Made by Google ’19 – нов Pixel 4, но и куп друг хардвер

Дејан Соколоски

во Вести, Мобилни

Можеби сите го очекуваа Pixel 4, но Google го искористи својот настан за да претстави куп хардвер, од слушалки до нов Pixelbook.

Pixel 4 и Pixel 4 XL

Речиси и да не дознавме ништо ново за Pixel 4, не поради тајноста на Google туку поради протекувањата кои излегоа порано и сите се покажаа точни. Сепак дознавме дека новата верзија излегува на 24 октомври и Pixel 4  ќе чини 800 долари, а 4 XL 900 долари.

Она што е поизвесно е дека ако сте виделе хадвер на еден „flagship“ Android телефон сте ги виделе сите. Pixel 4 доаѓа со Snapdragon 855, 6GB RAM, и избор помеѓу 64GB и 128GB слободен простор. Екранот е доаѓа со 5,7-инчен OLED, а  батерија со капацитет 2800mAh. Поголемиот телефон Pixel 4 XL има 6,3-ичен екран и батерија со капацитет 3700mAh. Она по што Pixel 4 се разликува од конкурентите е што екраните се со рефреш од 90Hz, а најголем дел од конкуренцијата е со 60Hz. Ова би требало да обезбеди „помазно“ работење. За екранот да не ја испразни батеријата ќе има автоматско намалување на бројот на фрејмови.

Се чини дека полето на натпревар помеѓу производителите на паметни телефони овојпат е камерата. Претходно Apple, а сега и Google посветија големо внимание на презентирањето на можностите на комбинацијата на камера и вештачка интелигенција. Овојпат Google додаде камера на својот уред. Претходните верзии доаѓаа со една леќа, а ова е првиот телефон од Google што доаѓа со двојна камера составена од: 16MP телефото и 12MP стандардна камера.

Камерата на Pixel и досега беше во самиот врв кај телефоните, но новата надградба ќе ја направи уште подобра. Во време кога речиси сите телефони доаѓаат со сличен хардвер разликата е во софтверот, и тоа повторно е вештачка интелигенција. Овојпат во процесот на фотографирање се сликаат 9 помалку развиени фотографии кои потоа се комбинираат во 1 фотографија.

Google во овој период имаше повеќе време да ја тренира вештачката интелигенција и тоа фокусот е на „вистинската боја“. На пример ако небото се одбива од снегот бојата на снегот е сина, иако знаеме дека не е. Благодарение на тренирањето камерата сега подобро препознава која е оригиналната боја. Ова не е совршено, но е навистина добро и со време ќе биде и подобро.

Со помош на вештачка интелигенција Pixel сега може да прави неверојатно ноќни фотографии. Сè што е потребно е да се фиксира телефонот и потоа да оставите вештачката интелигенција да „работи“ за вас. Телефонот фотографира 15 пати со долга експозиција од по 14 секунди и потоа ги комбинира сликите.

Засега единствен проблем е фотографирање при голема разлика во осветлувањето, но Google вели дека можеби наскоро со софтверска надградба ќе го реши и овој предизвик.

Телефонот доаѓа со куп сензори и функционалности. Наместо отклучување со отпечаток сега и Pixel има препознавање на лик на корисникот. Дополнително благодарение на сензорите Pixel 4 препознава гестикулации како команди. На пример мавтање преку телефонот може да се користи за исклучување на алармот.

Најголема предност на Pixel пред конкурентите е брзината на надградбите и софтверот кој доаѓа со телефонот. Новиот телефон доаѓа со новиот надграден асистент. Една од најинтересните функционалности кои ги претстави Google е можноста за транскрипција во реално време. Телефонот го слуша разговорот и заедно со времето го претвора во текст. Вообичаено со Google ова значеше дека „тешките“ задачи се завршуваа во облакот. Овојпат сè е на телефонот, што ќе обезбеди приватност на овие разговори кои никогаш нема да го напуштат телефонот.

Pixelbook Go

Откако прерипаа една година Google оваа година повторно се врати на Chrome OS лаптопите. Најголемо изненадување на овој Chromebook е цената, доаѓа за 650 долари, значително поевтино од 1000 долари, колку што чинеше првиот Pixelbook.

Лаптопот доаѓа со 13,3-инчен дисплеј и батерија која е доволна за 12 часа работа помеѓу полнењата. Со 20 минутно полнење лаптопот е подготвен за 2 часа работа што барем делува соодветно, иако ова време на работа често е комбинација од видео, сурфање и други активности кои не се голем товар на батеријата, а така е и овојпат.

Иако новиот Chromebook е интересен повратник, она што е поинтересно е недостатокот на таблет од Google. На ова поле Google и Apple по се изгледа имаат сосем различен концепт. Додека Apple сака да го замени лаптопот со iPad, Google како да крена раце од промоција на таблети со непроменет „ванила“ Android, иако Nexus 7, долго време важеше за најдобар Android таблет компјутер.

Pixel Buds

Лаптопот не беше единствениот кој се врати назад. Google реши повторно да се обиде и со Google Buds. Паметните безжични слушалки не беа успешни првиот пат кога Google ги претстави, но компанијата не се откажува.

Најголема предност која доаѓа се Pixel Buds е паметниот асистент на Google. Слушалките се бежични и се поврзуваат на поголема далечина со телефонот или лаптопот. За разлика од претходниот модел новиот доаѓа без никаква жица помеѓу слушалките и е посличен до AirPods отколку до претходната верзија од Google.

Pixel Buds можат да работат до 5 часа со едно полнење на батеријата. Слушалките ќе бидат достапни од 2020 година, и според најавата ќе чинат 180 долари.

Nest Wifi, Google Home

Google Nest Mini е замена за Google Home Mini, иако ова ќе го забележите и по речиси идентичниот изглед. Разликите се суптилни, на пример басот на новиот звучник е два пати посилен, а и звучникот е подобар. На уредот му е додаден уште еден, трет микрофон. Претпродажбата започнува на 22 октомври, а цената на Nest Mini е 50 долари.

Nest Wife е замена за Google Wifi. Надградбата е на куќиштето, но и на брзината. Nest WiFi доаѓа со два пати побрз сообраќај и 25 отсто подобра покриеност.

И двата уреди, Nest Wifi и Nest Mini всушност е комбинација на рутер и паметен звучник, на дата елементи им  е додаден и гласовен асистент за уредот да може да се користи за управување со паметниот дом. Google претстави уште еден уред Nest Point што се користи за проширувањето на покриеноста со рутерот.

 

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии