Лична карта: Zombie Army 4: Dead War

Мартин Јованчевски

во Вести

Што е Zombie Army 4: Dead War?

Zombie Army 4: Dead War e ко-оп пукачка/прикрадувачка игра во трето лице. Развиена од Rebellion Developments, играта е директен наследник на Zombie Army Trilogy. Целиот Zombie Army серијал е, всушност, спин-оф на Sniper Elite серијалот.

Четвртата игра е сместена во 1946 година. Хитлер можеби се наоѓа во пеколот, но неговите војници и понатаму сеат хаос низ светот. Како дел од Death War, се приклучувате на група од елитни војници и патувате низ Европа за да го спречите напредувањето на пеколните сили.  

Zombie Army 4: Dead War се игра на потполно ист начин како и претходните игри и, доколку уживавте во трилогијата, четворката би требало да ја доживеете како враќање дома. На располагање имате кампања која можете да ја одиграте сами или со уште тројца пријатели.

Кои се Rebellion Developments?

Британска компанија со седиште во Оксфорд, Англија. Основана во 1992 година, компанијата има исклучително долго резиме од направени игри, почнувајќи со Eye of the Storm, за Amiga и MS-DOS. Иако се најдобро познати со Sniper Elite и Zombie Army серијалите, креативните сили на Rebellion Developments имаат оставено печат и во Judge Dredd: Dredd vs. Death, Delta Force: Black Hawk Down, Rogue Trooper, Rogue Warrior. Моментно, работат на Evil Genius 2.

Што вели светот за Zombie Army 4: Dead War?

Со 71 metascore, се чини дека играта ги има до некаде импресионирано поголемиот број критичари. Највисоката оценка, со 85 поени, доаѓа од Gaming Trend, кои ја имаат доживеано играта како одличен додаток во серијалот. Исклучително пофални зборови се упатуваат кон пукачките механики и камерата која ги следи куршумите, како и нивното експлицитно вдомување во непријателите. Guardian (85) додаваат дека играта има одлична графика и приказна која како да е произлезена од Б-филмовите, но дека не нуди ништо повеќе од безумен хаос, што е сосема во ред. Push Square (80) ја поставува играта како една од најдобрите кооперативни акции на PS4, со импресивна кампања и дизајн на левели, но и одлични гејмплеј механики.

Vandal ѝ дава 74 поени и објаснува дека најголемата моќ е во играње со пријателите и дека доколку пробате да поминете низ играта сами, нема да можете да го искусите истиот левел на забава. На слично мислење е и PlayStation Universe (70 поени). VG247 (60) гледаат на Zombie Army 4 како на оживеан леш кој бил составен од најдобрите парчиња од Sniper Elite. Најмалку поени се даваат од We Got This Covered и Game Revolution (50) кои ја етикираа играта како монотона и рециклирана смеса од минати искуства и обид да се печали на пренагласени гејмплеј механики и хорор сценарија.

Дефинитивно не помага ни тоа што PC верзијата е само за Epic продавницата. Како игра чија забава директно зависи од заедничко играње, многу корисници не само што се разочарани од ограничените можности на EGS клиентот, туку и не наоѓаат доволен број од играчи за квалитетно и впечатливо искуство.

Што мислиме ние?

Zombie Army 4: Dead War е сè што беше трилогијата и ништо повеќе од тоа. Забавна од повеќе аспекти, но револуционерна во апсолутно ниеден. Четворката се чини како љубовно писмо до сите претходни фанови на серијалот и, за нив, пружа неброени часови бескомпромисна забава. Доколку пробате да ја играте кампањата сами, а потоа со пријатели, лесно би можеле да помислите дека се работи за две целосно различни игри. Соло играњето е ок, но ко-оп играњето е феноменално. Ова дефинитивно не е Left4Dead 3, но во 2020 година, е една од ретките игри кои доаѓаат најблиску до неа.

Што мислите вие?

Кажете нѝ во коментарите или на социјалните мрежи!

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии