Лештар: „Seavus продолжува да работи под истиот бренд“

IT.mk редакција

во feature, Интервјуа, ИТ.МК

Image courtesy of Igor Leshtar

По веста за продажба на една од најголемите македонски ИТ компании Seavus на чешката групација ARICOMA за сума којашто не е позната на јавноста, решивме да продискутираме со Игор Лештар – човекот кој ја основаше компанијата и е на нејзино чело 21 година…

Seavus започна уште во ’99 година и повеќе од 21 година работеше на својата приказна – денес има над 15 претставништва низ светот, повеќе од 800 вработени и илјадници клиенти. Во кои сектори и пазари Seavus има најголемо знаење и предност? Што е тоа што се крие зад успехот на Seavus?

Seavus има големо потрфолио на производи и услуги во многу сектори и индустрии, но би рекол дека најсилно портфолио имаме во телекомуникациите и финансиите. Што се однесува до придонесот и влијанието на компанијата, сметам дека Seavus имаше и сè уште има важна улога во развојот на ИТ индустријата во Македонија, како од аспект на операции и проекти, така и од аспект на развој на кадри и подигање на стандардите во корпоративното работење. Seavus вложува многу во вработените, нивниот развој и едукација и тоа е столбот на нашето успешно работење. Вредноста на нашата компанија се луѓето во неа, нивната желба за надградба и амбиција за успех. Компанијата важи за „расадник“ на професионалци во индустријата, инкубатор на идеи и софтверски решенија, а со тоа стана и компанија која привлече сериозни инвеститори.

Дали би можеле да издвоите неколку проекти или продукти на кои сте најгорди во 21-годишното работење на Seavus?  

Во изминатите 20 години развиваме и тестиравме илјадници проекти и решенија. Не сите станаа успешни бизнис приказни, но од сите тие процеси научивме нешто и се надградувавме како компанија. Од оние кои постигнале планетарен успех би го издвоил Project viewer –  проект и продукт кој израсна во „ѕвезда“ на компанијата.

 Горд сум што успеавме еден производ да го издигнеме на ниво да има 4.000 клиенти од кои 75% се компании во топ 500 компании според Fortune магазинот, а производот го користат 4 милиони корисници. Вториот производ кој самиот прерасна во засебна компанија која неодамна исто така беше купена од страна на Аспајр, е Btobet. Ова е софтверско решение за онлајн обложување кое неодамна беше прогласено за топ 5 решенија во индустријата. Колку за илустрација за успешноста на овој производ, дневно преку него се процесираат 11 милиони тикети и се продава во 32 држави во светот. Интензивно работиме и на нови проекти и нови пазари, во наредните три месеци очекуваме заокружување на соработката со девет нови клиенти, почнуваме да работиме и во три нови држави Полска, Русија и Австрија.


По продажбата едно од најчестите прашања е – дали Seavus ќе продолжи да работи под својот бренд или ќе се преточи во некоја од компаниите на Арикома? Дали Арикома го купува Seavus за портфолиото клиенти или пак за човечкиот капитал и искуство?

Seavus продолжува да работи под истиот бренд и со истата организација. Заедно со силен стратешки партнер како ARICOMA групацијата, очекувам силен и забрзан раст, низа нови производи во портфолиото, многу повеќе вработени и многу иновации, како во производите така и во работењето. Оваа аквизиција ќе ни овозможи да одговориме на предизвиците на новото време и да понудиме иновативни и квалитетни услуги и софтверски решенија од следната генерација за нашите клиенти. Одлуката на ARICOMA да вложи во Seavus е верувам комбинација на повеќе причини меѓу кои главни се присуството на Seavus на силни пазари како што е САД, добрата организациска структура и менаџмент и квалитетот на вработените и човечките ресурси во целина. Seavus е компанија која се прилагодува брзо на промените, која е динамична и иновативна и токму ваквата поставеност ја прави интересна за инвеститорот. Идните планови за раст кои ги има Арикома вклучуваат засилување на тимот на Seavus и на постојните 800 вработени, планирани се и нови вработувања со тенденција тој број да достигне до 2500-3000 луѓе.

Сите овие години вие бевте активно инволвиран во работењето на компанијата – дали продажбата на Арикома значи малку одмор за Лештар? Дали се разгледуваат острови за купување и релоцирање или пак имате други планови… :)

Факт е дека имам малку повеќе време, но и факт е дека опцијата долг одмор не е мое животно мото. Јас сум природа човек кој сака да работи и да развива идеи. Иако планирав да се одморам веќе интензивно започнав да работам на нови бизнис концепти. Што се однесува до мојата улога во Seavus, останувам во следниот перод заедно со менаџментот на ARICOMA да работиме на идните развојни планови. Покрај Seavus, во бизнис портфолиото во Македонија имам и други компании и бизниси. Самата продажба на Seavus ми овозможува од аспект на капитал, но и време, да се посветам на развој на нови бизнис идеи.

Кога сега би започнувале компанија – на кој сегмент или технологија би се фокусирале?

Сега сум посветен и интензивно ја истражувам Финтек (Financial technology) индустријата. Во неа има многу потенцијал и простор за развој на нови софтверски решенија и производи. Следниот период ќе се посветам на истражување и анализа на трендовите и потребите во различни индустрии и пазари. Како иновативна компанија наша задача е да ги предвидиме промените, развојот и потребите во иднината и да понудиме решенија за нив.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии