Колку се добри тркачките симулации? Е-спорт шампион победи двајца професионални возачи

Дејан Соколоски

во Вести

Ако не следите еСпорт веројатно никогаш не сте слушнале за Енцо Бонито. Г. Бонито има 23 години и професионално се натпреварува во тркачки симулации. Неодамна тој успеа на тркачка стаза да ги победи Лукас Диграси и Рајан Хантер-Реј.

Лукас Ди Граси секако не е во самиот врв на мотоспортот, но е поранешен возач во Formula 1, и сегашен возач во Formula E. Секако г. Ди Граси професионално се занимава со мотоспорт. Двајцата возачи возеа еден против друг на стазата, а Бонито беше значително побрз. Веќе следниот ден Бонито успеа да го победи и Рајан Хантер-Реј кој е троен победник на Indy 500.

Трката беше дел од ревијалниот настан „Race of Champions“ кој се одржа во Мексико. Дел од настанот се и најпопуларните возачи како Себастијан Ветел, Пјер Гасли и Том Кристенсен, пренесе Eurogamer. Race of Champions се одржува од 1988, а од минатата година дел од натпреварот можат да бидат и пилотите од симулаторите.

Веројатно ова е најдобар показател за тоа колку мото симулациите се приближуваат до реалноста. Во видеоигрите ги има истите предизвици како и на стаза, гумите се трошат, сменува гориво, автомобилите трпат штета.

Колкав е интересот за виртуелниот мотоспорт веројатно најдобро покажува вклученоста на Макс Верстапен во Team Redline. Ова е истиот тим за кој се натпреварува и Енцо Бонито. Победата не остана незабележана ниту од Formula 1 кој ја сподели трката на твитер профилот. Можеби наскоро г. Бонито ќе се приклучи и во овие натпревари.