Калифорнија изгласа силна заштита на интернет неутралноста

Калифорнија изгласа закон со кој се забранува забавување и блокирање на интернет содржината. Законот се однесува и за мобилната и за домашната интернет мрежа, јави Verge.

Со ова во Калифорнија ќе ја добие заштитата која целата територија на САД ја имаше до пред неколку месеци.

Одлуката е донесена со гласови на сите претставници на Демократската партија, и еден републикански сенатор. Останатите претставници на Републиканците гласаа против. Сепак во Собранието на Калифорнија, повеќе претставници гласаа „за“, па законот е донесен со 61 наспроти 18 гласа.

Законот забранува забавување и блокирање на секоја законски дозволена содржина. Како и обратното, забрзувањето на некоја содржина е забрането. Добра вест е и дека бесплатниот интернет за некои сервиси и апликации ќе биде забранет. Поточно, нема да биде забранет, но нема да може да се однесува само на една апликација. Така ако некој провајдер сака да овозможи бесплатен сообраќај за некој сервис за стрим на музика, ќе мора тоа да го направи за сите такви сервиси.

Сега на ред е гувернерот Џери Браун, тој треба да го потпише законот. Со потпишувањето Калифорнија ќе биде трета сојузна држава која ја заштити интернет неутралноста по промените кои ги направи Федералната комисија за комуникација.

„Денес беше значаен ден во борбата за задржување на слободен и отворен интернет. Законот ја враќа неутралноста во Калифорнија, и враќа значајна заштита која FCC во декември ја отстрани.

Законот поставува стандард кој треба да го следат другите држави“, вели професорката од Станфорд, Барбара ван Шевик.

До декември 2017 година, Федералната комисија за комуникација можеше да влијае и да ги оспори одлуките и праксата на провајдерите. Во декември Комисијата се прогласи за ненадлежна и им даде одврзани раце на провајдерите да прават што сакаат. Набрзо потоа започнаа тужби, но и федералните држави во САД си донесоа сопствени мерки за заштита на слободниот интернет. Провајдерите и Федералната комисија предупредија дека државите немаат право да носат вакви закони. Најверојатно веднаш штом законот и официјално е донесен, провајдерите ќе поднесат тужби.