Како Web Factory #РаботиОдДома

Несомнено е дека коронавирусот COVID-19 има огромно влијание врз случувањата во светот. Неодамна имавме текст за тоа како светските ИТ компании се справуваат со пандемијата и предизвиците кои ги носи. Очекувано најголем дел од читателите беше позаинтересиран како со епидемијата се справуваат локалните компании. Па затоа, во серијал насловен “Како [локална компанија] #РаботиОдДома” од повеќе текстови ќе се обидеме да презентираме што прават најголем дел од ИТ компаниите кои се од Македонија или имаат канцеларии во Македонија.


Web Factory е македонска ИТ компанија која работи на развој на софтверски решенија. Основана е во 2009-та година од исклучително млади ентузијасти. Активен учесник се во глобалната дигитална трансформација. 

Нивната енормна желба и посветеност да создадат место каде што млади таленти ќе бидат мотивирани да растат професионално, да учат и работат на компексни и предизвикувачки дигитални решенија, денес е реализирана во супер тим од 60 професионалци кои работат на проекти од Јапонија, Америка, Англија и ширум Европа.

Во Септември 2019, Web Factory го прослави својот 10ти роденден. За сите изминати години, тие никогаш не размислувале за целосен remote начин на работа на долг период, бидејќи освен самата работа, флексибилноста, дружењата, запознавањата, социјалните интеракции, играњето друштвени игри, ручеците и кафето од сабајле, се она кое го гради тимот. Велат дека изминативе 4 недели, токму тоа им фали.

За новиот начин на работа, предизвиците и промените, но и континуитетот во раст на тимот дури и во овој тежок период, поразговаравме онлајн со дел од нивниот тим. 

Како се справувате се овие отежнати услови за работа?

Претажни се ефектите на целата пандемија. Животот и активностите на секоја индивидуа значително се променија. 

Ние сме една од оние компании кои поради дигиталните вештини, начинот на работа, агилноста и информираноста најлесно можевме да се префрлиме на работа од дома уште од втората недела на март. Така да, ова за нас не беа отежнати услови за работа, ако ги споредиме со другите сектори, туку само е сменет начинот на работа и физичката локација. Од една канцеларија, сега сме во 60 индивидуални, различни канцеларии. Моментално исто така сите интервјуа за отворените огласи ги правиме со видео повици бидејќи здравјето и почитувањето на мерките за заштита и превенција се пред се друго.

Засега се справуваме одлично, целиот процес не застана воопшто, само сите состаноци и дружби се префрлени 100% дигитално. Исто така немаме забележано пад во продуктивноста на тимот, така да се држиме за сега :)

За да не ни недостигаат дружбите во дворче и на шанк, си креиравме Hangouts & Zoom meeting: The Yard. Секој во текот на денот може да се вклучи, ‘да искочи во дворче’ на кафе, ручек, да си помуабети со колегите. Ни недостигаат спортските тим билдинзи, играње друштвени игри и петочните караоке и пиво дружби, па затоа има иницијативи за дружење и надвор од состаноци. За сега најактивни од тимот се тие што играат кантер. Креиравме и интерен водич со неколку категории за пополнување на времето дури седиме дома, корисни линкови, материјали, онлајн случувања и постојано го надополнуваме. 

Какво е влијанието врз работата и клиентите?

Со оглед на тоа што ние работиме за клиенти од Јапонија, Америка, Англија и низ Европа, новонастанатата ситуација воопшто не влијаеше на нашата работа. Имаме нормални видео состаноци. Моменталните проекти се првенствено од Fintech и Healthcare, како и други иновативни области кои се базирани пред се на дигитализација на традиционални процеси. Ниеден од овие сектори не очекуваме да биде директно погоден, барем не веднаш, од економската криза која претстои. Напротив, во оваа ситуација луѓето особено ги увидоа бенефитите од иновативни идеи на многу стартапи, апликации и платформи кои овозможуваат услуги кои ни се достапни од нашите уреди. Така да, би рекле дека не само што соработката со моменталните клиенти, партнери и проекти е стабилна, туку ние имаме и неколку проекти кои очекуваме да отпочнат во иднина.

Економската криза нема да одбегне никого, без разлика од кој сектор доаѓа. Некој ќе биде погоден директно и погубно за бизнисот, некој индиректно и со поблаг удар. Меѓутоа не смееме да дозволиме оваа неизвесност да ни влијае на мотивацијата и продуктивноста, бидејќи припаѓаме на сектор кој гради комплексни системи, решава енормни проблеми за целата популација, и како такви, само можеме да бидеме значајна поддршка во оваа криза.

Кои алатки ги користите за да ја олесните работата од дома?

Работата и комуникацијата со тимот ни ја олеснуваат Google hangouts и Zoom. Си продолживме со сите состаноци, стендапи и планирања, само во онлајн формат. Користиме и Slack за комуникација со клиентите и Rocket Chat за секојдневни и кратки договарања со сите од компанијата. 

Jira е нашето централизирано место за менаџмент и следење на сите проекти и задачи.

Во принцип сите алатки кои ги користевме и до сега продолживме да ги користиме, Google Calendar, Google Drive, Trello, Toggl, GitHub, можеби само ставивме акцент на поголема и појасна дескриптивност во вирутелнава комуникација, бидејќи едноставно не можеме лично да дообјасниме bug на колегата што седи до нас со минимум опис во задачата.

Имавте ли некој специфичен предизвик кој можеби не можевте да го предвидите?

Можеме да кажеме дека работата ни се одвива сосема исто како и кога бевме сите присутни во канцеларија. Сите многу лесно и природно се префрливме на онлајн работа, што до сега воопшто не влијае на продуктивноста или пак достапноста до членовите на тимот. Како прв предизвик би го напоменале моментот што претходно кога целиот тим работевме во иста канцеларија, попатно си објаснувавме и си одговаравме на прашања. Сега тоа се префрли на чет, што на моменти значи и подолга пишана комуникација за да се објасниме, а која најчесто завршува пак со онлајн повик. 

Втор, и не толку голем предизвик, меѓутоа секако непредвидена промена, е тоа што дел од тимот требаше да замине на патување во Лондон почетокот на март, и поради безбедносните мерки ние веднаш го откажавме истото.

И како трет предизвик се интервјуата со новите потенцијални членови на тимот. Ние моментално имаме отворено неколку огласи и за прв пат, интервјуата сме приморани да ги правиме онлајн. Апликантот ја нема можноста да дојде кај нас во канцеларија, да запознае дел од тимот лично, да ја почувствува атмосферата од нормален работен ден и да остане на пиво после интервјуто, туку тоа се одвива преку видео повик.

Исто така, сите сме повеќе од свесни за психолошкиот момент на секоја индивидуа во оваа состојба. Стравот, чувството на немоќ и неизвесноста се присутни кај секого. Свесни сме дека ваквиот начин на работа со дополнителниот развој на пандемијата ќе биде дополнително отежнат. Се надеваме дека нашата тимска поврзаност природно, спонтано и успешно ќе биде барем дополнителна поддршка на целиот тим, на нашите семејства, и заедно ќе издржиме и ќе помогнеме во периодот на локалното и глобалното опоравување.

Најдоброто и најлошото од новиот начин на работа?

Најдоброто е дефинитивно тоа што никој не глави во гужви до и од работа. Стануваш во 9:50 и во 10 веќе си на состанок. Ние секако имаме целосно флексибилни работни часови од самиот почеток на компанијата, и веќе си имаме развиено секој индивидуален дневен план за работа кој се вклопува за тимските состаноци, така да ова е едно дополнување на оваа флексибилност. Домашно зготвената храна исто така е една од добрите работи. До крај на пандемијата сите ќе станеме врвни готвачи според резултатите до сега. И една многу непредвидена добра карактеристика на овој начин, 100% работа од дома, е тоа што сите сме притиснати да бидеме многу посамостојни и да вежбаме целосна индивидуалност во работата. 

Нaјлошото дефинитивно е тоа што на сите ни недостига ‘жива’ енергија и секојдневното присуство на тимот, социјалните интеракции, удобноста на канцелариите каде што покрај работа, знаеме да си помуабетиме и на многу други позитивни теми и заеднички да имаме најразни активности. Ни недостига нормалниот работен ден. Физичката активност е сведена на минимум, скоро и да немаме никаква активност, не можеме да се пофалиме дека вежбаме многу по дома. Една од потешките нешта исто е и разграничување на ‘дома и работа’ активностите. Некако двете работи кај најголем дел од тимот се претопуваат во едно. Но, веруваме дека ќе се подобриме и во тоа и ќе имаме многу подобар менаџмент со времето.

Искрено се надеваме дека ќе ја пребродиме оваа состојба, ќе бидеме поддршка за другите сектори кои директно се погодени од ситуацијата и дека ќе се видиме набрзо на некој од нашите следни настани.

За пандемијата на коронавирусот COVID-19

Ажурирано на 25/03/2020

Што е коронавирусот COVID-19?

COVID-19 (коронавирусна болест 2019) е нова заразна вирусна дишна болест предизвикана од новиот коронавирус SARS-CoV-2. Името го добива по „боцките“ на неговата површина кои изгледаат како круна (корона). Коронавирусите можат да заразат и животни и луѓе и да предизвикаат симптоми што се движат од лесна настинка до тешка, животно загрозувачка пневмонија.

Колку е заразен вирусот?

Вирусот е екстремно заразен и се пренесува многу лесно од човек на човек, особено во затворени површини. Се пренесува по капличен пат - во мали капки кои ги прави заразениот човек кога дише, зборува, кашла или кива.

Каде е проширен вирусот?

Почнувајќи од првата епидемија во Кина, од декември 2019 до денес вирусот е проширен во над 140 земји, има заразено најмалку 462.000 луѓе и предизвикано над 20.800 смртни случаи. Според Светската здравствена организација се работи за пандемија. Моментално Европа и САД се соочуваат со нагол пораст на новозаболени. Вирусот е присутен и во Македонија од 26 февруари 2020.

Кои се симптомите?

За да се појават симптомите потребни се 2 до 14 дена. Најчести симптоми се покачена температура, сува кашлица, замор и потешкотии при дишењето. Најголемиот број заболени (околу 80%) имаат благи симптоми кои наликуваат на грип или лоша настинка. Некои луѓе воопшто не развиваат симптоми, но може да ја пренесат болеста на други.

Како да се заштитам себеси и другите?

Добар совет во време на пандемија е да се однесуваме како сите, па и самите да сме заразени. Ова значи, минимизирање на контактот со други луѓе и држење на дистанца од 1 до 2 метри, поретко излегување од дома, често и долго (до 20 секунди) миење на рацете и избегнување на допирање на лицето.

Каде да се информирам повеќе?

Во време на пандемија, а воедно и на лажни вести и clickbait тактики, бидете внимателни од каде конзумирате вести. IT.mk ви препорачува да ги следите официјалните сајтови и проверени извори на информации:

- Официјална веб-страна на Министерството за здравство
- Официјална веб-страна на Владата на РСМ
- Неофицијална страна поддржана од Министерството за здравство
- често ажурирана страница за моменталната состојба на пандемијата. За секоја земја има и посебна статија.

Прочитај повеќе

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии