Кои се најдобрите бесплатни алтернативи на Microsoft Office?

Многумина немаат ништо освен љубов за Microsoft Office. Но, одредена група корисници едноставно не можат да ги прифатат или естетските промени или пак цената која се бара за негово користење. Следнава листа од најдобрите бесплатни алтернативи, ќе се потруди да ви најде достојна замена која не само што ќе е компатибилна со Microsoft Office форматите, туку и ќе се одликува со најчесто користените опции.

Apache OpenOffice

Овој бесплатен канцелариски пакет се препорачува на сите ретро корисници кои се сосема задоволни со застарениот изглед кој потсетува на Microsoft Office пакетот од 2003 година. Apache OpenOffice се одликува со програм за пишување (Write), работа со табели (Calc), презентации (Impress) и управување со дата бази (Base), како и апликации за цртање и математички пресметки, a ги поддржува Microsoft форматите DOCX, XLC, PPT и XML. Како дополнителен бонус, лесно можете да ги сочувате фајловите како PDF документи, а и да уживате во предностите за коментирање и следење промени. Овој канцелариски пакет не се испорачува со можности за олеснето споделување на облак, но постои екстензија која ви дозволува да се поврзете со десетици сервиси како Google Drive, Vox и слично. Apache Open Office нема апликации за мобилен.

Google Docs

Google Docs е канцелариски пакет преку кој пристапувате од комфорот на вашиот прелистувач. Како еден недостаток на ваквата поврзаност, пакетот не се истакнува со бројни, комплексни функции како кај десктоп браќата, но тоа никако не значи дека е за потценување и оние кои ќе му пружат шанса ќе бидат наградени со елегантен, чист интерфејс и феноменални можности за ефикасна колаборација. Google Docs е одличен избор за групно коментирање во реално време, следење промени и длабока интеграција со Google Drive просторот за складирање и споделување. За идеална работа преку овој пакет, се препорачува константна интернет врска затоа што соодветната екстензија за работа без интернет бара преземање дополнителни чекори, а работи само со изворните формати. За годишна претплата, Google Docs отклучува и функции кои се повеќе ориентирани и прилагодени за бизниси и слични организации.

Kingsoft WPS Office 2016

Се работи за канцелариски пакет кој е бесплатен за користење, но само доколку сте спремни да одгледувате реклами за да ви се привремено отклучат одредени функции, како печатење или конверзија во pdf документ. Рекламите се со времетраење од десетина секунди и доколку сакате да ги отстраните потребно е годишна финансиска посвета од 30 долари. За многумина, ваквата политика на користење би можела да звучи нефер, а со тоа и неприфатлива, но верувајте нѝ кога ќе ви кажеме дека ова е канцелариски пакет кој најверодостојно го пресликува Microsoft Office, како во изгледот, така и во функционалноста. Пакетот се испорачува со Writer, Spreadsheets и Presentations, но и 1GB простор за складирање преку WPS Cloud сервисот. Програмите се одликуваат со препознатливиот ribbon интерфејс, со јазичиња и алатки кои се на скоро исти места како производот на гигантот од Редмонд. Ретро корисниците, пак, ќе можат целосно да се вратат во времето и да го користат интерфејсот од 2003 година. Компатибилност со форматите на Microsoft Office е повеќе од задоволителна, но ќе останете со празни раце доколку имате потреба од напредни можности за колаборација.

LibreOffice 5

LibreOffice e канцелариски пакет кој во сржта го крие кодот на OpenOffice. Петтата верзија е значително подобра од предокот не само во поглед на функционалноста, туку и во поглед на популарноста. На располагање имате шест програми и, со оглед на историјата со OpenOffice, многу работи се доста слични помеѓу нив. Поради тоа, корисничкиот интерфејс највеќе потсетува на Office 2003 добата, но на слична дискриминација нема да наидете при отворање и работа со најразличните формати. Libre Office има Remote Files опција преку која можете непречено да пристапувате до сервиси како Google Drive или OneDrive, што е одлично за следење промени и оставање коментари во документите, но не и колаборација во реално време.

Microsoft Office Online

Ривалот на Google Docs крие канцелариски алатки за работа преку прелистувачот. Word, Excel, Powepoint и OneNote се достапни и како апликации за iOS и Android и се најблиското нешто до десктоп алтернативите, особено кога ќе ги земете во предвид можностите за колаборација во реално време. За жал, многу од напредните функции не се овозможени во овие бесплатни, онлајн верзии и, сосема очекувано, нема да можете да ги користите без приклучок кон интернет. Но, тврдокорните Microsoft фанатици кои имаат инвестирано во OneDrive и чувствуваат потреба за онлајн колаборација, нема да останат со празни раце.

Softmaker FreeOffice 2016

Како бесплатна верзија, FreeOffice 2016 се препорачува доколку сте по минималистички, но брз интерфејс, со одлична компатибилност со бројните Office формати. На располагање имате TextMaker (Word), PlanMaker (Excel) и Presentations (PowerPoint). Екстра брзите алатки нудат напредни опции како создавање PDF документи, импресивни табели во PlanMaker, интерактивни ефекти во Presentations, следење промени и оставање коментари. За нешто повеќе од ова, потребно е да купите некоја од двете понапредни верзии.

5 коментари на “Кои се најдобрите бесплатни алтернативи на Microsoft Office?

  1. Apache OpenOffice е на смртна постела со изброени денови до умирање. Не ми е јасно по кој критериум го поставивте како прв на листата. Google Docs втор? Уствари генерално имате сериозен проблем со редоследот на најдобрите алтернативи.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии