Љубовта на Борче Ѕвонев кон аркадните игри го инспирира да креира сопствени „флипери“

IT.mk редакција

во ИТ.МК

Борче Ѕвонев е еден од наголемите љубители на аркадни игри кои досега сме ги сретнале. Неговиот ентузијазам го претворил играњето на видеоигрите во супер интересно хоби. Неодамна на друштвените мрежи можевте да забележите дел од неговите дела. Станува збор за аркадни игри кои кај нас се одомаќени и како флипери (иако името не е соодветно).

Г. Ѕвонев потекнува од Гевгелија, а љубовта кон аркадните игри ја има од најмлада возраст. Тој го искористи времето на изолација во пандемијата да јас креира самостојно својата прва аркада. Борче ни одговори на неколку прашања за неговото хоби.

Oд каде идејата и желбата за правење аркадни игри?

Уште како мало дете додека живеев во Гевгелија можам да кажам дека флиперите и флиперниците беа за нас речиси она што се новите гејминг платформи за средината денес. Меѓутоа разликата е што таму игравме сите заедно, а денес гејмерите играат секој од дома.

Желбата за изработка на аркади ја имав долго време и бев инспириран од колега кој работи со мене во Италија. Тој имаше стар флипер дома на кој заедно му сменивме нова дрвена кутија и со тоа се инспириравме да пробаме да направиме нешто наше, кое ќе ја користи МАМЕ платформата за достапност на голем број на игри. Од тој момент почнавме да се консултираме по форуми и социјални мрежи со луѓе кои се исто така љубители на аркадните игри за подоцна да изработиме неколку аркади, а за време на карантинот да ја изработам првата моја самостојна аркада.

Што е потребно за креирање на аркада?

За да се креира една аркада најважно е да сте носталгичен кон флиперите, аркадните игри и самиот дел од нив во нашето детство.  По доста истражувања ја добив најдобрата комбинација од компоненти за креирање на една. Најинтересно е дека голем дел од компонентите за креирање на аркада може да се стари, и така да им дадеме повторно функција во нашето секојдневие. Најважно е да имаме  LCD eкран, микрокомпјутер, флиперски џојстици (најмалку два) и звучници. Кога сето тоа ќе го споиме го додаваме во одредена дрвена кутија која ја изработуваме како флипер или пак истото може да го вметнеме и во одредено регалче. Следно е спојување на електрониката, вметнување на игрите и софтверот во микрокомјутерот, за на крај шлаг на изработката да е додавање некои фолии или лепенки на самиот мебел за флиперот да изгледа ретро.

Од каде ги набавуваш елементите и потребната електроника?

Дрвената конструкција ја земам токму од моето работно место, бидејќи работам во фабрика за производство на дрвени плочи и ламинат во Италија, па така да тука имам највеќе слобода. Џојстиците и микрокомпјутерот ги нарачувам на интернет, а LCD екранот и звучниците ги наоѓам од пријатели кои веќе сакаат да ги исфрлат истите од дома заради некористење на истите. Кога има и добар попуст, исто така знам да одберам убав екран и звучници.

Отприлика колку чини креирањето на аркадите и за колку време ги изработуваш?

Доколку ги имаш компонентите заедно и си слободен, веројатно тоа би можело да се склопи и за два до три дена, но јас моите ги изработувам доста поспоро. Додека ја изработувам дрвената кутија, елементите ги нарачувам онлајн за кога тие ќе ми стигнат да ги вметнам. Искрено, бидејќи сум неук за компјутери најтешко ми е програмирање на микрокомпјутерот и внесување на игрите.  Во однос на цената, па самиот микрокомпјутер (користам raspberry pi) чини околу 80 евра во зависност од моделот, а џојстиците чинат од 40-60 евра. Дрвената конструкција ми е најевтина (ja земам од работа) а звучниците и екранот гледам да бидат добри, соодветно големи. Се на се мислам дека ме чинеше околу 350 евра.

Речиси е неверојатно некој да се нафати на ова хоби без да играл некоја аркада. Кои се или беа твоите омилени игри?

Аркадните игри се закон! Самата енергија и ефектите ми го будат истото чувство и ден денес. Ја обожавав, како што ја викавме ,,Мустафа” (Cadillacs and Dinosaurs), посебно сакав да играм со Mess. Punisher исто беше солидна. На Street Hoop правев растур со литванците. Ама ако морам да одберам најдобра игра беше и сеуште е Street Fighter II. Карактерите и балансот на играта се врвни. Да почнеме со Ken и Ryu (по нашки каратистите), па се останато. Подоцна излезе и Mortal Combat која исто така е класика, но според мене е прекрвава.

Која ти е омилената аркада која си ја направил досега?

Па заедно со мојот пријател сме изработиле неколку аркади, три продаде на ebay и истите кружат како слики по социјални мрежи и форуми каде членуваат љубители на аркадни игри. Секако внатре во кутијата си ги обележавме старошколски со по три букви. Најомилена ми е таа што ја склопив целосно сам пред околу половина година. Едвај се снајдов да ги наместам игрите како што треба, затоа што мора добро да се подесат за да убаво се пренесе сигналот преку HDMI. Наредна цел ми е да пробам да изработам аркада со поголем екран и евентуално четири џојстика.

Велиш дека засега ова ти е хоби, си размислувал ли да го претвориш во бизнис?

За околу две години успеавме да направиме шест флипери и ниеден не е кај нас. Искрено мислам дека изработката на аркадите треба да си остане еден тип на хоби, затоа што за истите да ги изработувам како бизнис треба и имам премногу време а и истовремено да бидам одговорен за секоја што би ја направил. Сепак секогаш тврдам дека аркадните игри имаат посебно место во гејминг културата и секој гејмер мора да ги проба барем класиците. Гарантирам дека ќе се пронајде во некоја.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии