Kindhack 2018, интервју со Валентина Синенка од Symphony Solutions

Изминатиов викенд во просториите на Symphony Solutions за прв пат се одржа Kindhack, хакатон од добротворен карактер. Учество на настанот можеа да земат сите невладини организации и институции од Скопје и пошироко, кои имаат идеја за проект за кој им е потребнo ИТ познавање. Овој пат, учесниците имаа задача да креираат решенија за Gestalt, Ednakvi.mk, OXO и Крик.

Повеќе за хакатонот зборувавме со Валентина Синенка, проектен менаџер во Symphony Solutions.

Која е Валентина? Кажи ни нешто повеќе за тебе и за твојата работа во Symphony Solutions.

Во Symphony Solutions работам веќе 7 години. Го водам тимот за дигитален маркетинг и дизајн во Symphony, и сум главен организатор и иницијатор на сите настани организирани од страна на Symphony. Исто така, учествувам и во одлуките за внатрешно уредување на сите нови канцеларии.

Пред да започнам кариера во ИТ светот, работев во светот на дизајн, уметност, мода и маркетинг. Организацијата на настани од добротворен карактер се моја пасија веќе подолго време. Со помошта на Symphony, се почесто сме организатори или поддржувачи на ваков тип на настани.

Која е целта позади KindHack, добротворниот хакатонот кој во Скопје го организиравте за прв пат на 22 и 23 септември?

KindHack хакатонот е настан од добротворен карактер. Верувам, дека нашата ИТ заедница може да има големо влијание со тоа што ќе го прават тоа навистина што го сакаат – ќе кодираат. Со организација на ваков тип на настани, ние се трудиме да ги собереме на едно место сите креативни програмери, дизајнери, софтвер тестери и да изработат софтверски решенија, со цел олеснување на секојдневните предизвици со кои се соочуваат невладините организации.

Исто така, сме многу свесни дека не секогаш ваков тип на ИТ проекти може да бидат завршени за само 48 часа, па се трудиме и по завршувањето на хакатоните да останеме во комуникација со учесниците и организациите и да ја продолжиме комуникацијата доколку имаат потреба од истата.

Ова е веќе четврто издание на Kindhack. Какви решенија сте виделе досега? Дали можеби имаш некој фаворит? 🙂

Досега, имавме доста интересни решенија изработени на сите 4 хакатони, како на пример проектот за уметност во соработка со холандскиот архитект за историјата на градот, а исто така и победничкиот проект на овогодинешниот хакатон одржан во Лавов, Украина за кој се изработи онлајн мапа (десктоп и мобилна верија) каде беа обележани и можеа да се најдат сите велосипедски патеки низ Лавов.

Можам да кажам дека сите досегашни проекти без разлика на големината биле интересни, особено бидејќи веднаш имале позитивно влијание на заедницата.

Кое е вашето искуство од претходните хакатони? Дали има интерес за учество?

Искуството покажува дека интересот за ваков настан е голем. Пријавените учесници се подготвени да го донираат своето време и да помогнат на било кој начин за време на тој 48-часовен предизвик. Прекрасно е кога гледаме тимови од искусни програмери како посетители на овој тип на настани, бидејќи на овој начин не само што одвојуваат време за настанот туку и се подготвени да ги менторираат помладите програмери додека работат заедно на проектите.

Која е најголемата придобивка од учество во хакатон? KindHack, но и генерално. Зошто би требало луѓето да се вклучат повеќе во вакви настани?

За учесниците е моментот дека стануваат дел од создавање на некој нов ИТ продукт, како и помагање на заедницата. Секако тука е и шансата да научат нешто повеќе од поискусните колеги како и дружбата, споделувањето и вежбањето на комуникациски и презентерски вештини пред своите колеги и присутните на настанот.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии