Коронавирусот ја погодува и техничката индустрија

Техничките компании се еден од секторите погодени од коронавирусот. Секторот полека но сигурно започнува со одлагање и намалени испораки на хардвер, затворање на продавници и специјални мерки.

Епидемијата на коронавирус започна 1 декември 2019. Првиот идентификуван случај е во градот Вухан. Досега се евидентирани 40171 заразени, а во карантин во моментов се речиси 400 000 лица. Бројот на жртви надмина 900. Здравствените власти во Кина и низ целиот свет се обидуваат да го ограничат ширењето на вирусот. Хипотезата е дека вирусот се префрлил на луѓето од животните, а како потенцијален извор е Пазарот за морска храна во Хунан.

Симптомите се кашлање, висока температура и тешкотии при дишењето. Вирусот се пренесува од човек на човек, а периодот на инкубација е од 0 до 24 дена. Вирусот може да се пренесе и пред појавување на симптомите, но и по закрепнувањето. Засега нема специфична терапија и вакцина.

Apple беше една од првите компании кои одлучија да ја намалат својата активност во Кина по епидемијата на коронавирус. Компанијата најпрво затвори една продавница, па одлучи да ги затвори сите продавници во континенталниот дел на Кина до 9 февруари, за на крај да го продолжи овој период до крајот на неделата. Затворени се 42 продавници, дел ќе започнат со работа на 13-ти и 14-ти февруари, но најголем дел од продавниците остануваат затворени до 15-ти февруари.

Покрај Apple канцелариите во Кина привременo ги затворија и Samsung, Microsoft, Tesla и Google. Amazon пак за вработените кои доаѓаат до внатрешноста има препорака пред да се вратат на работа да 14 дена да работат од дома.

Проблеми со испораките

Епидемијата на коринавирусот ќе предизвика и проблеми и недостаток на куп производи.

Производството на телефоните iPhone и слушалките AirPods ќе биде забавено. Фабриката во Женгжу ќе биде единствената која ќе продолжи да работи од 10-ти февруари, и тоа единствено со работниците кои не патувале дома за празниците.

Поради доцнењето со производството и испораката Facebook ги запре нарачките за уредот за виртуелна реалност Oculus Quest VR. Компанијата за Androidcentral откри дека причина за доцнењето е намалениот капацитет за производство на хардвер како последица на епидемијата.

Жртва се и купувачите на Tesla Model 3, кои поради затворање на фабриката ќе мора да почекаат десетина дена подолго, јави Verge.

Истото важи и за кинеските производители на паметни телефони Oppo, Xiaomi, Lenovo и Huawei.

Одложени League of Legends, Overwatch натпревари и специјален режим на MWC

Секако со олку погодени производители ниту најголемиот настан за индустријата на паметни телефони, Mobile World Congress во Барселона, не можеше да помине без промена.

ZTE, LG, Nvidia, Ericsson се дел од компаниите кои го повлекоа своето присуство. Организаторот пак забрани посетители од провинцијата Хубеи. Дополнително предвиден е специјален режим за сите кои доаѓаат од Кина и ќе треба да донесат доказ дека последните 14 дена ги поминале надвор од Кина, пренесе TechCrunch.

„Жртви“ на епидемијата се и два турнири. Riot Games го одложи продолжувањето на „major“ League of Legends на неопределено време, а и Blizzard ги откажа натпреварите во Overwatch лигата за февруари и март.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии