Кои се 20-те компании кои добија грантови преку ФИТР?

Минатата недела Владата на Република Македонија ги додели грантовите на технолошките и иновативни компании. Грантовите се со вкупна вредност од 80 милиони денари и доаѓаат од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР)

Од овие средства 58 милиони денари се обезбедени од Владата, а останатите се инвестиција на Светска банка. Стартапите кои ги примија договорите се победниците на О2 предизвикот и петнаесетте најдобри проекти од четвртиот повик од инструментите за поддршка на старт-ап и спин-оф компании и за комерцијализација на идеи.

Добитници на средства преку инструментот „Кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва стартап и спиноф” се компаниите:

Claxi

Claxi е македонска платформа која овозможува менаџирање со такси превоз. Сервисот е поделен на два дела, компанииски и кориснички. Стартапот започна во Скопје и Велес, но набрзо се прошири во Битола, Охрид, а тестираат и во Србија во Белград, во Хрватска во Загреб и Камерун.

Step Up Talent Business Incubator

Step up e компанија која има за цел преку стипендирање на таленти да воспостави и развие долгорочни цврсти односи меѓу избраните таленти за бизнис и компаниите кои ги обезбедуваат стипендиите.

Технологијата која ја користат вклучува различни процеси и постапки со цел привлекување и препознавање на бизнис талентите во рана фаза пред почетокот или во текот на првите години од нивното високо образование, без оглед на изборот на професијата. Оваа година веќе имаат соработка со ASSECO SEE и doXteam.

Интерактивна иднина

Интерактивна иднина е компанија од Кавадарци која работи на хардвер. Досега имаат претставено неколку уреди, како интерактивна табла и светолосен пиштол. Ако таблата може да се користи во канцеларии за презентации, целта на светлостниот пиштол е забава. Пиштолот е замена за компјутерското глувче и се контролира како контролер во видеоигрите.

Основач на компанијата е Димитрија Ангелков.

Wigo Digital

Ако од некаде ви е познато името на компанијата, Wigo Digital е спиноф компанија на Venikom Mobile. Компанијата е креатор на првиот македонски „компјутер“ за велосипеди. Компанијата разви апликација за паметни телефони која е супер корисна за најголем дел од велосипедистите.

Ангор АГ

Ангор АГ е компанија од Струга кој изработува HEALTH eGuard. HEALTH eGuard е интегриран систем за превентивно здравствено следење и заштита на пациенти од ризична група (рано откривање на кардиоваскуларни болести и дијабетес) кои не можат да си овозможат редовни контроли и немаат лесен и брз пристап кон медицинска нега и помош.

Таф Индустрис

Компанија од Гевгелија која изработува технологија која има примена кај производството на плочест материјал кој ќе се користи во градежната индустрија. Овој производ би требало да нуди побрзо производство, подобар квалитет и да биде побезбеден за животната средина.

Органик Балкан

Органик Балкан од Велес е компанија која гради на капацитети за органско производство и дистрибуција на пчелин отров (Апитоксин).

Генлајт

Штипска компанија за истражување и развој на биолуминисцентни бои за храна. Генлајт равива прототип што би претставувал рекомбинантен, биолуминисцентен протеин што е стабилен при различни температури и киселост. Компанијата ќе користи нов, револуционерен процес за сепарација на биолуминисцентните протеини од генетски модифициран квасец, кој ќе биде достапен во форма на прашок.

Добитници на средства преку инструментот „Кофинансирани грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации”:

Smart Traffic Safety Systems од Скопје

Компанијата е креатор и добитник и на наградено решение на првиот повик на Фондот за иновација. Тогаш ги добија средствата за финансирање за својот паметен лежечки полицаец, Smartbumps. SmartBumps e нов, подобар, паметен, лежечки полицаец. Основач на  компанијата е г. Виктор Настев, а неодамна имвме интервју со дел од тимот на компанијата.

Systems for Enterprise

Systems for Enterprise (S4E) е компанија која што е специјализирана во софтверски решенија за осигурителната индустрија. Kомпанија е фокусирана на северно-американскиот пазар. S4E е позната по неколку решенија; во 2016 година ја добија Get in the Ring наградата за иновативен центар за примена на технологија во осигурувањето. Сепак, најверојатно се најпрепознатливи по решението HelpMark.mе кое им помогна на многумина во поплавите во 2016 година.

Еко Солар од Штип

Еко Солар од Штип е една од компаниите која на оваа листа се појавува два пати. Освен грантот за комерцијализација на иновации, компанијата е наградена за нејзиното технолошко решение за изработка на соларен воздушен колектор со ротирачки келии кој го загрева воздухот со помош на сончева енергија и помага за догревање на просториите. Колекторот би служел како дополнување на постоечкиот систем за греење. За ова решение тие побараа 1.722,753 денари. Еко солар е добитник на награда на О2-натпреварот.

Агро-Линк од Чашка

Агро линк е компанија која започна со своите активности во 2005 година, со фарми за полжави. Денес поголем дел од производството е фокусирано на пазарот за органски печурки, поточно, шитаке и буковка, но и на органски фарми за полжави. Својот сертификат за органско производство го имаат добиено во 2013 година. Финасиите ги добија за развивање на нови козметички и фармацевтски производи кои се базираат на користење на елементите на полжавите – месо, јајца, слуз и куќарка.

Спик Инса

Спик Инса е застапена на пазарот повеќе од 20 години. Главна дејност на компанијата е проектирање, инженеринг, консалтинг и производство. Наjзастапени се во делот на водоводна инсталација. Преку развојот на облак системи за отчитување и контрола на водата, лабораторија за производство на електроника со интегриран хардвер и софтвер, како и изработка на конфигурациони системи за дигитална верификација на работна мобилна активност (патентирана технологија), компаниајта нуди паметни водомери и напредни компјутерски системи. Компанијата соработува со голем број на градски водоводи низ целата територија на Р.Македонија, а имаат соработка за имплементацијата на нов тип на паметни водомери со далечинско отчитување.

Bransys

Bransys е македонскa компанија која работи на транспортен менаџмент, GPS следење, диспечинг, а со тоа и помали трошоци при организација на превозот и организирање на возниот парк. Станува збор за специјализиран сервис наменет пред се за компании кои имаат поголем број на возила, на кои им треба надворешен специjализиран сервис за организација. Компанијата успешно опстојува 7 години, а поради поголемиот обем на работа, отворени се канцеларии во Белград и Чикаго.

Компанијата е основана од Бранко Трајковски, 2008 година во Скопје. Bransys има креирано повеќе решенија. Едно од решенијата, Claxi, е добитник на грант за спиноф/стартап компании.

Алиментос

Компанија од Скопје која е постоечки корисник и добитник на грант од вториот повик на ФИТР за развој на софтвер за online платформа за тргување со месо. Овој проект е продолжение на првичниот проект каде се планира најголем дел од средствата да бидат насочени за промоција на производот.

Финансиска поддршка во рамки на „О2 Предизвик” добиваат:

Конечно, учесниците на О2 натпреварот малку поодамна го знаеа победниците на натпреварот. Најдобрите 5 стартапи се наградени од Фондот и од Светска банка. Покрај Еко Солар од Штип кој е спомнат претходно, еве ги останатите:

Бизифај

Бизифај од Битола која ќе изработи течност од веќе постоечки полимери која има способност да ги апсорбираат штетните ПМ 2,5 и ПМ 10 честитчки. Оваа течност ќе се користи за прскање на градежни површини и патишта.

Технолоџи парк

Технолоџи парк од Тетово е добитник на средства за изработка на бизнис модел за инвестиции за замена на стари грејни системи во домаќинствата, со нови.

Технобен Нова

Технобен Нова од Прилеп ќе биде субвенционирана за изработка на плочест топлиноразменувач со вграден Вентури апарат како интегрирана целина за прочистување на гасовите што се испуштаат од одредени индустриски објекти.

Венито Комерц од Кавадарци

Венито Комерц од Кавадарци ќе биде поддржана за да развие електричен велосипед кој ќе биде приспособен за користење во градски средини, со вградени филтри за прочистување на воздухот, а истовремено фирмата ќе работи и на развивање на посебни станици за полнење на батериите во велосипедот.


Повеќе информации на официјалната страна на ФИТР.