Деновиве правев концепти за некои еко предизвици за справување со загадувањето. Предизвиците даваат малку пари, а очекуваат да се постигнат големи работи.
Меѓу останатото, почнав пресметка за колку чини да се опреми едно училиште со прочистувачи за воздух. Од едно училиште се префрлив на стан, од стан на цела држава, и дојдов до бројка која ме шокираше.

За целосната математика си поставив едноставно прашање:

Колку би чинело да се опреми секој стан во државава со прочистувач на воздух?

Со малку гуглање, го најдов пописот од 2002 година, каде има вкупна станбена површина на цела Македонија, која изнесува 49.671.709 метри квадратни. Од тогаш бројот на станови е зголемен, но за концептов ќе одиме со таа бројка. За прочистувач го избрав Ровента ПУ 6020Ф0 моделот, бидејки покрива 80 метри квадратни за цена од 19.000 денари.
Потоа е лесно да пресметаме. Вкупната квадратура од 49.671.709 метри ја делиме со 80 за да добиеме колку прочистувачи ни требаат. Ако користите калкулатор, ќе добиете 620.896 прочистувачи. Ако таа сума ја помножиме по 19.000 денари, ќе добиеме сума од 11.797.030.887 денари или 191.821.640 евра, ако поделиме со 61.5.

Значи државава би ја чинело скоро 192 милиони евра да подели прочистувачи на воздухот во секое домаќинство.
Но тоа повторно не ни го решава проблемот. Каде се тука училиштата? Каде се болниците? Каде се фирмите, државните институции?
Ќе направиме многу груба математика, првичната сума од 192 милиони ќе ја дуплираме, со што сумата за да ја покриеме целата држава е 384 милиони евра.

Но, дури и државата да купи прочистувач за сите, проблемот нема да се реши. Со таа акција само успеавме да се затвориме во стаклен балон од кој не смееме да излеземе. Со толку многу прочистувачи на воздух вклучени во електричниот систем, ќе ја зголемиме потрошувачката на електрична енергија, со што електраните во државава ќе мора да работат повеќе, ослободувајќи повеќе CO2 и останати гасови, имајќи во предвид дека главнината од енергијата во државава не доаѓа од обновливи извори, туку од јаглен и од интервентни увози, кои пак ни ја зголемуваат цената на струјата.

Во меѓувреме, повторно нема да можеме да излеземе надвор и да спортуваме, бидејќи воздухот надвор не е почист, туку со дополнителното електрично оптоварување – позагаден. Научни студии докажаа дека воздушното загадување е причинител на разноразни срцеви и пулмонарни заболувања, намален коефициент на интелигенција како и аутизам. Тоа ни го покажува и фактот дека здравствените институции се веќе преплавени со пациенти кои ги покажуваат овие симптоми, но властите не прават корелација за состојбите пред и по зголемување на загадувањето за да видиме колку е страшна состојбата. Во пресметката која ја направивме горе не се влезени паричните средства кои граѓаните ги одвојуваат на третирање на овие состојби, парите од Министерството за Здравство кои исто така одат на решавање на овие проблеми како и загубените животи кои според некои проценки се движат и до 8.000 годишно, кои не можеме да ги изразиме парично.

Моето прашање е до Владата на РМ: Дали сметате дека повеќе се исплати 384 милиони евра да се инвестираат за секој во државава да дише чист воздух или пак проблемот може да се реши за помалку пари?

Во буџетот кој скоро беше објавен, за справување со загадувањето биле одвоени 1.5 милион евра, додека други активности кои во моментов не се ни споредуваат по итност и пропорција добиваат баслосновни суми. Со тоа Владата повторно потврдува дека воопшто не е сериозна во својата битка со загадувањето.

Чистиот воздух бара правење тешки одлуки, непопуларни и бара од секој од нас да ги смениме навиките како би можеле да излеземе надвор и да дишеме со полни бели дробови. Многу поголеми метрополи успеале да се справат со проблемот, што ми укажува дека проблемот е решлив, доколку се направи вистинскиот план, и се истрае во неговата имплементација. За иднината на сите нас и за нашите деца, ве замолувам да седнете, да го загреете столчето, повикајте експерти и без разлика на цената, имплементирајте ги сите мерки за да можеме да дишеме.

2 коментари на “Колку нѐ чини загадувањето?

  1. zagaduvanjeto na vozduhot povlekuva i zagaduvanje na pochvata i podzemnite vodi problem shto realno za da se reshi ke ni treba min 20 godini ako predzememe merki vednas. toa shto ke bideme vo staklen balon ne reshava absolutno nishto. dokolku hranata shto ja proizveduvame e kontaminirana teshko nekoj deka ke saka da uveze bilo shto od mk. suma sumarum strada zdravjeto na lugeto ekonomijata kako i celiot eko sistem. teshko deka 300 i neshto milioni mozhat bilo sshto da pokrijat

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии