Колкава е зависноста од телефони кај македонските деца и што да се направи во однос на тоа?

Замислете ја следнава ситуација: Наставник влегува во училница со дваесет и пет ученици. Петнаесет од нив не го ни регистрираат наставникот се додека не ги слушнат останатите десет како во унисон го кажуваат стандардниот поздрав. Петнаесетте ученици кои првенствено не го регистрираа наставникот не беа премногу зафатени со повторување на лекцијата или подготвување на часот. Не го поздравија затоа што беа премногу зафатени во давење во нивните телефони. И тоа не какви било телефони. Не зборуваме за евтини, кинески направи како Leagoo или Doogee, иако некои од нив имаа и такви. Поголемиот дел од учениците исклучително беа горди со нивниот Samsung Galaxy J7 или iPhone, што е сосема во ред доколку мислите дека се работи за средношколци или студенти. Учениците за кои ние зборуваме се во основно училиште.

И имаа само осум години.

Колкава е зависноста од технички направи кај македонските деца? За потребите на овој текст црпевме искуство и податоци првенствено од неколку паралелки од основно училиште и размена на искуства со другите наставници, но никако не сметаме дека она што го пишуваме е вистинската слика, туку само дел од проблематиката која, чувствуваме, зазема се поголем замав.

На прашањето дали би бирале десктоп компјутер или таблет, поголемиот дел од третоодделенчињата се одлучија за таблет, се додека еден ученик не кажа телефон, на што целото одделение едногласно ги отфрли понудените две опции и се согласи дека телефонот е она што би сакале. Дваесеттина ученици  признаа дека никогаш немале таблет. Осумнаесет од нив веќе имаат телефон. Но, кога би бирале помеѓу десктоп компјутер или таблет, тие решија да одат со трета, само наметната желба, која, иронично, на повеќето веќе им е остварена.

Ѕвончето ѕвони за голем одмор и учениците излегуваат надвор. Некои купуваат кифла, некои играат џамлии, а некои се бркаат се додека нема душа во нив. Но, не го прават сите тоа. Барем, не повеќе. Со означување на големиот одмор, одделението во кое сме ние не делува заинтересирано за таквото нешто. Пет-шест деца излегуваат. Останатите се делат на три групи. Едната група е околу фраерот со Samsung J7. Другата околу сопственикот на постар модел на iPhone. Третата група е индивидуализирана и целосно отсечена од сè останато. Секој си држи по еден телефон во рака, а разговорот кој го започнуваме делува надреален со секоја помината секунда.

  • Наставник: Не одите на голем одмор?
  • Ученик: А?
  • Наставник: Се вика молам.
  • Ученик: Тебе ти зборува?
  • Друг ученик: Не ми сметај, ќе изгубам.
  • Наставник: Не сте гладни?
  • Ученик: Јадев смоки на мал одмор.
  • Наставник: Не одиш надвор?
  • Ученик: Треба да ја потрошам енергијата сега за да кога отидам дома ќе биде целосно обновена.
  • Наставник: Што играш?
  • Ученик: Harry Potter: Hogwarts Mystery
  • Наставник: Не знаеш да ми кажеш There are three rivers, a знаеш да кажеш Harry Potter: Hogwarts Mystery?
  • Ученик: А?
  • Друг ученик: Сѐ уште те дават vines?
  • Ученик: Еве само што се ослободив.
  • Друг ученик: Си отиде професорот?
  • Наставник: Не, уште сум тука.
  • Друг ученик: Зошто, па нели ѕвонеше за одмор?

Зошто, навистина?

Фасцинантно е колку младите умови се врзани со нивните телефони и колку се спремни да занемарат многу работи на сметка на телефоните. Една ученичка 10 минути плачеше затоа што мислела дека го изгубила телефонот.  Ја прашавме да не го оставила дома, но таа кажа дека сто посто го донела на училиште, двајца ученици дури и потврдија дека ја виделе со телефонот. Кога се јавивме на родител да известиме дека ученичката го изгубила телефонот, родителот кажа дека не е изгубен, таа едноставно заборавила да го понесе на училиште. Откако кажавме на девојчето дека телефонот ѝ е дома, таа продолжи да плаче и понатаму. На прашањето зошто сега плаче, таа одговори дека засадените работи ќе и овенат ако не ги ожнее до 11 часот.

Би сакале да се шегуваме.

Нема никакво сомневање во големото влијание на телефоните врз децата, но како и со секоја зависност, така и со оваа треба да се пристапи внимателно. Многумина би можеле да помислат дека ова не е зависност во вистинската смисла на зборот, но искуството нѝ има покажано дека тоа се обично родителите кои им инсталираат игри на децата за да можат да ја одгледаат нивната омилена турска серија на раат или за да кога децата ќе отидат дома да не им биде здодевно додека тато и мама работат.

Дали поставувате одредени граници и дали се држите до нив?

Дали знаевте дека на деца од 2 до 5 години се препорачува само 1 час користење таблет, односно телефон, и тоа само со ваше надгледување затоа што децата најдобро ги впиваат дигиталните информации така што имаат со кого да разговараат и да бидат водени низ визуелните прикази?  Вакви граници се неопходни и што сте по строги во нивната реализација толку помалку ќе имате проблеми со дисциплината, барем така веруваат од Американската академија за педијатрија. Дополнително, од Washington Post советуваат дека e потребна постојана комуникација со децата за нивните технички играчки за да можете да се „поврзете со вашите деца и да охрабрувате учење така што разговарате за работите кои ги гледаат, читаат или играат.“

Пред година дена, едно детенце физички нападна друг ученик. На прашањето зошто физички нападнал друго дете, насилникот нѝ кажа дека разговарал на телефон, а додека тој разговара на телефон не сака никој да му смета. Подоцна, кога разговаравме со мајката, дознавме дека таткото на детето не дозволувал никаква врева кога некој ќе му се јавел на телефон и дека ученикот само го копирал однесувањето на татко му. Бидете идол на вашето дете. Порано или подоцна, децата стануваат она што сме ние.

Одредени семејства имаат зацртано одредени правила, како не дозволување техника кога сте во кујна и еден час пред и после главните јадења. Слични вакви методи се верува дека помагаат да бидете свесни и да сте во контрола кога се работи за кога, каде и колку користите најразлични направи. Commonsense Media нагласува дека е особено важно да не дозволувате таблети, односно телефони во спалната соба, особено еден час пред времето предвидено за спиење.

По долги и, на моменти, исцрпувачки разговори, во едно од одделенијата почнавме да забележуваме одредени промени. Учениците и понатаму доаѓаа со телефоните, но самоиницијативно се организираа да ги собираат сите електронски направи во една кутија која не смее да биде допрена до крајот на училишниот ден. На третиот ден, во кутијата едно девојче стави телефон нацртан на лист хартија. На нашиот коментар дека има исклучително убав телефон, се изненадивме од нејзиниот одговор.

  • Благодарам. Мама ми кажа дека ако ги натерам учениците да ги ставаат телефоните во кутијата цел месец, ќе ми го замени овој телефон со вистински.

Учениците и понатаму ги оставаат телефоните во кутијата, а би сакале да мислиме дека традицијата ќе продолжи. Од тогаш, помина многу време, а ние сѐ уште не знаеме дали девојчето доби телефон. И не би можеле да сме посреќни поради тоа.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии