Кинеска компанија повлекува дел од камерите кои беа искористени во DDoS напaдите на Dyn

Кинеската компанија Hangzhou Xiongmai Technology Co Ltd најави повлекување на дел од камерите кои се продадени во САД. Камерите на оваа компанија се идентификувани како дел од DDoS нападот врз DNS провајдерот Dyn. Камерите кои доаѓаат со едноставни лозинки од фабриката ќе бидат повлечени, јави Reuters.

Компанијата сепак потсети дека најголем проблем се корисниците кои не ги менуваат лозинките откако ќе ја купат камерата. Доколку корисниците ги променат првичните зададени лозинки, камерите имаат поголеми шанси да бидат заштитени од сајбер напади. Ова е добра пракса бидејќи камерите за надзор кои се без променета лозинка може да станат алатки за набљудување на нивните корисници.

Во нападот е искористен Mirai, отворен софтвер за хакери. Кодот овозможува пронаоѓање и злоупотреба на уредите чие корисничко име и лозинка се непрoменети и се исти како денот кога излегле од фабрика, за што постои и интернет пребарувач. Она што загрижува е што бројот на вакви уреди е огромен. Најголем дел на уредите од веб-камери до паметни фрижидери, немаат заштита од сајбер напади.

Сајтови како Reddit, Twitter, Github, Amazon, Netflix беа недостапни за сите или за дел од корисниците ширум светот. DDoS напад наједноставно објаснето е кога хакерите ги бомбардираат серверите со огромен број на барања при што серверите закочуваат или стануваат комплетно недостапни дури трае нападот. Кон ваквите напади одбраната е доста ограничена и бара инволвирање на голем број ресурси.

Она што е најголем проблем е фактот што сè уште никој нема конкретна идеја од каде потекнуваат нападите. Засега е исклучено дека нападите потекнуваат од или се спонзорирани од држава соперник. Дополнително се појавија и информации дека нападот е за да не се појават документите на WikiLeaks за Хилари Клинтон, но и оваа вест беше демантирана. Единствено што е потврдено е дека станува за мултинационална хакерска група.

Одговорност за нападот презема групата New World Hackers, но никој не ја потврдил оваа вест, јави Fortune. Нападите врз Dyn доаѓаа од сите страни на светот – од САД, до Германија, Молдавија и Данска и други земји.

DDoS нападите често се користат за изнудување на пари и уцени. Серверите на компаниите повремено се напаѓаат се додека компанијата не плати откуп. Дополнително некој пат нападите се финансирани од конкуренцијата за да се наруши пристапот до услугата на конкурентите, а не е нечуено нападите да се користат и како диверзија.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии