Оригиналниот текст следи:

Time.mk има нов интересен дизајн, но тоа што приметив е што е тргната категоријата „технолигија“ од барот на почетната страна. Наместо тоа „технологија“ е преместена во забавниот дел, сега fun.time.mk и разложена на „софтвер“, „хардвер“ и „наука“.

Но што се случува ако веста е за друштвените мрежи пример Facebook, каде би ја вметнале? 1/4 македонци на друштвена мрежа и нивните активности не се „наука“, ниту „софтвер“ или „хардвер“? Друштвените мрежи го променуваат светот и начинот на кој што живееме. Тогаш тоа се „занимливости“? Што со компјутерските системи кои ќе го водат нашето здравје? Што со новите бизнис модели и развој на онлајн маркетингот? Пет ИТ компании се меѓу топ 10 светски брендови со Google на чело на листата како прв бренд вреден над 100 милијарди долари … има многу примери за влијанието и важноста на технологијата врз нашите секојдневен живот.

Сигурно тоа е повеќе од обична „занимлива“ и интересна информација која ја читаме додека ни е досадно.

Од друга страна пак технологијата е секојдневие, може да се најде насекаде околу нас, владини проекти, бизнис соработки… па дали ги прегледувате „Македонија“ или „Економија“ категориите на Time.mk, вие ќе најдете текст за најновите технолошки решенија и идеи, софтвер или хардвер.

Како би ја процениле важноста на технологијата во Македонија? Алатката со која ќе го најдете одговорот е токму Time.mk – сервисот кој ги отсликува медиумите, а тие пак го отсликуваат тоа што се случува во Македонија.

Time.mk е агрегатор на вести, генијален едноставен сервис кој
собира текстови од медиуми, сајтови, портали… и ги сместува на едно место. Сервисот ги анализира текстовите и ги групира според важност и тема. Како работи, можете да прочитате тука, јас би го објаснил како алатка со која, наместо да посетувате разни сајтови и да се губите меѓу насловите, вие едноставно пребарувате категории кои ве интересираат, или ги прегледувате најновите вести, се на едно место и читате на раат.

Тоа му е примарната функција. Но, покрај тоа сервисот е многу корисна алатка за анализа на содржината која се пласира од медиумите како и интересот на публиката. Тоа е една од способностите на интернетот – преку сервиси да групира и собира „поврзани податоци“, како што ги нарекува Тим Бернерс-Ли, креаторот на WWW мрежата.

Содржината од медиумите, соберена на едно место од Time.mk, може да се анализира првин според статистиката на самиот сервис – „од 1200 дневни вести, околу 200 се дупликати.Тоа значи дека повеќе од 15% од дневните вести се превземаат од некој извор и непроменети се проследуваат.“. Содржината може да се анализира и според пребарувањето. Вие самите можете да видите која вест колку е покриена и од кого.

И трето, за анализа на содржината е корисничкиот фактор. Ако редизајнирате сајт тогаш логично е вие да го направите тоа за да ја поедноставите интеракцијата меѓу корисникот и сајтот, односно да се приспособите на интересот на корисниците со поефективен и поедноставен сервис. За да го знаете тоа треба да ги имате статистиката на посетеноста на веб сајтот и неговите страни.

Тоа го знае Игор Трајковски, креаторот на Time.mk кој вели дека со одвојувањето на вестите во забава, спорт и сериозни вести, корисниците ќе бидат позадоволни.

„Добивме многу поплаки од корисниците кои ги интересираат „поозбилни“ вести, дека во деловите за најнови вести не сакаат да им се мешаат новости за Бритни Спирс и разни шпекулации за кој фудбалер во кој клуба сака да иде. И обратно, има реакција од луѓе кои ги интересираат такви работи, а не сакаат да се трујат со политика.“ вели Игор Трајковски објаснувајќи го новиот дизајн на Тime.mk.

Toa зборува многу за како публиката и медиумите ја перцепираат технологијата. За публиката тоа се занимливости, додека медиумите не можат да произведат квалитетен текст за технологијата кој ќе биде повеќе од занимливост. Посебно сериозните медиуми.

„Многу мал дел, 2-3 од 20-тина имаат секција за технологија. Повеќето објавуваат вест од технологијата во занимливости или наука. Многу мал дел од текстовите, процентуално им се поврзани со технологија и наука. Зборувам за мејнстрим медиумите, не за порталите.“ вели Игор. „Воглавно не се многу сериозни и студиозни, туку баш се повеќе од информативно-забавен карактер, со чесни исклучоци“.

Ако ги разгледаме поединечно македонските медиуми. Утрински, Дневник, Сител, Вест, Нетпрес, Нова Македонија, МакФакс, Форум … нема технологија!

А1 и Канал5 се исклучоци. А1 има „наука/техника“, но сами проценете ја содржината. Крај на универзум, самоубици на Facebook, штетно е по здравјето да се живее со богаташ…? И покрај исклучоците, не верувам дека се сериозни.

Додека пак, Канал5 има „Наука и занимливости“ што го потврдува токму ова што го пишувам.

А како светските медиуми гледаат на технологијата.Google news(агрегатор на вести), BBC, CNN, Guardian, New York Times, Reuters …

Дали македонските медиуми немаат што да пишуваат за технологијата? Секако, политиката е најважна, но зборуваме за медиуми кои технологијата или ја игнорираат или ја гледаат како „занимливост“!

Зарем Македонија е имуна на влијанието на Google, најмоќниот бренд во светот? Или сме имуни на Facebook? Бројката од 250,000 македонци на друштвената мрежа зборува нешто друго. Или публиката мисли дека е интересно што Facebook ги анализира нивните податоци за рекламирање или е интересно што Google знае се што сте барале на интернет во изминативе 6 месеци?. Или, пак забавно е наместо да се искористи технологијата и интернетот за промоција на својот мал бизнис, подобро е да се расправаат поради партиските бои?

Од квалитетот на содржината преку интерес на публиката, до новиот дизајн на Time.mk, сево ова отвара прашање за тоа колку, всушност, е важна технологијата во „земјата на информатичари“?

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии