Лична карта: Call of Duty: Infinite Warfare, FPS игра

Што е Call of Duty: Infinite Warfare?

Со Infinite Warfare, серијалот Call of Duty се префрлува во далечна иднина и ја става судбината на целиот соларен систем во рацете на капетанот Ник Рејес (гласот и ликот се позајмува од актерот Брајан Блум – Game of Thrones).

Со оглед на футуристичката тема, имате на располагање нови игриви механики, како и користење соодветна опрема за олеснето движење во околини со нула-гравитација. Згора на тоа, можете да посетувате најразлични планети, сателити и астероиди низ соларниот систем. За време на вселенските битки, имате целосна контрола врз леталото, а од централниот светски центар можете да проверувате најразлични статуси, да започнувате нови главни и споредни мисии и, со самото тоа, да отклучувате нови детали за приказната како и естетски разубавувања и надградби. Рачниот компјутер е уште еден нов елемент во играта и ви дозволува да хакнувате непријателска опрема и роботи.

Мрежниот дел од играта се одликува со класен систем наречен Combat Rigs и е сличен на Specialist системот од Black Ops III. На овој начин, имате шест „класи“, секоја од нив е со различни оружја, способности и стилови на играње. Покрај ова, на располагање стојат и трајни способности кои ви даваат особени предности во борбата. Играта има стотици примарни и секундарни оружја кои се од топол или ладен карактер и целосно подложни на додатни надградби. Со освоените поени од мечовите, пак, купувате прототип оружја со уникатни способности.

Третиот режим на играње е, претпоставувате, режимот со зомби чудовиштата. Како засебен дел, режимот се носи со малку поразлични механики и приказна која е независна од кампањата. Новите елементи се повеќе присутни за да им помогнат на почетните играчи подобро да се соочат со ордата од чудовишта како, на пример, заедничко добивање поени/ купување врати и слично. Доколку помисливте зомби во вселена, ќе бидете разочарани. Модот се одликува само со нормален систем на движење.

Кои се Infinity Ward?

Infinity Ward е американско развојно студио кое се прослави со оригиналната Call of Duty игра уште од далечната 2003 година, како и шест други игри од овој серијал. Во 2010-та година издавачите Activision ги отпуштија челните лица Вест и Зампела кои не дозволија да бидат поразени, па основаа нивно студио наречено Respawn Entertainment, од каде произлезе Titanfall серијалот. Игрите користат id Tech 3/ IW енџин кој со поминот на времето доживува забележителни надградби.

slika-1

Што вели светот за Call of Duty: Infinite Warfare?

Највисоката оценка од 100 поени доаѓа од New York Daily News кои велат дека ризикот и големиот скок во далечната иднина целосно се исплати, а Hardcore Gamer и даваат оценка од 90 и признаваат дека приказната е една од најдобрите од целиот серијал, а во мрежниот дел има вложено силен напор да се надгради досегашното искуство. LevelUp и дава оценка од 77 и објаснуваат дека Call of Duty: Infinite Warfare не е грозотија од игра како што многу гејмери сакаа да биде за да ја мразат, но јасно е дека серијалот страда од криза на идентитет и дека кога ќе се земе целиот коктел во предвид прашање е колку би биле во право кога би кажале дека ова е Call of Duty игра. IGN дава 77 поени и вели дека има еден тон работи во играта кои се импресивни само доколку не сте ја играле Black Ops 3. Со оценка од 70 поени, GameCrate се помируваат со фактот дека Call of Duty: Infinite Warfare е просечна игра, а таквото нешто е исклучително тажно кога ќе се земе во предвид дека овој серијал беше крал на FPS игрите. PC Gamer, со оценка од 48, беа крајно разочарани од „убавиот акционен филм кој казнува импровизација “.

slika-2

Се чини дека и мислењето на гејмерите е поделено и само 52 проценти од рецензиите на Steam се позитивни.

Што велиме ние?

Call of Duty: Infinite Warfare е забавен шутер кој се одликува со невообичаена кампања за овој серијал, но со веќе видени мрежни пресметки. Кампањата е спектакуларен сунѓер кој има впиено милиони долари за да ве награди со импресивно филмско искуство, но ве шамара со клишеа премногу често за да остави позитивен впечаток. Мрежниот дел од играта повеќе се чини како надградба на Black Ops 3 и не воведува доволно револуционерни работи, а зомби режимот на играње и понатаму останува занимлива дестинација се додека имате доволно пријатели за конструктивно тактизирање. Дефинитивно не е лоша игра, но не е ни доволно добра за да ги засени Battlefield 1 или пак Titanfall 2.

slika-3

Што велите вие?

Кажете ни во коментарите, на друштвените мрежи или во гејминг секцијата на ИТ форум!

  • Развивач: Infinity Ward
  • Издавач: Activision
  • Режисери: Џејкоб Минкоф, Џордан Хрш, Брајан Брајт
  • Дизајнер: Џо Кикот
  • Писатели: Тејлор Куросаки, Брајан Блум
  • Композитор: Сара Шахнер
  • Серијал: Call of Duty
  • Енџин: IW
  • Платформи: Microsoft Windows, PlayStation 4, Xbox One
  • Излезена на: 4 ноември 2016
  • Жанр: Акција во прво лице (First-person shooter)
  • Режими на игра: едно или повеќе лица

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии