Magna Roma е најновата македонска друштвена игра која го освои Kickstarter

Magna Rome e нова друштвена игра на македонските издавачи и дизајнери на друштвени игри Archona Games која успешно ќе ја заврши својата Kickstarter-кампањата. Играта на љубителите на друштвени игри веќе им е достапна на Kickstarter, а до потребните средства дојдоа за 16 часа. Во овој момент веќе се отклучени и неколку дополнителна цели.

За успешно финализирање на кампањата беа потребни 40 000 австралиски долари, а веќе се собрани над 73 000 од 661 поддржувач.

Ова е шеста успешна Kickstarter кампања на Archona Games. Претходните игри на Archona се Small Star Empires, Galactic Warlords, Small Star Empires 2nd Edition и две експанзии, Small Samurai Empires и Small Railroad Empires. Овие друштвени игри ги поддржаа над 5000 ентузијасти.

Во Magna Roma играчите ќе бидат во улога на римски гувернери кои се повикани од императорот за да го изградат следниот „бисер“ на римската држава. Играчите треба да планираат и внимателно да го користат сите ресурси кои им се на располагање за на крај да освојат најмногу поени. Тие ќе можат да градат споменици во градот, да испраќаат легии за да освојат нови провинции и  да им се молат на боговите за благослов. Иако правилата се едноставни комбинациите на различните можности прават Magna Roma да биде многу покомплексна и забавна игра.

Компаниите кои креираат и издаваат друштвени игри во Македонија имаат одличен успех. Куп кампањи се завршени успешно, и не само што издаваат сопствени игри туку веќе можат да издаваат игри и на други дизајнери. Засега во Македонија има два издавачи Archona Games и Final Frontier Games. Двете компании имаат повеќе успешни игри и се едни од ретките успешни приказни од регионот за успешни „crowdfunding“ кампањи.

Ова е супер прилика да се потсетиме на сите друштвени игри кои ги претставија овие компании досега:

Small Star Empires (2016) – Archona Games

Првата македонска друштвена игра и прв успешен Kickstarter проект кој успеа да собере над 33,038 австралиски долари на crowdfund платформата. Играта дојде до потребните средства за десетина дена, а успеаја да отклучат и неколку од дополнителните цели. Креатор на играта е основачот на Archona Games Милан Тасевски.

Приказната на Small Star Empires, се врти околу галаксијата и вселенски бродови со меѓуѕвезден погон. Играчите се водачи на цивилизации кои се борат за надмоќност, што се постигнува „со тоа што ќе населуваа ѕвездени системи, истражуваат прекрасни маглини и градат вселенски станици за трговија. Оној кој има најмногу поени на крајот од играта се прогласува за победник и неговата цивилизација се прогласува за најсилната вселенска империја!“.

Неколку години подоцна во 2018 Archona Games ја реиздаде играта заедно со уште две експанзии кои додадоа уште поголема длабочина и стратешки елементи на играта. Второто издание и експанзиите Dawn od Discoveries и The Galactic Divide успеаја да го надмината прагот и да дојдат до 105 117 долари на Kickstarter од 1198 поддржувачи.

Cavern Tavern (2016) – Final Frontier Games

Првата друштвена игра на Final Frontier ни ги претстави Војкан Крстевски, Тони Тошевски, Ивана Станковска и Маја Матовска и Northern Realms – светот кој го креираа за своите игри. Играта супер брзо ја надмина поставена цел на Kickstarter, а до крајот на кампањата успеа да собере 107 000 долари.

Cavern Tavern е work/dice placement игра на табла. Играчите се во улога на келнери во најпознатата таверна во Northern Realms, а таму е речиси невозможно да ги задоволите сите гости. Во текот на играта ќе треба да се услужат елфови, тролови, џуџиња, но и волшебници, и истовремено истовремено да се исполнат задачите од сопственикот на таверната Nasty the Dwarf.

Rise to Nobility (2017) – Final Frontier Games

Втората игра на Final Frontier Games ни донесе проширување на светот кој го видовме во Cavern Tavern. Овојпат излеговме од таверната и влеговме во градот Кејвборн, а тука не пречекаа познатите ликови, eлфови, тролови, џуџиња, принцези и кралство.

Најмногу шестмина играчи ќе се натпреваруваат кој ќе го замени Berk the Town Clerk на чело на Советот на доселеници.

Во периодот на кампањата играта ја порачаа 4611 поддржувачи, и во кампањата собра 370 760 долари.

Rise to Nobility Beyond е надградба на оригиналната Rise to Nobility. Кампањата беше заедничка со реиздавање на оригиналното издание и успеа од 2683 поддржувачи да собере 172 241 долар. Експанзијата ја проширува основната игра и овозможува дополнителни механики кои играта ја прават поинтересна и додаваат дополнителни можности за собирање на поени.

Galactic Warlord – Archona Games – 2017

Втората игра која ја издаде Archona Games ја донесе соработката со Бабис Гианиос. По промена на планот и повлекувањето на играта од Kickstarter, неколку месеци подоцна се врати многу поинтересна и позабавна. Кампањата беше успешна, и успеа да собере 28 554 австралиски долари од фановите.

Во оваа стратешка игра играчите земаат улога на еден од галактичките владетели и земаат контрола врз нивните армии. Играчите во текот на играта регрутираат платеници прават комбинации и освојуваат сектори во натпревар кој ќе биде следниот „владетел“.

Robin Hood (2018) – Final Frontier Games

Полу-кооперативната игра Robin Hood and the Merry Men ги става играчите во улога на членови на дружината на Робин Худ. Во оваа друштвена игра играчите си помагаат за да ги спасат и градот Нотингем и принцезата Мариан.

Темата на играта се покажа доволно атрактивна за играта да дојде до 537 093 долари од 6762 поддржувачи. Играта е дизајнирана од Џонатан Гилмор и Мартин Пул, а Final Frontier Games во овој случај беа издавачи.

Small Samurai Empires (2019) – Archona Games

По освојувањето на вселената, креаторот на Small Star Empires се „сврте“ кон далечниот исток и легендарните воини – самураите.  Продолжението на Small Empires серијалот им донесе 67 942 австралиски долари во Kickstarter кампањата.

Играчите во улога на даимио освојуваат територија и се натпреваруваат кој ќе биде најмоќниот император во историјата. Во текот на играта собираат неопходни ресурси, освојуваат територија за да подобрат дел од своите акции или војуваат со противниците. Вообичаено победник е играчот кој ќе успее да собере најмногу поени. Правилата на играта се едноставни, но можностите кои ги нудат ја прават многу забавна.

Coloma (2019) – Final Frontier Games

Ако со Робин Худ не однесоа во средновековието, во следната игра Coloma, Final Frontier не носат на дивиот запад. Играчите бараат злато, истражуваат реки, ја населуваат дивината и припитомуваат коњи. Играчите треба да пронајдат баланс, но и да имаат повеќе отворени потези за да може да ги остварат кога ќе им дојде редот. Дизајнер на Coloma e Џони Пак. Кампањата на Kickstarter собра 288 454 долари од 3687 поддржувачи.

Small Railroad Empires (2020) – Archona Games

Ако сите освојување и војувања не ви се допаѓаат Small Railroad Empires е изданието на серијалот за љубителите на железници и вовчиња. На оваа игра довербата и ја дадоа 1459 поддржувачи и собраа 96 709 австралиски долари.

Овојпат како што и името навестува оружјето ќе го замените со пруги и вовчиња, а планетите со станици и роба која треба да се пренесе. Играчите во текот на играта поврзуваат фабрики со градови, пренесуваат роба и во размена добиваат парички и престиж.

Merchants Cove (2020) – Final Frontier Games

Merchant Cove е финансиски најуспешна друштвена игра издадена од македонски издавачи. Играта во текот на кампањата собра 605 938 долари од 6683 поддржувачи.

Со оваа игра продолжува соработката на дизајнерот Џони Пак и Final Frontier. Овој пат локацијата на играта е во светот кој Final Frontier започнаа да го креираат со својата прва игра. Играчите се во улога на трговци во пристаништето Merchant Cove. Ова е главниот трговски центар во Северните кралства, па можност за заработка има постојано.

 Она што ја прави играта супер интересна и супер атрактивна е асиметријата. Секој од играчите користи различен трговец кој на уникатен начин ги произведува продуктите кој ќе ги продава на трговците.

Ова е една од поновите игри на листата заедно со Monsters on Board и Small Railroad Empires, па испораката е во тек.

Monsters on Board (2020) – Final Frontier Games

Final Frontier Games се „само“ издавачи на Monsters on Board, но овојпат играта е дизајнирана од македонски дизајнери. Дизајнери на играта се Александар Микиќ, Иво Нешковиќ и Самоил Петрески. Почетокот на кампањата за Monsters on Board беше во ек на пандемијата, но сепак успеаја да соберат 290 320 долари од 3 916 поддржувачи.

Во играта играчите се во улога на чудовишта кои се шетаат по градот и плашат луѓе. Целта е од исплашените луѓе да креираат што е можно повеќе од омилениот пијалак на чудовиштата „Spook Juice“.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии