Logitech го најавија G923 воланот

Андреј Хаџи-Василев

во Вести

Logitech пред неколку дена го најавија наследникот на екстремно популарните G29 и G920 волани, новиот G923. Ова се големи новости, бидејќи истиот е првиот волан по период од пет години, и е компатибилен со компјутер, PlayStation 4, и Xbox.

Корисниците на некој од претходните модели на Logitech веројатно ќе приметат дека на прв поглед, новиот G923 и не се разликува премногу од неговите претходници. Од надвор, она што е различно е обработката на шиењето на самата кожа, што би требало да доведе до поквалитетно и подолготрајно искуство.

Покрај ова, иако претходно Xbox и PlayStation верзиите беа различни и доаѓаа со различно поставени копчиња, како и индикатор за менување кај G29 кој го немаше кај G920, овојпат двата модели ќе доаѓаат со потполно идентичен распоред на копчињата, и функционалност. А доколку го користите на компјутер, и верзијата за Xbox, и онаа за PlayStation ќе функционираат идентично.

Други новитети се новата електроника внатрешно, која е преработена за да работи со новиот TrueForce систем за кој ќе разговараме за кратко, како и новата, прогресивна пружина во педалата за кочење. Се друго, како на пример самите мотори и механизми за менување на брзини, е исто како кај G29 и G920.  

Најголемата разлика помеѓу G923 и неговите претходници е новиот TrueForce систем, кој е одговорен за вибрациите и повратните информации при играње. Системот е интегриран со игрите, поконкретно со деловите на игрите кои се одговорни за физика и звук. Воланот ги чита овие податоци, како на пример звукот кој доаѓа од моторот на колата, или површината на која возите, и да ве натера да го почувствувате тоа преку вибрации на самиот волан. Од Logitech велат дека системот ги чита овие податоци 4,000 пати во секунда, во обид да понуди реалистично искуство.

Споредено со другите слични волани, TrueForce ви овозможува да осетите реакции од самото возило, како на пример вибрации од моторот кога давате гас, или мали промени во патната површина кога возите. Целта е да се доближи искуството најмногу што е можно до реалноста.

Секако, колку TrueForce системот ќе може да го искористите зависи од конкретната игра која ја играте. Развивачите на игри ќе треба да го интегрираат ова во нивните игри, а за почеток, GRID, Assetto Corsa Competizione и Gran Turismo Sport ќе имаат поддршка. Во септември, може да се очекува и iRacing, F1 2020 и Dirt Rally 2.0 да додадат поддршка за TrueForce.

Новиот волан доаѓа во интересен момент, бидејќи тркачките симулатори се многу популарни во моментов. Од Logitech велат дека се мачат со залиха во минативе неколку месеци, бидејќи многу шампионати и натпревари се одржуваат виртуелно, користејќи волани и педали кои се слични на оние кои Logitech ги нуди. Со оглед на тоа дека огромен број на ентузијасти прават системи за вакви игри кои како основа ги користат G29 и G920, се очекува новиот G923 да биде исто толку популарен.

За жал, немаме информации околу тоа дали и кога истиот ќе биде достапен кај нас, но со оглед на тоа дека ги видовме и неговите претходници, не би биле изненадени G923 да се најде во локалните продавници за некое време.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии