Конференцијата на Bethesda беше една од најјаките конференции каде амбициозниот издавач најави работа на бројни проекти.

The Elder Scrolls VI дефинитивно излегува, но, покрај краткиот тизер трејлер, не се знае многу. Претпоставуваме дека до официјалното излегување ќе помине најмалку година-две.

The Elder Scrolls: Blades ќе проба да го ублажи чекањето. Ова е бесплатна игра за мобилни направи во кои има вдомено iOS или Android. Се планира и VR мод, a некаде слушнавме и дека подоцна ќе има и PC верзија од истата игра.

Alexa Skyrim Edition беше играта со која Тод проба да ги расположи посетителите. Ваквата посебна едиција не само што е крајно смешна и интересна, туку и навистина е овозможена во слична форма преку Alexa направите.

Starfield ќе биде првата игра во еден нов серијал, нешто што Bethesda нема направено повеќе од 20 години. Многумина почнаа да ја нарекуваат Skyrim во вселена, а со оглед на скромниот тизер, претпоставуваме дека ќе помине многу време пред да почнеме да ја играме.

Fallout 76 беше на удар и одзема највеќе време. Се дозна дека играта ќе биде целосно онлајн и дека навистина ќе играте со други лица на мапата која е четири пати поголема од Fallout 4. Тод објасни дека ќе можете да играте и соло, но од она што ние го видовме, таквото нешто целосно би ја промашило поентата на Fallout 76. На мапата ќе се наоѓаат десетици други играчи, а гејмплеј механиките, објасни Тод, нема да се hard-core како кај другите survival игри (како Rust). Можете да бидете нападнати од други играчи, но прагот на толеранција е поголем и нема да губите искуство и слични заработени работи. Низ мапата ќе има и центри со нуклеарки кои можете да ги присвоите и насочите кон одредена точка во мапата, за да потоа соберете исклучително вреден плен. Играта излегува во ноември.

Rage 2 се покажа како феноменален шутер кој бесрамно црпе инспирација од Mad Max: Fury Road и Bulletstorm. Нѝ се допаѓа и едвај чекаме да излезе.

DOOM Eternal ќе проба да понуди малку поразлично пукачко искуство. Иако го цениме трејлерот, не наидовме на премногу информации. Bethesda вети многу повеќе на QuakeCon, во август.

Wolfenstein Youngblood ќе ја надгради откачената визија на Machine Games така што ќе понуди ко-оп игра со ќерките-близначки на Бласковиц.

Quake Champions е ваша доколку ја инсталирате преку Steam. Надвор од раниот пристап, играта ќе биде бесплатна за сите, но нетрпеливите можат веднаш да го направат тоа.

The Elder Scrolls Online ќе исфрли две DLC-а годинава, првин едно со две зандани, а потоа едно со приказна и нова територија за истражување.