Како до намалување на отпадот? Интервју со Андријана Папиќ Манчева, ко-основач на Од нула до нула

Што правите со телефоните од претходната генерација? Што со стариот компјутер? Дали ги рециклирате батериите? Брзиот развој на технологијата е супер, но токму оваа брзина придонесува електронскиот отпад да биде најбрзорастечки отпад во Европа. Ова е една од причините за интервјуто со Андријана Папиќ Манчева ко-основач на неформална група Од нула до нула, која се залага за намалување на отпадот.

Што е „Од нула до нула“?

„Од нула до нула“ се појави како неформална група на граѓан(к)и која, инспирирана од идејата за живеење со една тегла ѓубре годишно, реши да тргне од нула и да се обиде да стигне до нула отпад во Македонија.

Кога ја оформивте и со која цел? Како се одвиваат плановите засега?

Конкретниот повод за здружување на силите и идеите беше мартовското гостување на Беа Џонсон во Скопје, која е една од најгласните поборнички за поедноставено живеење во светот, како и авторка на бестселерот „Дом без ѓубре“ (Zero Waste Home). Нејзините две овдешни предавања, кои ги организиравме во рамки на нејзината прва европска турнеја годинава, беа одлично посетени, а уште поинтересни беа дискусиите по нив.

Составот на „Од нула до нула“ е променлив, но целта останува иста: да се покаже преку лични примери и искуства – стекнати во македонскиот контекст – како секој од нас може да прави помалку ѓубре. Темпото со кое би работело долгорочно ќе зависи од личниот ангажман, слободното време и од финансиите.

Дали денес е реално да се очекува намалување на отпадот?

Денес е најпотребно од кога било досега – како во светот, така и кај нас. Како запролетува, сè поретко (ќе) се жалиме на загадувањето, а вниманието одамна не ни го задржуваат преполните контејнери и разлетаните кеси… Притоа, најверојатно повеќето од нас не се ни свесни дека самите ние во голема мера придонесуваме кон загадувањето на воздухот, почвите и водите. Не го потценувам уделот што го имаат автомобилите, фабричките оџаци без филтри и домаќинствата што се греат на дрва во загадувањето, но самите ние, како големи потрошувачи на најлонски кеси, пластика и секаква амбалажа, како да забораваме дека депониите и преполните контејнери постојат само поради нас, луѓето. Депониите ни се супстандардно изградени, дури и Дрисла, оние дивите стануваат сè побројни, а стапката на малигни и респираторни болести расте ли расте. Институциите кај нас не функционираат, па обичниот граѓанин уште долго ќе може да го вперува прстот во нив, се разбира, доколку не му се и двете раце зафатени со најлонски кеси полни производи во амбалажа… Сè додека не сфатиме дека секој од нас директно влијае врз животната средина и врз сопственото здравје – па дури и веганите и точакољупците! Нема ни да помислиме да си ги смениме навиките, и така наместо веднаш да засукаме ракави и да се потрудиме да го намалиме отпадот што го фрламе, ќе сонуваме за денот кога ќе профункционира системот за неговото рециклирање! Иако, наспроти општото убедување, ни тој нема да нè извлече од вртлогот на конзумеризмот!

Колку отпад годишно фрла едно домаќинство?

Според податоците од 2015 година, просечниот граѓанин во Македонија фрла по 380 килограми комунален отпад годишно. Сиот комунален отпад – без исклучок – завршува на 54 општински и над 300 диви депонии. Од вкупно 18.875 m3 отпад, колку што досега имаме фрлено во Македонија, 48,1% е пластичен, 10,5% мешан, 1,9% градежен, 0,6% стаклен и 39% останат отпад. Годишно фрламе 80.000 тони храна, а дневно околу 70 тони хартија. Годишно, создаваме 100.000 тони отпад од пакување, од кој најголем дел завршува повторно на депониите, каде и ќе остане барем во следните 30-40 години.

Колкав дел од овој отпад е електронски отпад?

За жал, поради недостиг на квалитативна и квантитативна анализа на отпадот, што само укажува колку ни е важна животната средина, немаме податоци за генерираниот е-отпад. Тоа го потврдуваат и овластените постапувачи со е-отпад, батерии и акумулатори во земјава. Според податоците во Националниот план за управување со отпад од електрична и електронска опрема (ОЕЕО) во Македонија, изготвен во април 2011 година, до 2020 година се очекува да произведеме 16.000 тони ОЕЕО (или 8 kg/жител), што би претставувало зголемување од 33% во однос на ОЕЕО произведен во 2009 година. Е-отпадот се смета за најбрзорастечки отпад во ЕУ, со стапка на пораст од 3 до 5%, што е трипати повеќе од стапката на пораст на комуналниот отпад. Со други зборови, годишно во светот е-отпадот расте за 50 милиони тони, а секој час се одложуваат 4.000 тони е-отпад. Добрата вест е што дури 70% од овој отпад може повторно да се употреби, односно да се рециклира. Уште подобра вест е што не мора ни толку многу да се купува.

Каде се уништува овој отпад и како ова влијае на животната средина?

Сегашната практика на управување со отпадот во земјава не се занимава правилно со еколошкиот ризик во однос на ОЕЕО. Во моментов, според претходно спомнатиот Национален план, поголем дел од ОЕЕО во Македонија се одлага директно на депониите иако не смее да се меша со друг вид на отпад. Така, опасните материи што ги содржи овој тип на отпад, како што се оловото, кадмиумот и живата, неконтролирано истекуваат и испаруваат и директно ја загадуваат животната средина. Кога е е-отпадот во прашање, најпаметно решение е старите и/или нефункционални уреди (почнувајќи од шпоретите, телевизорите, ладилниците и феновите па сè до компјутерите, тонерите, таблетите, ДВД-уредите, конзолите за видео-игри и електронските спортски реквизити) да им се предадат на овластените постапувачи со е-отпад („Нула отпад доо“, „Екон Електрон“, „Елколект“, и други) – некои од нив организираат еднодневни акции низ општините, а постои опција и за организирано преземање на е-отпадот директно од дома.

Што може да направат љубителите на електронска опрема за да го намалат отпадот?

Главниот принцип на кој се темели живеењето со нула отпад вели дека треба да го купуваме само она што навистина ни треба и да го сакаме она што веќе го имаме. Дали навистина нашиот живот станува поквалитетен ако имаме телевизор во секоја соба, или пак, три мобилни телефони? До кога ќе се залажуваме дека ќе слушаме плочи на стариот грамофон, или дека ќе го наполниме тонерот за печатачот што никако да го вклучиме? Клучот за поедноставено живеење е во свесното менување на навиките, особено на потрошувачките – и ова се однесува на сите материјални добра, не само на е-опремата. Ако навистина не можеш да му одолееш на најновиот „ајфон“, продади го или подари го стариот мобилен, или барем „фрли“ го таму каде што треба зашто над 90% од мобилниот може да се рециклира. Расипаното пробај да го поправиш или пренамениш. Слободно купи го лаптопот од излог – го продаваат на попуст, можеш да го земеш без амбалажа, а со иста гаранција како и спакуваниот. Ова важи и за речиси секое парче електронска опрема што ќе го купиш од втора рака. Избегнувај уреди и играчки на батерии: само 2% од батериите се рециклираат, а дури 70% од нив завршуваат на депониите. Притоа, една батерија може да загади и до 750.000 литри од подземните води. И не заборавај, колку повеќе материјални добра поседуваш, толку повеќе време и пари ќе трошиш и за нивно одржување.

Како дополнително може да се намали отпадот?

Златното правило на Беа Џонсон гласи: „речи не, редуцирај, реупотреби, рециклирај и компостирај, и тоа само по тој редослед“. Односно:

  • Речи му „не“ (или не прифаќај го) она што реално не ти треба (пр. пластични производи за еднократна употреба, гратис производи, рекламен материјал);
  • Редуцирај го она што го конзумираш (пр. облека, мебел и разно-разни декорации за домот, па и е-опрема);
  • Реупотребувај така што ќе купуваш половна роба и ќе ги заменуваш производите за еднократна со производи за повеќекратна употреба (ова вклучува и пазарење со платнени торби, тегли, стаклени шишиња кои може многупати да се користат);
  • Рециклирај го она што не можеш да го одбиеш, редуцираш или реупотребиш, и
  • Компостирај го останатото (пр. остатоци од овошје и зеленчук, влакна, собраното ѓубре од подот)
  • И споделувај! Ако сакаме да живееме со помалку ѓубре, исклучително важно е да зборуваме за нула отпад и да ги споделуваме искуствата зашто само информирани и свесни граѓани може да донесат промени.

Повеќе конкретни примери за секојдневно намалување на домашниот отпад има на odnuladonula.mk и на нивната Facebook страна.

Ако се користат сите совети, колку може да се намали отпадот?

Навиките најчесто не се менуваат преку ноќ, па така ни отпадот нема веднаш драстично да се намали. Откако почнав да купувам намирници на мерење, наместо трипати, одам до контејнер еднаш неделно. Отпадот уште повеќе може да се намали со компостирање на органските остатоци: двор би било идеална локација, но има еден куп видеа и за компостирање во стан. Притоа, колку помалку отпад правиме, толку поздраво живееме и башка заштедуваме време и пари.

Колку помагаат новите технологии и сервиси како eBay или etsy?

Доколку се користат паметно – а не за да се наполни и онака полниот шкаф или шпајз со алишта и предмети што нема често да се користат – и тоа како може да ни ја „испразнат“ кантата за ѓубре. Самата Беа Џонсон кажа дека во тоа изобилство од разно-разни производи и услуги онлајн, успеала да си купи ептен евтини кожни чевли, па дури и да открие бренд на ранци со доживотна гаранција. Со оглед на тоа дека пазарот кај нас е мал, а идејата за нула отпад сè уште недоволно позната, ни фалат одредени типови на одржливо изработени производи за повеќекратна употреба со кои би можеле полесно да ги избегнуваме амбалажите. За мене, моите гастарбајтери се врската со тој „подобро снабден“ свет. Но, и понатаму мислам дека одржливоста на ваквиот животен стил лежи во ползувањето на домашната понуда и во поддржувањето на локалните производители и брендови. Длабоко сум убедена дека со тек на време и кај нас ќе се појават разградливи четки за заби и сунѓерчиња за садови, пелени за повеќекратна употреба… исто како што неодамна се појави менструалната чашка! Беа Џонсон вели дека гласаме со секое пазарење. Од нас зависи дали маркетите и понатаму ќе профитираат од навидум неопходните најлонски кеси или, пак, ќе ни нудат производи на мерење и точење или во разградлива амбалажа. Најпосле, за разлика од повеќето прашања што те мачат во оваа наша држава, ова можеш да го смениш – и тоа уште денеска.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии