Како крајот на интернет неутралноста во САД ќе се одрази во Македонија

Минатата недела Федералната комисија за комуникација, гласаше за укинување на одредбата која и овозможуваше регулирање на работата на интернет провајдерите. Ова засега не влијае никако на промените на законите во другите држави. Секако, постои опасност другите држави да го следат лошиот пример.

Агенцијата за електронски комуникации, вели дека Македонија ја следи европската регулатива која засега ја поддржува интернет неутралноста. Односно, во Македонија операторите кои обезбедуваат интернет услуги не смеат да блокираат, ограничуваат пристап, забавуваат пристап или одредена содржина, апликација или сервис.

Но, тука постои друг проблем. Можеби никој нема да може да ги регулира интернет брзините во Македонија, но што е со цената? Што ако провајдерите во САД решат дека сакаат повеќе пари од сервисите како Netflix, Amazon Prime и слично? Креаторите на содржина без сомневање преку повисока цена на сервисите ќе го поделат овој трошок врз своите корисници.

Еден од скриените проблеми е можноста за забавување на дел од сервисите. Така следните Hulu, Netflix или YouTube, можеби никогаш нема да успеат да се изборат со сегашните гиганти. Причината за ова не мора да биде недостатокот на иновација, туку договорите кои компаниите како Netflix ги имаат со провајдерите. Без интернет неутралност и можност за забавување, па дури и блокирање на содржини, дел од сегашните гиганти секако ќе се обидат да го злоупотребат тоа. Како последица, на пазарот нема да владеат инвациите, туку можноста за плаќање на подобар пристап.

Ниту Европа не е совршена

Сепак, ни Европа не е рај за интернет неутралноста. Во две држави членки, Португалија и Шпанија, не потполно е заштитена интернет неутралноста. Дополнително, законодавците и во Европа дозволуваат приоритет кај одредени сервиси, пример бесплатен пристап до Facebook или други сервиси.

Во Португалија интернет провајдерите нудат пакети за мобилен сообраќај со неколку сервиси кои се достапни за пониска цена. Корисниците кои ќе го купат овој пакет до останатите сервиси пристапуваат за повиска цена. Вакви интернет пакети се опасност и за фрагментација на интернетот.

Што е интернет неутралност?

Интернет неутралност е сет на мерки кои овозможуваат целиот интернет сообраќај да биде третиран еднакво. Без овие законски одредби, операторите  како Македонски Телеком, Телекабел и Неотел би можеле да одлучуваат што ќе боде достапно, што нема да биде достапно, колкав е приоритетот на некој податочен пакет и слично.

Овој принцип овозможува сообраќајот од MySpace, Facebook, Snap да биде третиран подеднакво. Истовремено гарантира дека видеото од Hulu, (интернет провајдер е сопственик на компанијата) ќе има ист приоритет со видеото од Netflix.

Интернет неутралноста забранува разделување на сообраќајот од креаторите на содржина на различни слоеви (ленти) кои би имале различен приоритет и брзина. Токму ова им овозможи на куп компании кои се креирани благодарение на интернетот да пораснат и да ги предизвикаат традиционалните компании.

Нема да биде прв пат провајдерите да забавуваат содржина

Промените и изземањето од надлежност на Федералната комисија за комуникации ќе овозможи провајдерите самите да се регулираат. Единствена обврска која ја имаат е за некаква транспарентност кога блокираат, приоретизираат, деградираат или забавуваат содржини.

Во 2014 година корисниците на Netflix од САД забележаа значително полош квалитет на сервисот. Netflix тогаш му плати на провајдерот за да добие подобра услуга. Причината за ова е што поради лошата услуга, сервисот почна да губи корисници.

Во 2008 година повторно Comcast се обиде да го запре и забави сообраќајот низ BitTorrent. Во 2011 AT&T го блокираше FaceTime.

Најавени тужби

Во САД веќе се најавени куп тужби. Куп групи кои ја поддржуваат неутралноста најавија или веќе поднесоа тужби, пренесе Verge. Засега не е сосем јасно кои би биле основите за овие тужби. Еден од можните основи е дека промената не е неопходна во овој момент. А тука се секако и манипулациите со јавното мислење во текот на прибирањето на мислења. Личните податоци на голем број корисници од Њујрок беа украдени и злоупотребени во овој процес. Јавниот обвинител има започнато истрага, но FCC засега не соработува.

Едно од можните решенија е промена на одлуката на FCC во конгресот на САД. Веќе има притисоци врз претставниците да ги започнат овие промени. Неколку конгресмени веќе најавија дека работат на резолуција за промени. Лоша вест е дека иако овој закон ќе помине со 50% поддршка (која најверојатно ќе биде достигната), Трамп може не го потпише законот. Во овој случај конгресот ќе мора да изгласа 2/3 поддршка што е тешко веројатно.

Но, иако на државно ниво промените можеби ќе бидат тешки, неколку федерални држави веќе најавуваат дека ќе предложат мерки за заштита на неутралноста. Законодавци од Калифорнија и Вашингтон се први кои се заложија да ги направат овие промени.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии