Kако WhatsApp стана толку голем и зошто Facebook го купи за рекордни 19 милијарди долари?

Марк Закерберг го потврди стравот што многумина го прогнозираа дека мобилните аплиакции за чет и бесплатни пораки ќе ги преземат корисниците од друштвената мрежа. Во пост во кој го објави купувањето на WhatsApp за рекордни 19 милијарди долари во ИТ индустријата, основачот на Facebook беше приморан да каже дека WhatsApp и Facebook Messenger се сервиси со различна намена. Првиот е за комуницирање со група кориснции и блиски пријатели, Messenger е за комуникација со Facebook пријателите. Но, вистината е дека се апсолутни исти сервиси. Разликата е што Facebook ја изгуби битката.

Почетоците на WhatsApp започнуваат од Yahoo каде Брајан Екшн и Јан Кум работеле на визуелни реклами. По Yahoo во 2007-ма година и двајцата аплицирале за работа во Facebook кој ги одбил, но откако купиле iPhone сфатиле дека време е да се најде мобилна алтернатива на четот. По само четири години од основањето во 2009-та година, WhatsApp сега е една од најкористените апликации за споделување бесплатни пораки и четување со над 450 милиони корисници, и секој ден се додаваат по еден милион нови. Дневно се споделуваат по 18 милијарди пораки преку апликацијата. За споредба, во светот дневно се споделуваат 19,5 милијарди SMS пораки.

WhatsApp е изградена врз уникатна филозофија. Водени од своето животно искуство – 38 годишниот Јан Кум израснал сиромашен во комунистичка Украина, и 44 годишиот Брајан Екшн од Мичиган, САД, себеси се опишуваат како „јинг и јанг, првиот параноичен, вторио оптимист“ – двајцата се решaваат да следат едноставни правила – Нема реклами, нема играчки, нема грешки! И секако, мобилното да биде прво. Kога WhatsApp стартуваше во 2009-та година, единствените посериозни конкуренти беа Skype, GTalk и BlackBerry Messenger, и иако на почеток не претставиле ништо ново, работите се сменија кога Apple ги претстави push нотификациите со iOS 3. По мал редизајн, нотификациите им овозможија на WhatsApp корисниците да споделуваат пораки во било кое време, и за било што.

Целта на основачите на WhatsApp од почеток било да работат прво на растот и на стабилноста, пред да почнат да размислуваат за парите. Затоа апликацијата нема реклами, и заработува преку претплата од 1 долар годишно. Интересно, претплатата е воведена како средство да се успори растот за кој основачите немале доволно пари да го оддржат. Само верификацијата на бројот преку SMS ги чини десетици илјади долари дневно, пишува Forbes. Идејата за апликација без реклами наводно му се допадна и на основачот на Facebook, Марк Закерберг кој рече дека „лично не верувам дека рекламите се прав начин да се монитизира системот со пораките“. Г. Закерберг сигурно не верува во оваа изјава бидејќи Facebook продава реклами преку своите апликации, но сега е во прашање довербата на 450-те милиони корисници кои сега се индиректно корисници на Facebook.

Второ важно нешто за г. Кум е апликацијата да не собира кориснички податоци бидејќи знаел колку било страшно во комунистичката Украина да се чувствуваш како да си набљудуван постојано. WhatsApp не собира адреса, пол и возраст и други лични детали. Регистрацијата на апликацијата оди преку телефонскиот број, а бидејќи немаат реклами, не им ги треба податоците за таргетирање. Според SequoiaCapital, фондот кој инвестираше во WhatsApp, основачите толку не веруваат во маркетингот што не потрошија ниту еден долар во рекламирање и потрага за нови корисници. Растот е апсолутно вирален. Но, Facebook e дизајниран да знае се за вас, кои сте вие, кои ви се интересите, кои ви се пријателите и, можеби, сега и со кого најмногу комуницирате.

Последното начело на г. Кум кога ја стартувал WhatsApp е да биде едноставна, да нема грешки и да биде добро искуство за корисниците. Facebook е комплексен, со скриени опции за приватност, со скриени опции за следење на повеќе корисници, со приватност и пренатрупан со опции кои постојано се менуваат.

Очигледно е дека WhatsApp и Facebook се компании со различни идеологии, па сосема е разбирливо ако сте изненадени од рекордната аквизиција. Но, тука сепак не се работи толку за заедничка визија на комуникациите, туку за тоа што WhatsApp за кратко време израсна во сериозен конкурент на Facebook на мобилниот пазар. Facebook можеби никогаш нема да ги врати потрошените 19-те милијарди долари, дел во кеш, дел како акции, но сега барем има еден помалку конкурент, и еден повеќе сервис со кој ќе завладее врз мобилната комуникација.

1 коментар на “Kако WhatsApp стана толку голем и зошто Facebook го купи за рекордни 19 милијарди долари?

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии