Компанија му „раскина“ на Facebook со комично писмо околу промените на алгоритмот

Ако eдно е сигурно кај Facebook е тоа дека се менува постојано, од промени во дизајнот кои и не се толку влијателни, до промени на алгоритмот кој ги одбира вестите во News Feed-от за да ги натера огласувачите и компаниите да дадат повеќе пари за нивните постови да бидат видени од публиакта. Епа, на Eat24, компанија за достава на храна од Калифорнија, и пукна филмот и реши да му „раскине“ на Facebook, и да го остави својот профил со над 70.000 фанови.

how-dare-u

Причината за ова комично писмо, кое се чини без плаќање стана вирално со над 900 споделувања и над 2.200 лајкови, е што во последните две години Facebook драстично ја смени својата политика. И наместо да биде кул како на почеток кога сакаше страните да споделуваат содржина, сега им го намалува досегот (reach) на постовите, и бара од брендовите да платат за да комуницираат со своите фанови. Сега иако некои профили имаат неколку десетици или стотици илјади фанови, Facebook ќе го покаже постот само на 1 до 2 отсто од нив ако не платат за реклама, што за многумина, за нас, и за Eat24 кои се гордеат со своето „food porn“ е претерано, дрско и воопшто недруштвено.

„Кога се сретнавме прв пат, ни направи да се чувствуваме специјални“, пишува Eat24. „Но сега, сега само сакаш да ти даваме пари за да разговараме со нашите пријатели“.

Kако што читате, така писмото станува се позабавно. Така Eat24 вели дека иако и тие понекогаш грешеле, односно плаќале за промотивни постови за да добијат пријатели, тие пријатели доаѓале од ширум светот дури од Бангладеш и Индија, што за нив е тотално нерелевантна публика бидејќи тие се локален бизнис.

„Кога ние рековме дека ‘сакаме да го освоиме светот’, тоа беше повеќе метафора (и беше 4:20 тоа време). Да, ние сакаме да го нахраниме целиот свет еден ден, но сега сме само во САД, и иако ги сакаме нашите нови интернационални пријатели, сепак не сакаме да ги растажиме со слика од вкусна храна која тие не можат да ја нарачаат. Зошто мислиш дека сакаме да имаме пријатели кои не може да ги нараниме? Тоа има исто толку смисла како нарачување на пеперони пица со пеперони само на едно парче“.

Иако е комично, писмото е фантастична критика кон Facebook. Се што Eat24 бара е Facebook да биде константно корисен и да не се менува, како сајтот на Space Jam кој сè уште е ист од 1996-та година (Best. Website. Ever.), но ако треба да се менува тогаш да не биде алчен за пари. Можеби таа алчност е причината што една од најпопуларните фотографии на денешницата е споделена првин на Twitter.

Интересно, Facebook одговори на коментарите на Eat24 со критика дека нивните шеги за храна веќе не се забавни, дека има поважни нешта во светот, како пријателите кои се поважни од брендовите и дека „ја почитуваме твојата одлука дека ти треба малку простор“.

Сепак, дали навивате за Facebook или за Eat24, вашиот бренд е моментално во лоша ситуација бидејќи колку и да се трудите да бидете креативни, алгоритмот на Facebook е дизајниран да извлече пари од вас, евентуално претварајќи ја мрежата во место каде ќе прелистувате реклами. Прашањето само е дали ќе го следите примерот на Eat34?

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии