поврзување што ќе се фокусира на значително зголемување на квалитетот на корисничкото искуство, во контекст на значително проширување на бројот на понудени услуги и подобрување на севкупниот квалитет на животот. Врз основа на користењето на јавните средства, како и инвестициите на операторите во наредните 3 години, се проценува дека до крајот на 2023 година, најмалку еден град ќе биде покриен со 5G сигнал, а до крајот на 2027 година сите градови во државата ќе бидат покриени со непрекинат сигнал од 5G, а до крајот на 2029 година секој граѓанин ќе има пристап до 5G интернет со минимум брзина од 100 Mbps“, информираше министерот Дамјан Манчевски.

Партнер на конференцијата е Македонски Телеком, а Никола Љушев, Главниот извршен директор на Македонски Телеком, на отворањето на конференцијата ја истакна посветеноста на компанијата да го трасира патот на новата револуционарна технологија во земјата.

„5G технологијата, што воедно ќе биде основата на четвртата индустриска револуција, за телеком операторите неминовно ќе значи нов инвестициски циклус и изградба на нова мрежна инфраструктура –  најголемиот предизвик во остварување на преминот кон роботизација, вештачка интелигенција, автономни возила, огромен број паметни сензори итн. ќе се оствари доколку сите општествени чинители делуваат заедно и координирано. Само на тој начин може да се создаде одржлив екосистем кој ќе даде нова вредност, поголема продуктивност и трошковна ефикасност.

Во соработка со академската заедница ќе ги истражуваме и продлабочуваме можностите за користење на 5G, очекувајќи одговорните институции да бидат генератори на политики кои ќе донесат забрзана дигитализација на општеството, како и развој на комуникациските и на информатичките технологии.

Светот глобално се менува и сите ние како креатори на новото дигитално општество имаме одговорност да ја ставиме технологијата и иновациите во служба на граѓаните и целото општество“, истакна Никола Љушев.

Ова е трета ваква конференција, првата се одржа во Албанија во 2017 година, а во 2018 година конференцијата се одржа во Црна Гора.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии