Каква е состојбата на македонскиот пазар за малопродажба?

Новото време и технологија секако носи промени и во продажбата. Ако до пред неколку години во светски рамки најголемите продавници беа физички, денес тоа веќе не е случај. Amazon и AliExpress, но и куп помали продавници ги менуваат навиките на купувачите и ја менуваат реалноста за локалните продавници. Македонија секако не е во средиштето на овие технологии, но трговците немаат избор, па се приклучуваат на промените.

Инсајдер ИД има интересна анализа на состојбата во Македонија во која зборуваат за реалноста на е-трговијата и иднината на малопродажбата кај нас. Еве дел од податоците кои ги споделија со нас:

Нови дистрибутивни канали

Секако најпопуларниот канал денес е Интернет. Технологијата промени куп сектори и секако малопродажбата не може да остане изземена.

„Повеќе не е прашање дали една компанија треба да биде подготвена за е-трговија или не. Со сигурност мора да располага со е-продавница, едноставно поради фактот што потрошувачите се поместуваат од традиционалните кон интернет каналот за купување на производи.“

Продавачите кои продаваат на големо барем на кратко може да здивнат. Големопродажбата не е премногу зафатена од технологијата, или поточно, засега не зафатена. Процените се дека до 2025 година ќе стасаат до 15%, што секако не е некоја импресивна бројка. За една декада од денес со сигурност ќе се искачи процентот до 20%, што сепак е сериозна сума како финансии околу продажбата.

Слика: Рептил маркет

Кај нас само дел од маркетите имаат сопствени веб страници за онлајн продажба. Првиот кој влезе на пазарот беше СП Маркет со www.doma.mk. РептилГранап, Маркет Зур се само дел од продавниците кои продаваат онлајн. Она што може да се забележи е дека најголемите ланци на продавници сепак ги нема на оваа листа, иако Tinex најавува почеток на онлајн продажба.

Точниот момент на влез во е-трговијата (како и во останатите сектори) е клучно во целосниот успех. Притисокот е во тоа што веќе дел од маркетите започнаа со е-продавници како Рептил, Гранап, Маркет Зур и во најава е на Тинекс. Од неодамна се појави и Paket.mk, онлајн супер маркет кој нема физички продавници. Она што останува прашање и ќе биде интересно да се види, е дали пазарот има капацитет да одржи повеќе вакви онлајн продавници.

Софтвер и нови процеси

Секако анализата немаше да биде целосна ако не проговориме и за софтверот, автоматизацијата и можноста за намалување на трошоците.

Македонските компании сè уште заостануваат во имплементацијата на напредни софтверски решенија, претходно дефинираните притисоци за намалување на трошоците и зголемување на маргината ги приморува компаниите да наоѓаат нови напредни начини на организација на работењето. Под притисок на глобалните трендови, во соодветните сегменти ќе биде речиси задолжително воведување на многу нови системи и процедури на работење.

„Во следната декада компаниите од малопродажбата во Македонија ќе бидат приморани да имплементираат софтвер за управување со магацински простор, автоматизација на нарачки и размена на документи (EDI – Electronic Data Interchange), автоматизација во испораката на производи и управувањето со апсолутно комплексен ERP (Enterprise Resource Planning) кој во целост ќе ги покрива сите сегменти на работењето“, сметаат од Инсајдер ИД.

Се чини дека најголема пречка за промени не е недостатокот на решенија или ригидноста на пазарот. Проблемот е во навиките на сопствениците и менаџерите кои сакааат микро контрола врз сите информации. Поради ова не се користат BI (Business Intelligence) системи кои ќе овозможат следење на клучните индикатори за перформансите на компаниите. Врз база на овие индикатори потоа е значително поедноставо да се донесат вистински решенија.

Маркети без вработени

Маркетите без вработени се дел од најновиот светски тренд. Продавниците се целосно автоматизирани и нема потреба од работници. Ова ја отстранува можноста за грешка од вработените, и овозможува помали трошоци што ќе овозможи намалување на цените на производите.

Секако отпуштањето на работниците ќе биде посериозен проблем. Намалувањето на потреба од работници секако ќе биде проблем кој зафаќа повеќе гранки, и најверојатно на ова прашање одговор ќе треба да даде целото општество.

Почетната инвестиција во софтверот ќе биде сериозна. Дополнително, тука е и инвестиција и хардвер, како сензори и камери. Конечно, овие системи треба да бидат одржувани, а еден час на девелопер или инженер најчесто е многу поскап од часот на вработен во маркет. Конечно ако маркетот одбере поевтино одржување неколку часовна грешка ќе може да донесе сериозни загуби.

„Иако со сигурност маркетите во блиска иднина нема да можат да функционираат комплетно без вработени, тренд во развиениот свет е да се поставуваат каси за само-наплата односно, на самиот потрошувач му се овозможува да ги исчита бар кодовите на производите и да го изврши плаќањето.“

Има  неколку тeхнологии кои би можеле да помогнат за поудобен шопинг.

  • RFID технологијата – со поминување на производите во корпа веднаш и автоматски да се пресмета вкупната сума која потрошувачот треба да ја исплати.
  • Поставување на бар-код читачи на самите корпи за пазарење на кои директно се пресметува вкупната сума која треба потрошувачот да ја плати за производите и директна наплата со картици.
  • Вработените може да бидат заменети и на прием на производи во магацинскиот простор и поставувањето на производите на рафт. Системи овозможуваат целокупниот процес да биде преземен од софтвер или пак инсталација на рафтови кои овозможуваат автоматско надополнување.

Анализи на “Big Data”

Познавањето на потрошувачот е клучно за креирање на персонализирани понуди. Овие понуди треба да ги задоволат барањата на секој купувач. Со тоа треба и да се отвори можност за дополнителна продажба. Микро таргетирањето со промоции од интерес на потрошувачите ќе биде еден од основните начини за зголемување на приходот.

„Доколку еден потрошувач пазари постојано тестенини, ќе биде таргетиран со промоции за готови дресинзи. Ако купува пелени, ќе биде таргетиран со храна за бебе.“

Користењето на Big Data анализи е клучно за „запознавање“ на купувачите, од што купуваат, до бројот на членови на семејство. Сепак ова не е едноставен процес.

Во Македонија, компаниите податоците ги собираат со користење на клуб картици или членства кои веќе ги има имплементирано приближно секој од националните ланци. Секако има причина зошто ова е „Big Data“. Кај нас фондот на информации кои се обработуваат од продавниците е на почетно ниво.

Виртуелни супермаркети

Се чини дека последниот дел од анализата е можеби и најдалеку од Македонија. Виртуелните маркети, претставуваат продавници кои овозможуваат спој на проширената, односно виртуелната реалност и продавниците. Технологијата овозможува симулирање на комплетната поставеност на супермаркетот или на еден производ.

„Веројатноста да биде имплементиран во секојдневното работење во македонските компании е многу мала дури и во следната декада. Постои веројатност дека таква опција ќе биде имплементирана од компанија која не е својствена, односно работи во друг сегмент. Пример некоја ИТ компанија во соработка со маркет или пак готови системи добиени од странство. Сепак, мала е веројатноста за имплементација за решение од ваков вид во Македонија“.

Целата анализа може да ја видите на официјалниот сајт на Insider ID.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии