#Заедно учиме за животните со Зоолошката градина Скопје и Споделено Знаење

(Овој текст е поддржан од Vip, како дел од кампањата “#Заедно е подобро.”)


Идејата зад проектот „Зоо Скопје“ е на креативен начин да го привлече вниманието на посетителите на Зоолошката градина да научат повеќе за животните кои се пред нив. Реализиран #заедно од невладината организација Споделено Знаење и Зоолошката градина Скопје, проектот користи QR код технологија да престави податоци од најголемата дигитална енциклопедија.

На следната посета на Зоолошката сигурно ќе ги забележите 90-те изгравирани табли поставени пред животните, на кои има QR кодови што можат да се вчитаат преку паметните телефони. Секој код прикажува Wikipedia статии за 85 животни на три различни јазици: македонски, албански и англиски.

„Сакавме да направиме проект и во нашата земја, кој ќе предизвика голем интерес кај посетителите. За таа цел, ние ја организираме нашата заедница да ги подобри постоечките и да создаде нови квалитетни и опширни статии за животните кои живеат во Зоолошката градина, а ние, како организација изработивме табли од квалитетен и траен материјал, каде секое животно се опишува на три јазика“, вели Фани Матеска од Споделено Знаење, која го раководи проектот.

Табла - гривест павијан

Но, ако можеби сте збунети што е тоа QR код и како да го користите, тогаш без грижа. Споделено знаење и Зоолошката градина изработија посебни флаери кои објаснуваат како да симнете апликација на вашиот телефон и како да го вчитате QR кодот. Користењето на кодот е навистина едноставно, бидејќи QR кодот е всушност офлајн линк кој ве води до онлајн страна.

„На денот на промоцијата на овој проект на секој посетител во Зоолошката градина му беше поделен флаер и детално му беше дообјаснет процесот на симнување на апликацијата за вчитување на QR кодовите. Поголем дел од посетителите веќе имаа симнато ваков вид на апликација и веднаш ги скенираа кодовите и пристапуваа кон статиите на Википедија. Исто така, поголем дел од посетителите на Зоолошката градина се млади парови со мали дечиња кои совршено ги разбираат новите технологии и веќе им беше јасен концептот на функционирање и користење на QR кодовите“.

Членки на Споделено Знаење со директорот на Зоолошката градина Скопје

Членки на Споделено Знаење со директорот на Зоолошката градина Скопје

Засега проектот „Зоо Скопје“ се покажува како успешна идеја. Таблите со кодовите привлекуваат внимание и им се допаѓаат на посетителите. „По промоцијата најголем број од посетителите изјавија дека ова е брилијантна идеја и дека беше време и во нашата земја да се изработи некој ваков проект и да одиме напред со развојот на новите технологии. Кога го осмислувавме проектот, се водевме од идејата дека посетителите на една установа како што е Зоолошката градина треба да имаат квалитетен извор на информации за животните што ги гледаат, на мајчиниот јазик. Oчекуваме задоволни и насмеани посетители на Зоолошката градина“, вели таа.

Освен што информираат за животните, заедничкиот проект има за цел да ги привлече и ентузијастите да ги дополнат статиите на Wikipedia со нови информации. Статиите на македонски ги пишуваа и уредничката заедница на Википедија на македонски јазик, а информациите за Википедија на албански ќе ги збогатуваат студенти на Универзитетот на Југоисточна Европа од Тетово. Но, иако има волонтери кои ја збогатуваат енциклопедијата, сепак желбата е да се привлече поголемо внимание кој споделувањето знаење.

20160514_110835

Википедија на македонски има над 85.000 статии, додека верзијата на албански има над 55.000. Бидејќи е заедничка енциклопедија во која секој може да придонесе со нови информации, предизвикот на Wikipedia е да се привлечат нови волонтери. Едно решение, велат од македонскиот огранок, се токму проектите како „Зоо Скопје“, односно проекти со културно-образовни установи кои ќе имаат придобивка од поголемиот број локални податоци.

„Сметаме дека добрата информираност за жителите на Зоолошката градина е вистинскиот начин да се подигне свеста за значењето на животните и нивната природна средина во урбани услови, какви што се оние каде постојат зоолошките градини. Им предлагаме на граѓаните почесто да ја посетуваат Зоолошката градина и да се запознаат со богатството на живиот свет, притоа почитувајќи ги нормите и правилата на установата која работи напорно да ни обезбеди квалитетно искуство“, вели Фани.

„Ги повикуваме сите кои се упатени во зоологијата, било тоа да се стручни кадри или само ентузијасти, да ни се придружат на уредувачката заедница на Википедија, или да земат учество во разновидните проекти на Споделено знаење, како огранок на Фондацијата Викимедија во Македонија“.

Заедно сме повеќе, заедно – сите сме Vip! Содржините #Заедно се поддржани од Vip

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии