Колку кражби има во вашата населба? Откријте преку интерактивната карта на криминалот во Македонија

Интерактивната карта на криминалот во Македонија на ФИНКИ работи со отворените податоци преземени од дневниот билтен на Министерството за внатрешни работи. Системот во позадина ги чита податоците од билтените кои се напишани во природен јазик, потоа ги анализира и ги кодира на карта од Google Maps. Мапата на ФИНКИ не користи краудмапинг за означување на криминалот како што тоа го прави апликацијата на Реагирај.мк. Наместо криминалот да го пријавуваат граѓаните, на мапата на ФИНКИ се објавуваат само официјални податоци. Но, иако овие податоци се отворени и достапни за сите, сепак нивната злоупотребата е криминално дело.

„Апликацијата ја направив за да покажам дека и во Македонија има отворени и достапни податоци, и како тие може да се искористат за создавање на интресни апликации. Иако теоретски оваа апликација би го направила општеството побезбедно, мене целта ми беше да направам нешто практично, што досега не било направено во Македонија и кога гледав примери од системи што користат отворени податоци од странство си реков, па ова може и тука да се направи.“, вели Дамјан Темелковски кој ја креираше мапата.

Користа од овој проект ја гледаме во полесно мапирање на податоците кои МВР ги пласира во текстуален формат. Наместо да читате куп информации, на мапата може да ги прегледате сите податоци што се релевантни за вас. На мапата податоците се прикажани преку „карта со знаци“ со опис од инцидентите, и како „топлинска мапа“ во која се означени зоните на криминал. Што се однесува до безбедноста на инволвираните лица, приватноста на граѓаните се штити така што настаните не се прикажани на точната локација на случување, туку на средина на улицата или на средина на селото.

Според Дамјан, овој проект пред сè има за цел да покаже дека од отворените и слободните податоци може да се креираат дополнителни апликации кои ќе имаат своја намена, „отколку ако се чуваат во рамки на организацијата дури и таа да е посветена на правење на апликации со нив“.

„Отворените податоци се наменети за сите. Идејата е било кој да може да ги користи. Истражувачите би ги искористиле за да откријат или докажат нешто, ама ако некој обичен граѓанин открие нешто – супер“.

Доколку сакате да помогнете во подобрување на мапата, кодот е отворен за сите. Серверскиот дел на системот е изработен во PHP, за приказ на настаните на географската карта се користи JavaScript (и jQuery), а базата е mySQL. Исто така може да пријавите грешка бидејќи „Секој настан се анализира збор по збор сѐ до првото совпаѓање со некој клучен збор, при што системот може да донесе погрешен заклучок ако во текстот се појавува некој друг град пред градот на случување на настанот и слично.“

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии